Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

k1

Одржана дваесеттата сесија на Комитетот за правата на лица со попреченостРазгледување на иницијалниот извештај на Република Македонија

На 27.8.2018 година во Женева, започна дваесеттата сесија на Комитетот за правата на лица со попреченост, на која се разгледуваа извештаите на Алжир, Бугарија, Малта, Филипини, Полска, Јужна Африка и Македонија.

Комитет за правата на лицата со попреченост
Комитетот за правата на лица со попреченост е тело составено од 18 независни експерти кои ја следат имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Членовите на Комитетот делуваат независно, не како владини претставници. Се избираат од листа на лица кои се номинираат од страна на државите на Конференција на државите потписнички за мандатен период од четири години со можност за еден повторен избор (член 34 од Конвенцијата).

Како функционира Комитетот за правата на лица со попреченост?
Сите држави потписнички се обврзани да поднесуваат редовни извештаи до Комитетот за тоа како се имплементираат правата содржани во Конвенцијата. Државите првично мора да поднесат извештај во рок од две години од ратификувањето на Конвенцијата, а потоа на секои четири години. Комитетот го разгледува секој извештај и дава предлози и општи препораки на извештајот. Ги препраќа овие препораки, во форма на заклучни согледувања, до соодветната држава потписничка.
Комитетот се состанува во Женева на јавни сесии. За време на овие сесии, Комитетот повторно ги разгледува извештаите на соодветните држави потписнички, одржува интерактивен дијалог со државните делегации и дава препораки за чекорите кои треба понатаму да се преземаат со цел унапредување на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лица со попреченост.

Дваесетта сесија на Комитетот за правата на лица со попреченост
Комитетот за правата на лица со попреченост, на 27.8.2018 година во Женева, ја започна дваесеттата сесија, на која ги разгледува извештаите на Алжир, Бугарија, Малта, Филипини, Полска, Јужна Африка и Македонија. Исто така, се започнува со вториот циклус на разгледување во рамките на поедноставената постапка за известување со усвојување на листа на прашања пред да се известува за Австрија, Азербејџан, Германија, Монголија и Шведска; воедно треба да се усвои и листа на прашања за иницијалниот извештај на Ирак.
Комитетот, исто така, планира да го унапредува нацртот на општиот коментар бр.7 за членовите 4.3. и 33.3. Во оваа смисла, земајќи во предвид Денот на општата дискусија што се одржа на 11 јуни 2018 во Њујорк за време на Форумот на граѓанското општество во склоп на Конференцијата на држави потписнички, Комитетот одржа два јавни настани за да даде можност граѓанското општество да даде коментари за нацртот на општиот коментар бр.7. На 31 август Комитетот организираше одбележување на 10 годишнината од активностите на Комитетот. На настанот присуствуваа голем број клучни партнери и чинители кои ги споделија своите видувања за изминатата декада и за предизвиците кои претстојат.
На 10-ти и 11-ти септември Комитетот за правата на лица со попреченост го разгледуваше првичниот периодичен извештај на Македонија во однос на мерките преземени за имплементација на одредбите од Конвенцијата за правата на лица со попреченост.
Делегацијата на Македонија ја сочинуваа претставници на министерството за труд и социјална политика, министерство за здравство, министерство за надворешни работи, министерство за образование и наука, и Постојаната мисија на Македонија при Канцеларијата на ОН во Женева.
На разгледувањето на извештајот за Македонија имаше и делегација од граѓанскиот сектор кои во изминатиот период со поддршка на ЕДФ изготвија извештај во сенка во однос на имплементацијата на одредбите од Конвенцијата од страна на институциите во државата.
Сесијата ја водеше Theresia Degener, претседател на Комитетот, а Martin Babu Mwezigwa е Известувaч за Македонија од Комитетот. Во текот на двата дена, кога се разгледуваше извештајот на нашата земја, Делегацијата на Македонија, најпрвин даде воведно излагање за состојбите со лицата со попреченост, а потоа и преглед на самиот иницијален извештај. Членовите на Комитетот имаа можност за поставување на прашања во однос на извештајот и имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост.
Претставниците на граѓанскиот сектор од Македонија, исто така имаа можност да дадат свои изјави во однос на целокупната состојба во која се наоѓаат лицата со попреченост во нашата држава, но и за самата имплементација на Конвенцијата.

