Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

f1

Форум на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост“НОВИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ И ПЕРСПЕКТИВИ ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НА СОЦИЈАЛНИ СЕРВИСНИ СЛУЖБИ ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ”

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во соработка со Европската Асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост (ЕАСПД), на 7 јуни 2019 година во хотел Холидеј Ин, Скопје, организираше Форум на обезбедувачи на сервисни служби на тема: НОВИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ И ПЕРСПЕКТИВИ ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ-ТО НА СОЦИЈАЛНИ СЕРВИСНИ СЛУЖБИ ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ.

На Форумот учествуваа релевантни претставни-ци од институции кои работат на полето на обезбедување на права на лица со попреченост и организации кои пружаат сервисни услуги на лица со попреченост во нашата држава, со презентации поврзани околу актуелните развитоци и предизвици во реформските процеси и пружањето социјални сервисни служби на локално ниво.

Форумот го отвори д-р Василка Димоска, Генерален секретар на РЦПЛИП – ПОРАКА, а потоа следеа и воведните обраќања на претседателот на РЦПЛИП – ПОРАКА, Чедомир Трајковски, (неговото излагање е дадено на крајот од текстот), потоа Заменикот министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, кој ги презентираше актуелните политики на министерството, а се однесуваат на унапредување на можностите, сервисните служби и стандардот на живеење на лицата со попреченост и нивните семејства. Присутните ги поздрави и им посака успешна работа и претседателот на ЕАСПД, Џејмс Кроу.

За актуелните развитоци во обезбедувањето на социјалните сервисни служби за лицата со попреченост говореше претставникот на Министерството за труд и социјална политика, Владимир Лазовски. Тој ги презенитраше состојбите во нашата држава во однос на процесот на деинституционализација, процес кој во изминатава година, но и во следните неколку години, ќе биде една од клучните активности на земјата.

Во понатамошниот тек на форумот следеа размислувањата на присутните учесници во однос на случувањата од терен, а се однесуваа на преодот од институционални сервисни служби во сервисни служби во местото на живеење. Клучните прашања на кои се осврнаа и ги потенцираа присутните беа:
- Планирање на идните социјални сервисни служби (вид, опсег, методологии, целни групи);
- Загрижености при дизајнирањето на сервисните служби за поддршка (персонализиран пристап наспроти мали групни домови);
- Предизвици во имплементацијата на трансфор-мациските планови (сегашни и идни);
- Координација и обезбедување на одржливост.

Во овој дел од форумот следеа презентациите на Александра Велковска, директор на Специјалниот Завод – Демир Капија, Фатмир Ејупи, директор на Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Топанско Поле и Стојанка Изова, директор за Заводот за заштита и рехабилитација – Бања Банско. Тие ги претставија трансформациските планови на институциите со кои раководат, како и со предизвиците со кои се соочуваат при реализацијата на тие планови.

Претседателот на ЕАСПД, Џејмс Кроу, сподели европски искуства во преодот од институционална во грижа во местото на живеење за лицата со попреченост. Тој истакна дека согласно научените лекции од искуствата на некои од ЕУ земјите се увиде дека парите потрошени во институциите НЕМААТ значаен бенефит. Треба да се бара ко-продукција со лицата со попреченост за да се оформат подобри сервисни служби за нив притоа откажувајќи се од пристапот „една величина одговара на сите”. Понатаму, да се оформува широк спектар на сервисни служби во местото на живеење, а во сржта на планирањето на овие сервисните служби секогаш треба да се применува пристапот ориентиран кон лицето и да се воведат механизми кои гарантираат квалитет на сервисните служби. Препораките кои произлегуваат од минатите искуства се дека треба да се обезбедат доволно ресурси за да се осигура сервисните служби да бидат достапни, пристапни, достапни со цена и прифатливи за лицата со попреченост. Треба да се зајакне националниот и локалниот капацитет за имплементирање на деинституционализацијата со сеопфатен пристап на планирање, да се создаде широк опсег на сервисни служби за поддршка и да се креираат системи за следење на сите процеси.

Форумот продолжи со дискусија на присутните учесници за актуелните трендови и перспективи во обезбедувањето на социјални сервисни служби за лицата со попреченост и перспектива на невладиниот сектор. Во дискусијата преовладуваа следните клучни прашања:
- Одржливост на постојните сервисни служби за поддршка;
- Развивање на мрежа од различни видови на сервисни служби за поддршка;
- Реформа на системот за социјална заштита – персонализирани сервисни служби и персонализирани буџети;
- Развивање на регулаторни механизми (стандарди за квалитет, акредитација и лиценцирање, процедури за евалуација и мониторинг, финансирање) во процесот на пружање сервисни служби;
- Воспоставување партнерство помеѓу обезбедувачи на сервисни служби од граѓанскиот сектор и владата – еднаков третман на сите обезбедување на сервисни служби;
- Децентрализација.

