Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

DnevenCentar

Отворени нови социјални сервисни служби во мрежата на РЦПЛИП – ПОРАКАДневни центри за лица со интелектуална попреченост над 18 години во Прилеп и Штип

Една од целите на Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА е развивање на социјални сервисни служби во заедницата, согласно принципите за изедначување на можностите на лицата со интелектуална попреченост.
Изминатиот период, РЦПЛИП – ПОРАКА и локалната организација ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп, а во соработка со Општина Прилеп, реализираа активности за прераснување на постојниот социјален клуб во Прилеп во дневен центар за лица со интелектуална попреченост. Се презедоа дополнителни активности за реорганизација и средување на просториите, односно реализирано беше поставувањето на нов под во една од просториите, бојадисување на просториите, корекција на прозорите и електричната инсталација, како и реновирање и адаптирање на тоалетите. Дополнително, општина Прилеп обезбеди дел од опремата и обновување на дел од мебелот.
Ангажираните лица во поминаа низ обука во дневниот центар – ПОРАКА Скопје. По направената проценка и прием на корисници, дневниот центар започна со работа во втората половина на ноември 2019 година.
Свеченото пуштање во употреба се одржа на 3 декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост. На отворањето присуствуваа и градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет на Општина Прилеп, Миле Талевски.
„Денеска сме во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Прилеп. Им честитам за новите простории кои се реновирани, реконструирани, исполнети со нова опрема, каде лицата со интелектуална попреченост ќе имаат можност да се рекреираат, да се дружат и да се образуваат. Навистина сум среќен од изјавата на еден родител, кој вели дека неговото дете има постигнато голем напредок откако го посетува дневниот центар. Ваквата инклузивност, им е повеќе од потребна на лицата со интелектуална попреченост, со цел надминување на предрасудите и бариерите кои стојат на патот. Овие деца ја имаат можноста да ги добијат сите бенефити од бизнис заедницата, министерствата, невладините организации од општината.
Ние како општина се залагаме за подобрување на условите за живеење на лицата со интелектуална попреченост, а во тој правец минатата година го отворивме дневниот центар за лица со церебрална парализа, а сега го отвораме дневниот центар за лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Прилеп, а се’ со цел овие лица да се вклучат рамноправни чинители во општеството”, истакна градоначалникот Илија Јованоски.
„Огромно е задоволството што денеска присуствуваме на отворањето на новиот дневен центар за лица со интелектуална попреченост за лица на возраст над 18 години, што е резултат на заедничката иницијатива на Општина Прилеп, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА. Морам да ви потврдам дека е многу голем успех за една општина за две години да отвори два дневни центри и навистина како општина треба да бидете горди на вашиот пристап за остварување на правата на лицата со интелектуална попреченост. Тоа покажува дека сте отворени за соработка со граѓанскиот сектор, а самото тоа што сме партнери во отворањето на овој дневен центар и фактот што денеска почитуваниот градоначалник Илија Јованоски е со нас, но не само денеска на 3 декември, покажува дека Општина Прилеп секогаш е пријателски расположена и се става во поддршка на нашата организација. Со овој дневен центар имаме двојна бенефиција, прво за самите корисници, за нивните родители и општеството”, истакна д-р Василка Димоска, Генерален секретар на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.
Во моментот дневниот центар – ПОРАКА Прилеп брои 12 корисници. Центарот работи од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. За непречено функционирање на дневниот центар, склучен е договор со Општина Прилеп и РЦПЛИП – ПОРАКА, преку својата локална организација ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп.

Во рамките на ООУ „Гоце Делчев” во Штип се изнајдоа просторни можности за функционирање на дневен центар за лица со интелектуална попреченост. Изминатиот период, РЦПЛИП – ПОРАКА, општина Штип и Министерството за труд и социјална политика заеднички учествуваа во реконструкцијата, реновирањето и опремувањето на просторот. По завршувањето на овие активности, на 23.12.2019 година се организираше отворање на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години во Штип.
На отворањето присуствуваа и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски и претседателот на РЦПЛИП – ПОРАКА, Чедомир Трајковски. Министерката Царовска истакна дека дневниот центар во Штип е одличен пример за соработка меѓу граѓанска организација, локална самоуправа и централна власт.
„Дневните центри коишто изминатиот период ги отворивме низ цела држава значат многу во локалната заедница затоа што тие помагаат во исполнувањето на одредбите од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, кои се однесуваат на правото на самостојно живеење, лична мобилност, пристап до образование, здравствена заштита, рехабилитација и вработување. Развојот на ваквиот вид услуги на локално ниво ги следат индивидуалните потреби на секое дете и лице со попреченост и на нивните семејства. Овие сервиси се мост до другите системи на поддршка. Само така, можеме да обезбедиме целосно вклучување на лицата со попреченост во општеството”, рече Царовска. ,,Ова е одлична можност лицата си попреченост да бидат во контакт со општеството и заедницата со можност да се стекнат со одредени вештини.
На крајот од денот овие лица треба да се чувствуваат самореализирано. Сето ова значи втора фаза во развојот на социјалната заштита во нашата држава. Локалната самоуправа, централната власт и граѓанските организации се клучни партнери за отворање на овие центри” истакна министерката Царовска.
,,Тројното партнерство помеѓу Општина Штип, Министерство за труд и социјална политика и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА” даде одлични резултати. Во само три средби успеваме да реализираме нешто што е многу значајно. На првата средба се договоривме, на втората средба го видовме овој запуштен простор и се договоривме да го изреконструиравме, а веќе денес на третата средба го пуштаме во употреба овој дневен центар, истакна градоначалникот Бочварски.
„Овие сервисни служби се почеток за осамостојување и самостоен живот на лицата со интелектуална попреченост. И тие имаат право на избор, имаат право да одлучуваат како и каде ќе живеат. Овој дневен центар во Штип, како и другите сервисни служби кои досега сме ги отвориле, се надевам дека ќе овозможат и другите општини ќе го следат го следат за пример” изјави Чедомир Трајковски, претседател на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.
Обезбедувањето на континуитет во работата на овие дневни центри, овозможува социјализација и интеграција на лицата со интелектуална попреченост и претставува основен предуслов за разбивање и надминување на предрасудите и бариерите со кои тие се соочуваат. Сите ние заедно треба да работиме во насока на целосна и вистинска инклузија на лицата со посебни потреби и поткревање на свеста кај институциите, но и кај граѓаните за потребата од прифаќање и поддршка на лицата со посебни потреби во сите сфери на општественото живеење.

pp1pp2DnevenCentar