На сесијата учествуваше Владо Крстовски од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, кој во име на Националниот совет на инвалидски организации ги координираше активностите на неформалната коалиција на организации кои беа вклучени во подготовката на извештајот во сенка. Во продолжение ја пренесуваме неговата изјава пред Комитетот на ОН за правата на лица со попреченост.
_____________________________________

Би сакал да ја изразам мојата благодарност до Европскиот форум за попреченост и Меѓународната алијанса за попреченост за поддршката која ја обезбедија за нашето учество на оваа сесија.
Од ратификацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост во 2011 година, државата не презема сеопфатен преглед (извештај) и не разви стратегиска рамка за хармонизација на постоечкото и нацрт законодавството, како и релевантните стратегии согласно обврските кои произлегуваат од Конвенцијата. Законите и стратегиите кои беа назначени во иницијалниот извештај на државата и одговорот на листата на прашања, некои повеќе од другите, ги земаат предвид вредностите на Конвенцијата. Сепак, ова не може да се сфати како планирано и значајно усогласување на националното законодавство и рамките на политиките со Конвенцијата. Државата маргинално обрнува внимание на одредбите во Конвенцијата додека ги развива законодавните рамки, и досега немаше вистинска и реална анализа или план изготвен од државата со цел да се хармонизираат законите и политиките со Конвенцијата.

Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со попреченост (Ревидирана) 2010-2018 ги зема во предвид некои од одредбите во Конвенцијата, но не ги имплементираше соодветно. Недостигот од меѓусекторска соработка, финансиски импликации, недостиг на политичка волја се само некои од причините за тоа.
Оваа стратегија истекува за неколку месеци, и поради тоа, ја повикуваме државата да развие нова сеопфатна рамка за политики – стратегија која мора да се заснова на одредбите на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост, која треба да ги опфати сите клучни прашања и да се развие со учество на организациите за лица со попреченост кои би имале водечка улога.
Терминот „попреченост” не е дефиниран во Уставот на Република Македонија. Членот 35 од Уставот одредува само дека на лицата со попреченост ќе им биде овозможена посебна заштита и услови за инклузија во општеството. Точниот термин користен во овој член е „инвалидност”. Различни закони ја дефинираат попреченоста на различни начини, согласно специфичната област која ја опфаќаат (социјална заштита, вработување, образование, итн.) Постои разновидност и измешаност на застарени термини во законодавството кои не се во согласност со Конвенцијата. Терминологијата „инвалид” доминантно се користи во рамки на законодавството и на сервисните служби, но организациите на лица со попреченост внесоа унапредување на терминологијата, па во пошироката јавна употреба се користи терминот „попреченост”. Иако постоеја неколку обиди, дискусии и тркалезни маси за терминологијата, државата не успеа да ја усогласи терминологијата и дефиницијата за попреченост со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.
Препорачуваме државата да преземе сериозни мерки за надминување на оваа ситуација, во тесна соработка со лицата со попреченост и нивните организации и да обезбеди една дефиниција за лица со попреченост врз основа на пристапот кон попреченоста заснован на човекови права, а кој треба да се применува во сите сектори и за сите групи на граѓани со попреченост.
Постои огромен недостиг на податоци поврзан со попреченоста во секој сектор или област, поради недоследна дефиниција и терминологија за попреченоста. Собирањето податоци кое го врши Државниот завод за статистика во најголема мера ги опфаќа децата и возрасните со попреченост како корисници на јавни (здравствени и образовни) услуги и надоместоци од социјалната заштита, оставајќи значајно голема „темна” бројка на лица како невидливи граѓани во политиките на државата.
Поради тоа, ја повикуваме државата да развие доследни пристапи за собирање на податоци согласно видот на попреченост и различни демографски податоци. Добра можност за тоа е подготовка на планираниот попис во 2020 година, каде државата ќе треба тесно да соработува со организациите на лица со попреченост и јасно да ги дефинира прашањата.
Ја увидуваме добрата намера на Министерството за труд и социјална политика во однос на активностите за подигнување на јавната свест (реализирани минатата година), а споменати во одговорот на државата на листата на прашања. Сепак, овие активности се засновани на проект и зависта од донатори (како што е дадениот пример со УНИЦЕФ) и не постои национална таргетирана стратегија за подигнување на јавната свест за разноликоста на лицата со попреченост. Една скорешна студија покажува дека во земјата преовладува медицинскиот модел на гледање на попреченоста (30% од граѓаните веруваат дека бариерите треба да се отстранат, 44% велат дека граѓаните со попреченост имаат потреба од медицинска грижа и услуги, додека 25% мислат дека граѓаните со попреченост треба да бидат вклучени во општеството што е можно повеќе) и укажува дека само половина од граѓаните со попреченост знаат за Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост (бидејќи немаше мерки за ширење и олеснување на разбирањето на Конвенцијата во пристапен формат, вклучувајќи едноставен говор, Брајово писмо, лесно читлив формат, знаковен говор и други алтернативни облици на комуникација низ земјата). Последниот пример на опструкција за отворање на групен дом за деца со попреченост во село Тимјаник (каде граѓаните не сакаа деца со попреченост да бидат сместени во нивното опкружување), само ја потврдува ниската свесност во земјата. Исто така, постои недостиг на консултации и вклучување на организациите на лицата со попреченост поврзани со подигнувањето на јавната свест.
Препорачуваме државата да развие страте-гија низ сите владини сектори со цел да го опфати подигнувањето на свеста во однос на правата на лицата со попреченост со сета нивна разноличност. Државата треба да ги поддржува организациите на лицата со попреченост да ги унапредуваат способностите на лицата со попреченост со цел да имаат поголема свесност за нивните права и за Конвен-цијата на ОН за правата на лица со попреченост. Државата треба да развие сеопфатни кампањи за Конвенцијата на ОН за правата на лица со попре-ченост и за борба против предрасудите во тесна соработка со организациите на лица со попреченост.
На децата со попреченост не е посветено посебно внимание, како што е елаборирано во поднесокот на нашата коалиција до Комитетот. За жал, истото се однесува на жените со попреченост. Постојат суштински прашања во однос на пристапноста, образованието и вработувањето, здравството, хабитацијата и рехабилитацијата и така натаму. Извештајот поднесен од нашата коалиција укажува на многу жешки прашања, и ќе се фокусирам на правото на самостојно живеење и вклученост во заедницата и на правото на адекватен стандард на живеење.
Многу лица со попреченост и нивните семејства живеат во сиромаштија. Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалното исклучување во Република Македонија (ревидирана 2010-2020) има повеќе од 100 цели и директни мерки насочени кон децата, лицата со попреченост, стари лица и други ранливи групи на граѓани. Но, кога станува збор за имплементација, не е многу направено. Недостигот на имплементација, координација и механизми за мониторинг, а понекогаш и недостигот на политичка волја, а секако и недостигот на финансии доведе до недоволни резултати.
Мерките за социјална заштита и механизмите за поддршка на лица со попреченост, споменати во одговорот на листата на прашања на државата, не се доволни за да се обезбеди адекватен стандард на живеење за лицата со попреченост и нивните семејства. Системот за социјална заштита не го обезбедува минималниот приход и покривање на трошоците поврзани со попреченоста. Поделено е според материјалниот статус на лицето и/или семејството, видот и степенот на оштетување, возраст итн. Исто така, наметнува дополнителен административен и финансиски товар на лицата со попреченост. Постојат големи разлики во надоместоците и услугите за различни групи на лица со попреченост, во зависност од возраста или причините за тоа како станале лица со попреченост. Иако беше иницирано од организациите на лица со попреченост, владата не одговори на прашањето за пониската сума на финансиска поддршка, дадена според Законот за социјална заштита, која е обезбедена за биолошките семејства на лица со попреченост споредена со згрижувачките семејства.
Бидејќи државата работи на целосно нов Закон за социјална заштита (треба да се финализира до крајот на 2018 година и кој во голема мера треба да го подобри стандардот на живеење за сите ранливи групи), и препорачуваме на државата да ги опфати, во оваа фаза, сите клучни прашања за лицата со попреченост со цел да обезбеди еднаков пристап до социјална поддршка, социјална заштита и надоместоци. Исто така, да ја гарантира социјалната заштита во сите свои форми за децата и лицата со попреченост, без разлика на видот на попреченост, родот, возраста, социјалното потекло, етничкиот статус, и да направи реформи во надоместоците со цел да овозможи таргетирана, персонализирана и задоволителна социјална заштита. Понатаму, да овозможи материјална поддршка за биолошките семејства – на еднаква основа со згрижувачките семејства. За тоа да го постигне, препорачуваме државата да ги вклучи организациите на лица со попреченост во подготовката на нацрт Законот за социјална заштита.
Како што беше претходно наведено, Националната стратегија за еднакви права на лицата со попреченост (ревидирана) 2010-2018 не беше имплементирана на задоволителен начин, особено во полето на сервисните служби за поддршка кои би овозможиле самостојно живеење на лицата со попреченост. Покрај очигледниот недостиг на сервисни служби за поддршка во заедницата, постојните сервисни служби не секогаш го следат пристапот на човекови права. Вистинските персонализирани сервисни служби, како што се персонална асистенција или помош во домот, се уште недостасуваат или се во своја иницијална пилот фаза. Самостојното живеење на лица со попреченост во голема мера зависи од неформалните мрежи за поддршка.
Постоечките сервисни служби (згрижување, дневни центри и групни домови) треба да бидат надградени со цел да пружаат грижа и поддршка ориентирана кон лицето и нивната работа треба да биде ориентирана повеќе кон заедницата. Овие сервисни служби се сметаат како крајно решение, наместо како посреднички структури и треба да се трансформираат во вистинско самостојно живеење. Исто така, важно е дека не постојат стандарди за квалитет или механизми за мониторинг и евалуација за да се мерат резултатите од згрижувањето, дневните центри и групните домови.

