Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

EI

Партнерства на РЦПЛИП – ПОРАКА во европски проектиЗавршни активности во рамките на европскиот проект „Рана инклузија преку взаемно учење”

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во изминатиот период продолжи со предвидените активности како една од партнерските организации во конзорциумот од 10 партнери во европскиот проект „Рана инклузија преку взаемно учење”, кој е поддржан од ЕРАСМУС+ програмата на Европската унија. Проектот се фокусира на зголемено знаење и споделени методи за работа и инклузија на деца од предучилишна возраст кои имаат попреченост или се во ризик да стекнат попреченост, а има за цел да пренесе информации, конкретни методологии и процена на компетенции.

Во директна комуникација со конзорциумот предводен од австриската организација Синн-Евалуатион, тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА работеше на унапредувањето на алатките кои се овозможени со овој проект. Активностите се однесуваа на адаптација и средување на онлајн платформата www.early-inclusion.eu наменета за размена на искуства меѓу професионалците и се поставуваа позитивни искуства и практики од работата со лица со интелектуална попреченост. Поточно се работеше на унапредување на алатката „Пазар за методи на инклузија” што претставува самоорганизирана методолошка онлајн размена на искуства. Во рамките на проектните активности, се продолжи и со унапредување на прашањата за валидација за 10-те подготвени информативни материјали за инклузија за одредени состојби, синдроми и попреченост. Исто така, беа преземени голем број активности од технички карактер, пред се за превод и адаптација на информативни материјали.

Во согласност со предвидените програмски цели и активности, во март 2018 година РЦПЛИП – ПОРАКА одржа два информативни настани за мултипликација, односно за претставување на онлајн платформата www.early-inclusion.eu и алатките за учење кои се разработени од проектните партнери. На двата настани учествуваа – студенти од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје поточно Институтот за дефектологија и Институтот за социјална работа и социјална политика.

На наше големо задоволство, учесниците на настаните отворија дискусија за многу важни и суштински прашања, а понудените информации и методи преку онлајн платформата ги оценија како корисни и употребливи во нивната работа. Од двата настани воедно, произлезе и потпишување на Меморандум за соработка со Филозофскиот факултет. Во рамките на оваа соработка, меѓу другото, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе овозможи континуиран пристап и поддршка за студентите од Институтот за Дефектологија, како и употреба на материјалите и методите за работа со деца со пречки во развојот кои се достапни на онлајн платформата www.early-inclusion.eu развиена во рамките на проектот „Рана инклузија преку взаемно учење” поддржан од ЕРАЗМУС+ програмата на Европската унија.
Erasmus logo