Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

str

Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКАОдбележување на 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост

ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица на 30.11.2017 г. со почеток од 18:00 часот во Дом на АРМ – Струмица организираше хуманитарна манифестација по повод одбележување на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На хуманитарната манифестација беа претставени креации од серијата креативни работилници кои ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица ги реализираше во текот на 2017 година. Присутните гости на манифестацијата, за симболична сума, ги купуваа ракотворбите и украсите, а парите собрани од продажбата на креациите ќе бидат искористени за опремување на Социјалниот Клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица со потребните дидактички материјали за работа. На настанот, исто така, беше организиран и натпревар во готвење на кој учествуваа членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, ученици од ООУ „Видое Подгорец” – Струмица и членови на Организацијата „Етно Вешта жена” – Струмица. Понатаму, следуваше мини-претстава на волонтери од Црвен крст, ученици од ООУ „Никола Вапцаров” – Струмица, перформанс на игроорци од Ансамбл „Тримери” – Струмица и претстава на ученици од ООУ „Видое Подгорец” – Струмица. Преку кратките претстави се пренесе порака за почитување на принципите на еднаквост, недискриминација, инклузија, праведност и солидарност. На крајот од последната претстава, на бината се приклучија и членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и преку песна за еднакви можности, заедно со своите другарчиња ја пренесоа пораката за еднаквост пред присутните. По завршување на програмата, официјално беше отворена изложбата, на која, покрај креациите изработени од членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, беа изложени и креации и изработки на Дневниот центар за деца со посебни потреби од Струмица и ООУ „Никола Вапцаров” – Струмица, како поддржувачи, партнери и пријатели на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. За победници на натпреварот во готвење беа прогласени и трите тима, бидејќи покажаа посветеност, умешност, креативност и способност за готвење.

ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост спроведе конкурс за ликовни и литературни творби на кој учество зедоа учениците од основното и средното образование на тема „Видете го детето, не попреченоста”. На 23-ти ноември членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар остварија средба со градоначалникот на општина Демир Хисар. На средбата се разговарање за досегашната успешна соработка со локалната самоуправа, но и за продолжување на истата во наредниот период. Под покровителство на градоначалникот на Општината, на 01.12.2017 година, во просториите на Социјалниот клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар се одбележа меѓународниот ден на лицата со попреченост. На одбележувањето присуствуваа претставник на градоначалникот на Општината, училиштата, наставници, професори, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, волонтери, родители и други граѓани. Во рамки на ова одбележување се прогласија најдобрите литературни творби од основното и средното образование на темата „Видете го детето, не попреченоста”. На наградените им беа доделени дипломи и скромни награди во книги што ги обезбедија ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и библиотеката при Домот на културата во Демир Хисар. Благодарници се доделија и на соработниците на организацијата кои со својот придонес ја унапредуваа работата на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар во изминатата година.

По повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово спроведе низа активности за негово одбележување. На 01.12.2017 во ООУ „Лирија” се реализираше настан на кој на почетокот се даде осврт на значењето на меѓународниот ден на лицата со попреченост, проследен со културно уметничка програма, а беше поставена и изложба од слики и предмети изработени од учениците од посебните паралелки. На истиот ден, во ООУ „А.С. Ќикиш” учениците од посебните паралелки организираа изложба на предмети и слики изработени од учениците. Корисниците на дневниот центар за деца со посебни потреби во Тетово реализираа одбележување на 3 декември при што се разговараше за меѓународниот ден на лицата со попреченост и неговото значење. Корисниците поставија изложба на ракотворби изработени во рамки на нивните активности. На 02.12.2017 година во спортската сала на Државниот Тетовски Универзитет беа одржани спортски игри, на кои учество зедоа учениците од посебните паралелки од училиштата во Тетово и Гостивар. На 04.12.2017 година на Филозофскиот факултет се одржа седница на која говореа Деканот на факултетот, потоа про-деканот и Шефот на катедрата за едукација и рехабилитација. Претставник од ИВЗ – Тетово на сите ученици од посебните паралелки им додели пакет со прехранбени производи.

ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија го одбележа меѓународниот ден на лицата со попреченост со работен состанок на тема „Трансформација кон одржливо и прилагодливо општество за сите”. На состанокот учествуваа претставници на голем број чинители на локално ниво кои делуваат во полето на попреченоста. Се потенцираше значењето од успешна имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во сите аспекти од живеењето со посебен осврт на самостојно живеење и вклученост во заедницата, пристапни сервисни служби во местото на живеење, образование, здравство и вработување. Во просториите на социјалниот клуб беа изложени рачни изработки на корисниците. За значењето на меѓународниот ден на лицата со попреченост беше информирана и јавноста преку локалните медиуми.

ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар организираше јавна трибина на која учество зедоа претставници од локалната самоуправа, јавните институции на локално ниво, претставници од невладини организации и соработници од Република Албанија. Трибината започна со презентација на спроведените активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар во текот на годината од страна на претседателот и секретарот на организацијата која беше поддржана со видео презентација и документарен филм за правата на лицата со интелектуална попреченост. За време на трибината се претставија и ученици од ООУ „Саид Најдени” со пригодна програма. Трибината се искористи да се разговара за актуелните потреби на лицата со интелектуална попреченост на локално ниво и да се разменат искуства со соработниците од Албанија. На крајот присутните имаа можност да ја погледнат поставената изложба со ракотворби од лицата со интелектуална попреченост.

ЦПЛИП – ПОРАКА Битола со низа активности го одбележа 3 декември. На 01.12.2017 година во ООУ „Ѓорги Сугарев” членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола имаа можност да присуствуваат на уметничка програма подготвена од учениците и воедно, дел од нив, да се потсетат на деновите поминати во училиштето. Во просториите на социјалниот клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола беше организирана изложба на ракотворби од лицата со интелектуална попреченост. Во одбележувањето на овој ден свој придонес во храна и пијалаци дадоа Пекара Александар, Паб Конект, Аурум, ГТ слаткарница, Оскар ресторан. На 5.12.2017 година во соработка со Црвениот крст на Битола, во просториите на социјалниот клуб се одржа крводарителна акција. Соработката со Црвениот крст продолжи и во следните денови со реализација на неколку работилници за изработки на Новогодишни честитки и украси.

ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка, на 01.12.2017 година во спортската сала на ООУ „Христијан Тодоровски Карпош” го одбележа 3 декември. На настанот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, центарот за социјална работа, ученици и наставници од основните училишта и родители на лица со попреченост. Корисниците на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост во Крива Паланка настапија со своја програма, а исто така и учениците од основните училишта. За време на настанот Претседателот на ЦПЛИП -ПОРАКА Крива Паланка ги додели дипломите на наградените ученици кои учествуваа во конкурсите за ликовни и литературни творби. Како и секоја година, така и оваа претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка посетија неколку семејства со членови со интелектуална попреченост.

Во рамките на програмата за одбележување на 3 декември, претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница, на 01.12.2017 година оствари средба со градоначалникот на Општината на која се разговараше за потребите и проблемите со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства на локално ниво, а воедно беше потенцирана и потребата од отворање на сервисни служби во местото на живеење. На 04.12.2017 година, ЦПЛИП – ПОРАКА Виница и Дневниот центар за лица со попреченост во Виница организираа изложба на рачни изработки на корисниците. Присутни на изложбата беа градоначалникот на општина Виница, претставници на Црвениот крст, „Мак Прогрес” како и останати чинители на локално ниво. Изложбата беше медиумски покриена од локалните медиуми. На 6.12.2017 Унијата на жени на општинскиот огранок на една од политичките партии организираше неколку часа дружење на лицата со попреченост во пицерија „Ричи”.

Корисниците на дневниот центар на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш на 30.11.2017 ја посетија работилницата за правење на накит во сопственост на КИАЦ – Центар и имаа можност да се запознаат со разните материјали за изработка на накит, но и со самиот процес на изработка. На 01.12.2017 во просториите на дневниот центар се одржа настан за одбележување на 3 декември. На настанот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, Заменик генералниот директор на Рудникот Бучим, претставници од јавните институции, невладините организации и родители на лица со интелектуална попреченост. Оваа средба беше искористена повторно да се истакнат потребите и проблемите на лицата со интелектуална попреченост на локално ниво, но и да се претстави работата на дневниот центар и бенефитите од ваквите видови на сервисни служби. ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш додели благодарници до општествени институции и поединци кои во текот на годината дале свој придонес во работата на организацијата и сервисната служба. Членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш се вклучија во активност на Етно вешта жена што се реализираше во Струмица на 26.11.2017 година, а собраните средства од манифестацијата ќе бидат наменети за лицата со интелектуална попреченост од Струмица и Радовиш.

ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје организираше низа активности за одбележување на 3 декември. На 29.11. во „ВИП Арена Борис Трајковски” се организираше спортска активност куглање, а на 30.11 и 05.12 со поддршка на Град Скопје се реализираа спортски активности во спортската сала на ГУЦ „Здравко Цветковски”. На 01.12. корисниците на Дневните центри на ПОРАКА Скопје учествуваа на работилница со учениците од ПСУ „Јахја Кемал”. На 03.12. се одржа перформансот „Бакнати од сонцето” подготвен и режиран од Театар Пи, а изведен од актери, корисници на дневните центри на ПОРАКА Скопје. Перформансот се одржа на сцената во Мала Станица, а на крајот се доделија благодарници до соработниците и поддржувачите на активностите на ЦПЛИП -ПОРАКА Скопје. Воедно дел од членовите на организацијата учествуваа на тематската расправа „Трансформација кон одржливо и прилагодливо општество за сите” организирана од НСИОМ. Исто така на 03.12. корисници на дневните центри на ПОРАКА Скопје заедно со еден од едукаторите се вклучија во активноста организирана од Владата на РМ, под покровителство на Премиерот Зоран Заев. Претставници на ЦПЛИП -ПОРАКА Скопје зедоа учество на НВО Саемот на Град Скопје кој се одржа на 06.12. поддржан од Град Скопје, а организиран од Волонтерски центар Скопје. Корисниците на дневните центри на ПОРАКА Скопје заедно со ученици од Гимназијата НОВА реализираа работилница за изработка на декоративни предмети.

По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица, во соработка со Центарот за социјална работа, а под мотото „И ние сме исти како вас, не гледајте не со други очи” организираше трибина чија единствена цел беше подигнување на свеста кај граѓаните на Македонска Каменица за потребата од прифаќање на лицата со попреченост во општеството и нивен еднаков третман. Членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица со делење флаери се вклучија во подигнувањето на јавната свест на сограѓаните за демаргинализирање на лицата со попреченост. Флаерите содржеа информации за важноста на 3 декември. Се спроведоа и работилници за изработка на честитки и ракотворби во соработка со средношколците од СОУ „Миле Јаневски – Џингар”.

ЦПЛИП – ПОРАКА Штип на 30.11.2017 во Народната библиотека „Гоце Делчев” организираше изложба на ракотворби и цртежи на членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип. Изложбата беше збогатена со музички и сценски настап на лицата со интелектуална попреченост, членови на школата за фолклор при Академијата ЕУРО АРТ. Претседателот на ЦЛПИП – ПОРАКА Штип ја потенцираше потребната поддршка за лицата со интелектуална попреченост да се вклучат во сите сфери на секојдневното живеење, а воедно додели благодарници на поддржувачите на организацијата. На 01.12.2017 во просториите на ЗИО – Штип се организираше средба со претставници на локалната власт. За време на оваа средба се разговараше за потребите на лицата со попреченост како би се вклучиле во редовните општествени текови како рамноправни граѓани. Дел од корисниците на социјалниот клуб присуствуваа како гости на доделувањето на награди за најдобро напишана литературна творба на тема „Мојот пријател инвалид” во ООУ „Димитар Влахов”. Сите активности беа проследени од локалните медиуми.

ЦПЛИП – ПОРАКА Велес, како и секоја година, по повод 3 декември, традиционално учествува на Ликовната работилница во ПОУ „Маца Овчарова” – Велес, која е од инклузивен карактер и се организира на државно ниво. Исто така, десет деца со интелектуална попреченост, челнови на ЦПЛИП -ПОРАКА Велес, кои во изминатите месеци посетуваа часови по модерен танц во балетското студио „Анабела” беа дел од претстава со која се претставија пред градоначалникот на општината и велешката публика по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост.

ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп организираше гастрономска работилница предводена од професионалните готвачи Зоран Карапеев и Зоран Крстески. На 01.12.2017 година, ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп заедно со ПОУ „Климент Охридски” и Здружението на македонски книжевници го одбележаа 3 декември. Настанот се одржа во ПОУ „Климент Охридски” на кој учествуваа претставници на локалната самоуправа, училиштата, јавните институции и други заинтересирани граѓани. Двата настани беа медиумски покриени.

strradppmkbt