Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

popis

Активности на РЦПЛИП – ПОРАКАДали пописот на населението во Република Северна Македонија ќе обезбеди корисни статистички податоци за лицата со попреченост?

Според статистичките податоци на Светската здравствена организација, 1% до 3% од вкупната светска популација се лица со интелектуална попреченост. Во Република Северна Македонија не постојат точни статистички податоци за бројот на лица со интелектуална попреченост. Постојат статистички прегледи кои ги опфаќаат лицата со интелектуална попреченост како корисници на одредени права, најчесто од социјална заштита, но тие не даваат ниту приближна слика, затоа што голем број лица (особено со лесна интелектуална попреченост) не користат никакви права од социјална заштита. Граѓанските организации покренаа иницијативи да се установи практика за евидентирање на лицата со попреченост во рамки на пописот на населението. Оваа година, Република Северна Македонија ја реализира најсложената статистичка операција во една држава, односно го спроведува пописот на населението. Пописот започна на 5-ти септември 2021 година и ќе трае до крајот на месецот, а потоа во наредните месеци ќе следи обработката на добиените податоци.

За таа цел, Националното координативно тело за следење на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост организираше работен состанок со директорот на Државниот завод за статистика, кој се одржа на 27-ми август 2021 година. На состанокот присуствуваа претставници од Националното координативно тело, претставник од Народниот правобранител, претставници од Националниот механизам за мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, претставници на РЦПЛИП – ПОРАКА.

РЦПЛИП – ПОРАКА смета дека краткиот сет на прашања на Вашингтонската група не се соодветно адаптирани и применети во образецот за претстојниот попис, иако истите се препорачани од страна на Обединети нации за употреба при големи статистички операции (како што е пописот на население).

РЦПЛИП – ПОРАКА го актуелизираше ова прашање на почетокот на 2021 година пред Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Преку НКТ беше направен обид да се укаже на Државниот завод за статистика за несоодветноста на постојните прашања, но за жал, беше добиен негативен одговор дека подготовките за пописот се во завршна фаза и дека е доцна за промени во образецот за попис.

Истиот став го дели и Народниот правобранител, односно, итно да се направи корекција, промена, односно подобрување на содржината на Прашалниците кои ќе се користат при реализирање на претстојниот попис, при што сериозно ќе бидат земени предвид мислењата, забелешките и сугестиите дадени од организациите кои се дел од механизмот за мониторинг. Директорот на Државниот завод за статистика кажа дека пописот претставува најмасовна статистичка акција преку која се прибираат голем број на податоци за единиците кои се предмет на попишување. Во таа смисла, не постои можност да се приберат сите барани податоци од различни категории субјекти, бидејќи на тој начин значително ќе биде оптоварена самата статистичка пописна акција. Со пописот се планира да бидат прибрани сет на податоци кои се однесуваат на наведената категорија на лица, преку што ќе може да се креираат бази на податоци во кои понатаму, преку конкретизирање на соодветно статистичко истражување, ќе може да се приберат поголем сет на податоци со потребен квалитет на наведените категории лица.

РЦПЛИП – ПОРАКА останува на својот став дека прашањата кои се однесуваат на лицата со попреченост треба да бидат соодветно адаптирани за да послужат на целта – добивање употребливи статистички податоци за креирање ефикасни политики за унапредување на правата на лицата со попреченост.