Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

IMG_8259

Активности на НСИОМ и МИМЈавна дебата за зајакнување на механизмите за соработка меѓу организациите на лицата со попреченост, новинарите и надлежните институции

На 16 септември 2021 година, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија организираа јавна дебата посветена на зајакнување на механизмите за соработка меѓу организациите на лицата со попреченост, новинарите и надлежните институции. Јавната дебата беше организира како завршен настан на проектот „Партнерство, застапување и комуникација за ефикасна инклузија на лицата со попреченост“, што го спроведуваат МИМ и НСИОМ, со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас.

Јавната дебата опфати три панел-дискусии:

1.  Предизвици и перспективи во секторот за социјална заштита и социјални услуги;

2.  Кон инклузивно образование – клучни чекори за обезбедување на образование за сите деца; и

3.  Приоритети за обезбедување ефективна здравствена заштита за сите деца и лица со попреченост.

Панел-дискусиите беа модерирани од страна на искусни новинари, а во секој панел имаше еднаква застапеност на претставник на соодветното министерство, претставник на национална организација на лица со попреченост и новинар/уредник на медиум. Претставниците на министерствата ги презентираа тековните и планираните активности поврзани со унапредување на правата на лицата со попреченост, додека претставниците на организациите се осврнаа на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост во областите на социјална заштита, образование и здравствена заштита. Исто така, претставниците на медиумите дадоа свои видувања за приоритетите во трите области.

РЦПЛИП – ПОРАКА, како членка на НСИОМ, активно учествуваше во организирањето и реализацијата  на јавната дебата. Генералниот секретар д-р Василка Димоска Де Јонг учествуваше со презентација на првиот панел, а програм-скиот менаџер Владо Крстовски учествуваше во отворањето на дебатата, со воведно обраќање во име на НСИОМ.

Јавната дебата понуди можност за разговор меѓу засегнатите страни како заеднички да придонесуваат за подобро прифаќање на лицата со попреченост и остварување на нивните човекови права. Сите присутни се сложија дека промената на јавните перцепции и разбивањето на предрасудите кон лицата со попреченост е една од основните приоритетни области за дејствување. Јасно и зошто:  ако сакаме на попреченоста да се гледа како на тема од човековите права, тогаш мораме континуирано да придонесуваме за афирмирање и за прифаќање на основното право на лицата со попреченост да живеат во рамките на заедницата и целосно да учествуваат во нејзиниот социјален, културен, политички и економски живот.

Подигањето на јавната свест за правата на лицата со попреченост во голема мера зависи од начинот на кој медиумите ги портретираат лицата со попреченост и известуваат за прашањата што се поврзани со нивните човекови права. Затоа, многу е важно сите други чинители да ги поддржат медиумите. Во целиот тој процес, подеднакво место имаат граѓанските организации на лицата со попреченост, државните институции, оние што креираат и оние што спроведуваат политики, и самите медиуми. Сите овие се битни актери во создавањето на инклузивни општества за лицата со попреченост и затоа е од суштинско значење да ги здружат силите и да воспостават меѓусебна соработка. Сепак, таа соработка е честопати проблематична и како да постои врска што недостига, што всушност претставува недоволно разбирање и несоодветна комуникација.

Затоа, главниот заклучок од дебатата е дека соработката меѓу организациите на лицата со попреченост, новинарите и надлежните институции мора да се негува, и мора да се  воспостават одржливи врски во функција на поефикасно застапување на правата на лицата со попреченост.

IMG_8430IMG_8336IMG_8266IMG_8259IMG_8241IMG_8160