Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

bitola vnatre

Активности на РЦПЛИП – ПОРАКААктивности на сервисните служби во мрежата на РЦПЛИП – ПОРАКА

Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

Програмските активности во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА Скопје се спроведуваат согласно предвидената програма доследно следејќи ги протоколите за работа во дневните центри за деца/лица со попреченост. Изминатиот период се зголемува и бројот на физички присутни корисници во дневните центри, а дел од нив и понатаму онлајн ја следат адаптираната програма за психосоцијална поддршка во домашни услови.

Во рамки на практичните активности кои се реализираат со корисниците во дневниот центар практикуваме активности за подготовка за самостојно живеење, преку разговор и практични примери. Важноста и придобивките кои произлегуваат токму од постојаното секојдневно повторување на ваквите активности се големи. Покрај редовните активности, во изминатиов период се реализираа и неколку работилници на кои преку разговори и изработување на ракотворби се одбележуваа значајни датуми и празници: Бадник, Божиќ, Св.Трифун, Св.Валентин, 8 Март, денот на пролетта.

Под мотото “Секој има право на чиста и здрава околина“ и “Да ја заштитиме природата“, а во рамки на предвидените практични активности кои се реализираат со корисниците во дневниот центар, во месец март беа одржани неколку работилници на овие теми. Со цел да ја развие свеста кај корисниците во поглед на намалување на загадувањето и зачувување на чиста и здрава околина се правеа обиди за селектирање отпад и на истиот да му се даде друга намена. Голем број пластични капачиња, шишиња, картони и искористена хартија се претворија во различни декорации во облик на вазни, подметнувачи и свеќници.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

Секојдневните активности во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип се реализираат според предвидената програма за работа. Покрај редовните активности, во изминатиот период се реализираа и неколку активности во соработка со соработниците на дневниот центар. На покана на Општина Штип, дневниот центар зеде учество на Новогодишниот базар, што го организираше Општина Штип на Плоштадот „Слобода“. Корисниците имаа можност да ги изложат своите рачни изработки на поставените штандови, а воедно да ги престават своите активности во дневниот центар. Студиото за фитнес BFit во своите простории организираше забава со хуманитарен карактер, а присутните имаа можност да си купат рачни изработки направени од корисниците. На 18 јануари, неколку членови на Bfit го посетија дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип и донираа спортска опрема. Опремата беше купена од собраните средства во текот на новогодишната забава.

Во средината на февруари 2022 година Вера Цафовска, корисник на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип, учествуваше на работилница „Обука за превенција и заштита од пожари“. Обуката е дел од проектните активности што ги реализира општина Карбинци во соработка со општина Благоевград од соседна Бугарија. „Се беше јасно и убаво објаснето за справувањето и заштитата од пожар. Најинтересно ми беше што надвор пробавме како се активираат ПП апаратите. Сè ова ќе го пренесам во дневниот центар“, беше кажано од Вера на крајот од обуката.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Непречено се реализираат сите предвидени програмски активности и во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш следејќи ги протоколите за работа.

Корисниците беа вклучени во заеднички концерт со фолклорниот ансамбл Китка што се одржа во Центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш. За прв пат облечени во народни носии, донација од Николајчо Николов, корисниците се приклучија во изведувањето на неколку македонски ора.

Традицијата на Николајчо Николов за прославување на својот роденден со корисниците на дневниот центар продолжи и оваа година. Корисниците возвратија со скромен подарок и лично изработени роденденски честитки во кои ги напишаа роденденските желби за нивниот најголем пријател.

Затоплувањето на времето се искористи за реализирање на уште еден вид практични активности. Корисниците со големо задоволство излегоа во дворното место за да го исчистат и уредат надворешниот простор на дневниот центар. Оваа активност е нешто што корисниците секогаш со задоволство го реализираат.

Почетокот на месец март беше одбележан со активности за одбележување на почетокот на пролетта и ново будење на природата. Креативниот труд на корисниците за изработката на мартинки беше наградено со нивната продажба во просториите на СОУ „Коста Сусинов“ во Радовиш. Средствата од продажбата беа дадени на дневниот центар, а истите наменски ќе бидат искористени за реализација на други креативни работилници.

Во соработка со Краси Шаламанова од НВО „Нов живот“ во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш се организираше осмомартовска работилница за изработка на честитки и цветови по повод денот на жената.

На 14.3.2022 година Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Радовиш потпиша меморандум за соработка со ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш. Како дел од проектот „Волонтерска порака“ во периодот што следи планирани се заеднички активности со волонтерите од Клуб на млади на ООЦК Радовиш. Во рамките на проектот одржана е првата воведна обука за волонтерите со цел да се запознаат со предизвиците во работата со оваа целна група.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

Дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп  секојдневно ги реализира предвидените активности за стекнување и унапредување на практичните, когнитивните и социјалните вештини кај лицата со интелектуална попреченост, корисници на оваа сервисна служба. Оваа година започна со активности насочени за одбележување на Божиќните празници преку  реализација на практични работилници. Се изработуваа бадникови гранчиња кои им беа подарени на вработените во старата општинска зграда во која се наоѓа дневниот центар и на семејствата на корисниците.

