Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

mk2

Активности на РЦПЛИП – ПОРАКАОтворен социјален клуб за лица со интелектуална попреченост во Македонска Каменица

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Македонска Каменица доби нови простории во центарот на градот во кои, покрај седиштето на организацијата, ќе функционира и социјален клуб за лица со интелектуална попреченост.

Со поддршка на општина Македонска Каменица, која го додели просторот, и Рудникот САСА, кој даде донација за адаптирање и опремување, на 17.09.2018 година во Македонска Каменица се отвори социјален клуб за лица со интелектуална попреченост. На отворањето присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, како и претставници на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, претставници на локалната и централната власт, родители на лица со интелектуална попреченост и други заинтересирани граѓани.
Д-р Василка Димоска, Генерален секретар на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост истакна дека отворањето на овие простории ќе значи голема дружба и работа на родителите, но пред се ќе се користи како социјален клуб во кој неколку пати во неделата лицата со интелектуална попреченост ќе може да доаѓаат и заедно со волонтери активно да бидат вклучени во различни видови на активности. Д-р Димоска, воедно нагласи „После толку години во Каменица се отвори просторија за овие лица кои ќе може да бидат поактивни. Без разлика дали тоа ќе бидат креативни активности, планирање на социјални активности или активност на самите волонтери, на родителите и лицата, ова е голем чекор напред за општина Македонска Каменица во однос на поддршка на овие лица и нивните семејства, а со тоа и во насока на остварување на нивните човекови права како рамноправни граѓани на ова општество.
Градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, го искажа своето задоволство од отворањето на овој клуб во градот. Поддршката од општина Македонска Каменица несебично ќе продолжи, а нашата претходна соработка со ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица понатаму ќе биде поинтензивна. Оваа година општината издвои и средства од буџетот за поддршка и овде се надевам дека наскоро ќе се организираат многу работилници и заеднички проекти”, рече Стаменкова.
Истиот ден, Министерството за труд и социјална политика отвори дневен центар за лица со интелектуална попреченост во Македонска Каменица. Центарот е со површина од 200 квадратни метри и има просторија за рехабилитација. Дневниот центар е отворен и ќе го посетуваат 16 лица со интелектуална попреченост од Македонска Каменица.

mk4mk2mk1