Дискусијата на присутните наметна неколку препораки на кои треба да се обрне внимание за да се реализира процесот на деинституционализација и обезбедувањето на социјални сервисни служби:
• Добро да се разработи и планира имплементацијата на преодот од институционална грижа во грижа во заедницата, особено во полето на сервисните служби за поддршка кои би овозможиле самостојно живеење на лицата со попреченост.
• При креирање на сервисни служби за поддршка на лицата со попреченост во заедницата, да се следи пристапот на човекови права.
• Вистинските персонализирани сервисни служби, како што се персонална асистенција или помош во домот, да бидат достапни за секој кој има потреба од таков сервис.
• Државата треба да обезбеди соодветни човечки, финансиски и технички ресурси за целосна имплементација на деинституционализацијата, особено за имплементација на транзицијата кон услови за независно живеење, да додели доволно ресурси, да се обезбеди персонална асистенција и да осигура дека услугите во заедницата се достапни, пристапни, приспособени и квалитетни, со цел да овозможи лицата со попреченост да го практикуваат своето право да живеат независно и да бидат вклучени во заедницата.

Во понатамошниот текст го презентираме воведното излагање на Претседателот на РЦПЛИП – ПОРАКА, Чедомир Трајковски.

Почитуван г-дин Бајрактар-заменик министер за труд и социјална политика, почитуван г-дин Џим Кроу -претседател на Европската асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост, почитувани претставници од релевантни институции вклучени во овозможување на правата на лица со попреченост во нашата држава, почитувани родители и претставници на граѓанскиот сектор.
Ми претставува особена чест да го отворам овој Форум, со тема која е многу актуелна особено во овој период на реформи во нашата држава. Процесот на деинституционализација за прв пат започна во 2000 година, со директна заложба на тогашниот министер. Започна со голем ентузијазам, а за нас како родителска организација тоа беше знак дека државата забрзано ќе почне да работи на отворање на алтернативни сервисни служби во местото на живеење на лицата со попреченост, како замена за резиденциските институции.
Заводот во Демир Капија престана да прима нови лица, но нови сервисни служби не се отвораа со потребниот интензитет и содржина, и повторно целокупниот товар падна врз семејствата на лицата со попреченост.
Верувам дека сите знаете, а тоа го евидентира-ше и Народниот Правобранител, дека условите за живот во овие институции се многу лоши.
Конечно видлива е цврстата решеност на сите во државата да се справиме со овој децениски проблем и да се симне срамот што како општество го носиме заради неправдата што со години им ја правиме на овие невини лица.
Новата Стратегија за деинституционализација 2018-2027, која беше усвоена минатата година ,предвидува целосно укинување на овие институции и тоа до блиската 2025 година. И еве првите добри вести се дека веќе во институциите нема лица помали од 18 години. Активностите се насочени да во текот на оваа година во резиденциските институции ќе нема ни лица помали од 26 години, а до крајот на 2025 година институциите целосно ќе бидат затворени.
Сигурен сум дека тоа така и ќе биде! Сакам да потенцирам, дека веќе нема место за прашања од типот дали можеме туку кога и како тоа најдобро да го направиме.
Одговор на овие и на други прашања ќе ги бараме низ ваквите и слични форуми и други облици на соработка, со цел овој пат реформата да ја спроведуваме во вистинска насока. Ако заедно партнерски работиме сите, државата со своите институции, ние како граѓански сектор заедно со нашите пријатели и поддржувачи од земјите на Европската Унија, верувам дека успехот нема да изостане. Но, потсетувам дека желбата за брзо решавање на проблемот не смее да не повлече во правец на каква било импровизација што би значела враќање повторно назад и затоа мора да бидеме многу внимателни.
Имајќи го претходното искуство од овој процес, би потенцирал само неколку моменти на загриженост:
• Постои голема загриженост за имплементацијата на преодот од институционална грижа во грижа во заедницата, особено во полето на сервисните служби за поддршка кои би овозможиле самостојно живеење на лицата со попреченост.
• Покрај очигледниот недостиг на сервисни служби за поддршка во заедницата, постојните сервисни служби не секогаш го следат пристапот на човекови права.
• Вистинските персонализирани сервисни служби, како што се персонална асистенција или помош во домот, се уште недостасуваат или се во иницијална пилот фаза.
• Недостиг на соодветни човечки и технички ресурси за целоснаимплементација на транзицијата кон услови за независно живеење, ресурси да се обезбеди персонална асистенција и да осигура дека услугите во заедницата се достапни, пристапни, приспособени и квалитетни, со цел да овозможи лицата со попреченост да го практикуваат своето право да живеат независно и да бидат вклучени во заедницата.

f1f3f2