Од месец февруари секојдневно се спроведуваат активности за развивање и унапредување на вештините за самостојно живеење. Преку користење на електрични апарати и рачни помагала имаат можност искуствено да ја увидат практичната примена. Целта на овие активности е да се поттикнат корисниците за нивна поголема вклученост и во рамките на домот и самото семејно функционирање.

Во февруари на социјалните мрежи беше промовиран и зумба видео запис  „ЗА ИГРИ БЕЗ ГРАНИЦИ“, кое наиде на позитивни реакции од средината.

По повод денот на лицата со Даунов синдром, Лајонс клуб Прилеп го посети дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп. Корисниците заедно со гостите реализираа работилница за животни вештини, односно секојдневни активности поврзани со домаќинството, со цел помош при оспособување на лицата со попреченост за самостоен живот. Потоа, корисниците имаа можност да слушнат и да разговараат за здрава исхрана со нутриционист и доктор. На крајот се дегустираше сè што заеднички се подготви во текот на работилницата. Целта на акцијата беше подигање на свеста за една категорија на луѓе кои се невидливи и на маргините во нашето општество. Беше дониран прибор за домаќинство од компанијата Вал-Хоме Сторе, свежо овошје и зеленчук од Маркет Ирнекс и перници за спиење. Благодарност за сите што учествуваа во овој прекрасен настан.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

Работните активности во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница се одвиваат два пати неделно преку разни активности за стекнување на практични, когнитивно-едукативни и социјални вештини. Истите се спроведуваа преку разговори и практични примери.

Во измантитот период се реализираа и работилници со ученици од ООУ „Гоце Делчев“ и СОУ „Ванчо Прке“ од Виница на различни теми. Една од тие работилници беше за рачни изработки во духот на новогодишните и божиќните празници. Изработките беа дел од Божиќна хуманитарна продажба, а собраните средства ќе се користат за набавка на материјали за работа во социјалниот клуб. На почетокот од месец март, повторно во соработка со истите училишта, се реализираа и креативни работилници на теми за 8 Март, денот на жената. Изработените хартиени цветови, корисниците на социјалниот клуб заедно со ученици кои учествуваа на работилниците, ги делеа на жените кои случајно минуваа во центарот на Виница.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

Дел од активностите на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола во изминатиов период беа насочени кон одбележување на големите верски празници Бадник, Божик, Василица. За секој од овие празници се раскажуваа традициите и обичаите поврзани со нив, а се гледаа и едукативни видео клипови. Се реализираа и неколку тематски работилници користејќи најразлични материјали за креирање на рачни изработки, подготовки за изработка на пролетни украси и  цветови.

Редовно се реализираа работно окупациони активности, односно активности за стекнување вештини за самостојно живеење и спортско-рекреативни активности за унапредување на физичкото здравје на корисниците, користејќи ги справите за вежбање во социјалниот клуб. Постојаните едукативни работилници беа насочени кон одржување на личната хигиена, хигиената во центарот, со доделување задачи на корисниците за одржување и внимавање на нивните лични работи.

Се реализираа и неколку креативни работилници по повод 8 Март. Се работеа хартиени цветови, се изработуваа цртежи на оваа тема, се цртаа и боеја стаклени тегли и шишиња како украси за 8ми Март.

Овие изработки корисниците, потоа по повод празникот, ги подаруваа на  дел од соработниците на социјалниот клуб. Исто така, по повод 8 Март, се реализираше и креативна работилница со ученици од ООУ „Трифун Пановски“ во Битола на која се изработуваа цвеќиња и подароци за мајките.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица редовно спроведува активности со кои корисниците ги стекнуваат и унапредуваат, практичните, когнитивните и социјалните вештини. Во изминатиот период продолжи и соработката со другите организации и активни чинители во општина Струмица. ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, заедно со Europe House Струмица и средношколци од Струмица, организираа заедничка новогодишна работилница, на која се изработуваа стаклени чаши со цртежи со новогодишни мотиви, како и други новогодишни украси.

Во соработка со Општина Струмица, социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица беше дел од новогодишниот базар кој беше организиран на Плоштадот во градот. Собраните средства од продажбата, ќе бидат наменети за набавка на материјали потребни за реализирање на активностите во социјалниот клуб.

На 13-ти јануари 2022 година во просториите на социјалниот клуб се подготви заеднички бадников ручек и кршење на бадникови лепчиња, а корисниците беа изненадени со подарок торби со млечни производи од „ЈОКА“ – Струмица, кој е долгогодишен поддржувач на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица.

Во следниот период се организираа низа креативни работилници на теми од празниците во тој период. Корисниците твореа на теми за Св.Трифун и Св.Валентин изработувајќи гроздови, лозје, срциња, како и декорирање на чаши и шишиња за вино и ракија. Следеа и креативните работилници за изработка на карневалски маски со кои корисниците учествуваа на Струмичкиот карневал.

Овој 8 Март корисниците на социјалниот клуб ја пренесоа пораката за вклучување на правата на девојчињата и жените со попреченост во родовите политики и програми на национално и локално ниво, да се промовираат афирмативни мерки, како и мерки за зголемување на пристапот до редовните сервиси и разумно прилагодување за сите жени и девојчиња со попреченост.

stipskopjeradovisprilepbitola vnatrevinicastrumica