Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

Национална кампања за поддршка на лица со интелектуална попреченост “Не ја тестирајте само Вашата интелигенција, тестирајте ја Вашата човечност”

Во рамките на 2003 – Европска година на лицата со попреченост, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, во соработка со маркетинг агенцијата ИДЕА Плус ДДБ, реализира медиумска кампања за поддршка на лицата со интелектуална попреченост во Р. Македонија. Кампањата беше насочена кон пошироката јавност, како и кон институциите надлежни во оваа област. Кампањата вклучува ТВ спот, постер, летоци и city lights, материјал кој на чувствителен, хуман и креативен медиумски начин приоѓа кон главните области во кои се дејствува:

1. Социјална сигурност
2. Образование за сите и можност за вработување
3. Здравствена заштита и рехабилитација
4. Деинституционализација – алтернативни сервисни служби во местото на живеење.

Со мотото “ Не ја тестирајте само вашата интелигенција, тестирајте ја вашата човечност ”, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА ја реализира кампањата за: разбивање на предрасудите и градење на позитивна слика, истакнувајќи го потенцијалот и можностите на лицата со интелектуална попреченост . Повикувајќи ја совеста на граѓаните и на институциите на системот, оваа кампања наведува на промена на ставовите, креирање на политика за изедначување на можностите на лицата со интелектуална попреченост и насочува на разграничување помеѓу ментална болест и интелектуална попреченост.

Кампањата е поддржана од канцеларијата ГТЗ – македонско–германска техничка соработка, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за здравство, а свој придонес дадоа СЕТ Компјутери, EURO LINIJA и Image PR. Советот за радиодифузија, оценувајќи го карактерот на кампањата како поширок јавен интерес, овозможи медиумско покривање на кампањата од страна на националниот сервис.

Поздравувајќи ја хуманата акција, во оваа кампања се вклучи и светски познатата музичка ѕвезда Moby, отстапувајќи го правото на користење на мега-хитот “Porcelain” од албумот “Play”, како музичка позадина на ТВ спотот.

Заради подобро информирање и достапност на целите на кампањата за поддршка на лицата со интелектуална попреченост “Не ја тестирајте само вашата интелигенција, тестирајте ја Вашата човечност”, РЦПЛИП – ПОРАКА ги отпечати летоци за јавно информирање и на јазиците на пет етнички заедници кои живеат во Р. Македонија (албански, турски, ромски, влашки и српски јазик).

Дистрибуцијата на летоците се спроведе во соработка со локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА и ги опфати примарната целна група (широката јавност – граѓаните) и секундарната целна група (донесувачи на одлуки: Собрание, Влада, владини тела и институции, образовни институции, медицински центри, центри за социјална работа итн.), со што секој доби можност да даде свој придонес за успешно реализирање и остварување на целите на кампањата.

Во периодот околу 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, дел од летоците беа инсертирани во дневните весници Утрински весник, Дневник, Roma Times и Fakti.

Една од предвидените активности во рамките на кампањата – креирање на веб-страна, беше реализирана со поддршка од СЕТ компјутери. Адреста на веб-страната, која содржи информации за организацијата, целите, принципите на делување, како и програмските и проектните активности, e www.poraka.org.mk .

Македонски пошти, во соработка со РЦПЛИП – ПОРАКА, како свој придонес во реализацијата на кампањата, изготвија пригоден поштенски печат со логото на 2003 – Европска година на лицата со попреченост.

На 25-ти Ноември 2003 година, како завршен дел на кампањата, беше организирана Национална конференција “ЕДНАКВИ ПРАВА – ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ”, на која се направи согледување на промените во законодавството, актуелната состојба и практична примена во однос на остварување на основните човекови права на лицата со интелектуална попреченост во Р. Македонија во текот на 2003 година. Преку 100-те учесници ги преточија донесените заклучоци во ДЕКЛАРАЦИЈА која е основа за креирање на мулти-дисциплинарен акционен план за интеграција, достапност и подобрување на социјалните и економските можности за лицата со интелектуална попреченост во Р.Македонија.

На конференцијата “ЕДНАКВИ ПРАВА – ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ” беше извршена промоција и презентација на меѓународните документи “АГЕНДА 22” и “Шведски искуства” во однос на децентрализацијата на системот на грижа и заштита на лицата со интелектуална попреченост.

Поттикнат од кампањата, во акцијата самоиницијативно се вклучи кумановскиот сликар проф. Тане Атанасовски – Гарски, кој како свој придонес подари 40 дела и помогна во организирањето на добротворната продажна изложба на делата во Куманово. Средствата од продадените слики се наменети за оформување на дневен центар за лица со интелектуална попреченост во Куманово. За таа цел, на 27-ти Ноември 2003 беше организирана Аукција во Музејот на град Скопје. На Аукцијата свечено беа доделени плакети и благодарници на оние поединци, институции и организации кои ја поддржаа РЦПЛИП – ПОРАКА и дадоа свој придонес во остварувањето на целите на кампањата.

По повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА организираше изложба на детски цртежи и ракотворби. На изложбата учествуваа деца и адолесценти со и без попреченост од цела Македонија, а најуспешните беа соодветно наградени. Изложбата беше поставена во холот на Домот на хуманитарни организации “Даре Џамбаз” во Скопје во периодот од 25-ти Ноември до 15-ти Декември 2003 година.

Во текот на 2003 – Европска година на лицата со попреченост, тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА пружи директна поддршка на локалните организации при промовирањето и при спроведувањето на кампањата на локално ниво.

Во скоро сите локални организации се спроведоа акции за широка дистрибуција на материјалите, како и активности кои беа насочени кон одбележување на Европската година на локално ниво, а во соработка со локалните телевизии беше обезбедено емитување на ТВ спотот.

Во рамките на кампањата, забележани се голем број настапи и изјави на тимот на РЦПЛИП –ПОРАКА- во електронските и пишаните медиуми, како и директни промоции и презентации на кампањата на семинари, советувања, конференции и јавни настани.