Националната стратегија за деинституционализација во социјалниот сектор 2010-2018 која веќе истекува не ги даде очекуваните резултати во однос на преодот од институционална грижа во грижа во заедницата. Помалку од 120 лица (деца и возрасни, најчесто со интелектуална попреченост) добија можност да живеат во заедницата (во згрижувачки семејства и во групни домови). Во моментот, има 3 резиденцијални институции за лица со попреченост со вкупен број од 320 резиденти.
Деинституционализацијата беше широко сфатена само како преселување на лица со попреченост во мали групни домови. Досега, не се оформени сервисни служби за самостојно живеење и не се развиени персонализиранини сервисни служби. Неодамнешната студија за деинституционализација го нагласи фактот дека државата се уште троши двојно повеќе буџет за институции во споредба со сервисни служби во местото на живеење.
Увидуваме дека деинституционализацијата и развојот на сервисни служби во заедницата се висок приоритет на актуелната влада. Новата Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027 ги формулира приоритетите во амбициозен акционен план, но постои голема загриженост за имплементацијата на новата стратегија, бидејќи претходната не ги исполни своите цели. Истото се однесува на плановите за трансформација кои се развиваат са секоја резиденцијална институција.
Покрај заложбата за целосна деинституциона-лизација, владата и МТСП треба да осигураат и да распределат буџет потребен за трансформација и креирање на сервисни служби во заедницата. Истовремено, недостасуваат мерки за превенција од институционализација бидејќи со одредениот мораториум за нови примања во институциите, и со недостигот на опции за домување и сервисни служби за поддршка во заедницата, лицата со попреченост и нивните семејства се под огромен притисок.
Државата треба да го земе во предвид недос-тигот на персонализирани сервисни служби и да развие широк опсег на сервисни служби базирани на пристапот ориентиран кон лицето. Државата треба да распредели доволно ресурси за да осигура дека сервисните служби во заедницата се на располагање, се пристапни, достапни со цена и прифатливи, и да одговараат на потребите, со цел лицата со попре-ченост да можат да го практикуваат своето право на самостојно живеење и да бидат вклучени во заедницата.
Потребна е плурализација и децентрализација на процесот на давање услуги. Локалните самоуправи треба да се поттикнуваат да организираат сервисни служби за поддршка. Организациите на лица со попреченост, граѓанските организации и приватните обезбедувачи треба да се признаени како партнери и да се поддржани од државата.
Со цел да се осигура соодветна имплементација, државата треба да распредели специфичен буџет за деинституционализација. Државата треба да воспостави механизми за имплементација на новата Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027. Сите активности, вклучувајќи ги и новите сервисни служби за поддршка, треба да се следат и да се евалуираат преку независен механизам каде организациите на лица со попреченост ќе имаат важна улога.
Ги увидуваме напорите на актуелната влада за воспоставување на потребниот механизам за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост, согласно член 33. Новоформираното Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост треба да ги има сите потребни ресурси за целосно да го извршува својот мандат како координативен механизам за имплементација на Конвенцијата. Позитивен момент е тоа што од 15 члена, 2 се претставници на организации на лица со попреченост.
Лицата со попреченост и нивните организации мора да бидат вклучени во механизмот за мониторинг кој ќе биде воспоставен во рамките на Канцеларијата на Народниот правобранител. Механизмот за мониторинг треба да е целосно независен и да ги има сите потребни ресурси со цел ефективно да ја постигне својата улога во согласност со одредбите од Конвенцијата.