Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

logo jubilej 1

Одбележување на јубилеј50 години активно делување на РЦПЛИП – ПОРАКА

Во 2013 година се навршуваат 50 години на активно делување на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.

РЦПЛИП – ПОРАКА е оформен на 3-ти Јуни 1963 година, како Сојуз на друштва за помош на ментално ретардирани лица на Македонија. Во 1998 година го менува називот во Републички центар за помош на лица со ментален хендикеп – ПОРАКА, а во 2003 година го добива називот кој го носи до денес – Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.

Во изминатите 50 години, РЦПЛИП – ПОРАКА, како матична организација на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија, е носител на бројни иницијативи чија цел е создавање на општество во кое сите лица со интелектуална попреченост и нивните семејства ќе имаат достоинствен живот.

Како мрежа од локални организации низ целата држава, водена од посветени професионалци и родители на лица со интелектуална попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА придонесува во креирањето на сите позначајни закони, политики и програми во Република Македонија кои се однесуваат на човековите права на лицата со интелектуална попреченост и нивното остварување на национално и на локално ниво.

Големиот број на успешно реализирани редовни програмски задачи, посебни програми, проекти и оформени сервисни служби, говорат за делувањето и функционирањето на РЦПЛИП – ПОРАКА како важен чинител во процесот на изедначување на можностите на лицата со интелектуална попреченост.

Развојниот пат на РЦПЛИП – ПОРАКА од половина век е секако нешто што е достојно за почит. Поради тоа, во 2013 година РЦПЛИП – ПОРАКА ќе преземе активности со кои соодветно ќе биде одбележан овој голем јубилеј. Целта на овие активности ќе биде да се афирмираат постигнувањата, како основа за понатамошна успешна работа.

Исто така, во рамките на одбележувањето на јубилејот, а како своевидно заокружување на 50-годишното делување, РЦПЛИП – ПОРАКА подготвува неколку значајни активности како што се: истражување и анализа за состојбите во Република Македонија во однос на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, иницијативи за оформување на пилот сервисна служба за рана интервенција и иницијатива за оформување на уште еден дневен центар за адолесценти и возрасни лица со интелектуална попреченост во Скопје.