Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА

Локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА спроведоа голем борј активности за работно одблежување на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, на локално ниво.

Активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Тетово, по повод 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, организираше низа активности кои ги спроведе во деновите околу 3-ти декември.

Во основните училишта “Андреа Савески – Ќиќиш” и “Лирија” беа прочитани реферати за значењето на 3-ти декември. Потоа, во основните училишта “Лирија” и “Наим Фрашери” беа одржани предавања со наставниците од пониските одделенија на тема “Можности на лицата со попреченост” со посебен осврт на лицата со интелектуална попреченост. По повод исламскиот празник Курбан Бајрам ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово доби 50 пакети со храна кои беа поделени на семејства кои имаат член со интелектуална попреченост.
На 2.12.2010 година беше организирана средба со градоначалникот на општина Тетово, проф.д-р.Сади Беџети, на која се разговараше за потребите и проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.

ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово на 1.12.2010 година одржа состанок со градоначалникот на општина Желино. На состанокот беше договорено да се организира заедничка активност по повод 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. За таа цел на 3-ти декември, во просториите на општина Желино се одржа работна средба на претставници од ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово и градоначалникот и претседателот на советот на општина Желино со претседателите на месните заедници од сите населени места во оваа општина и директорите на основните училишта. На состанокот се разговараше за правата на лицата со попреченост со посебен осврт на лицата со интелектуална попреченост, како и нивните права од областите на образованието, социјалната и здравствената заштита и вработувањето. Се разговараше и за отворање на посебни паралелки за лица со интелектуална попреченост во оваа општина. Градоначалникот на општината даде ветување за соработка со цел да се излезе во пресрет на потребите на лицата со интелектуална попреченост.

Како дел од активностите по повод 3-ти декември беа и учеството на претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово на дебата во Тетовскиот Универзитет на тема: “Сите различни, сите еднакви”, како и на тркалезна маса на тема: “Лицата со посебни потреби, проблемите и видиците” која се реализираше во Инфо-центарот на Европската унија во Скопје на 3.12.2010 година во Скопје.

Активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Демир Хисар организираше повеќе активности за одбележување на 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

По повод Меѓународниот ден, беше распишан конкурс за ликовни и литературни творби на тема “Сакаме да бидеме со вас” за учениците од основното и средното образование во времето од 01 до 20 ноември.
На 3-ти декември, претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, беа примени од градоначалникот на општина Демир Хисар, г-дин Тони Ангелевски, при што беше разговарано за проблемите со кои се соочува ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, како и за реализираните активности во 2010 година.

На 3-ти декември, во домот на културата “Илинден”, ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар одржа манифестација по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Присутни беа претставници на повеќе институции, невладини организации, наставници, ученици од основните училишта и заинтересирани граѓани Претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, г-дин Љубе Димчевски ги поздрави присутните и се осврна на целите и задачите на центарот. Покровителот на оваа манифестација – градоначалникот на општината, ја истакна соработката на локалната самоуправа со ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, нагласувајќи дека поддршката како и досега продолжува и во наредниот период. Градоначалникот го истакна своето задоволство од работата и постигнатите резултати на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар. Исто така, г-дин Љупчо Србиновски, директор на Домот за култура “Илинден”, ја истакна соработката меѓу домот и ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар. Реализираните активности на ПОРАКА Демир Хисар во изминатата година ги презентираше секретарот на организацијата, г-дин Томе Милошовски.

Во рамките на манифестацијата беа прогласени трите најдобри литературни творби од основното образование и трите најдобри од средното образование по распишаниот конкурс за литературни творби. На наградените им беа врачени книги донирани од демирхисарските писатели и поети, како и дипломи за освоено И, ИИ и ИИИ место.
Во рамките на оваа манифестација беа доделени благодарници за соработката и дадениот допринос во спроведувањето на активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар.

Изработена беше брошура за целите, принципите, приоритетите и активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и флаер за 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Радовиш и оваа година со свои активности пригодно го одбележа 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, со афирмирање на лицата со интелектуална попреченост.
На 30.11.2010 година ПОРАКА – Радовиш организираше изложба на ликовни цртежи и ракотворби на корисниците на дневниот центар, а имаа можност да ја видат сите заинтересирани граѓани и правни лица од општината, кои беа поканети со соопштение преку локалните медиуми. Изложбата беше отворена цела работна недела во Центарот за култура.

ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш на 01.12.2010 година организираше трибина на тема: “Превенција од злоупотреба и насилство на деца/лица со интелектуална попреченост” во просториите на градската библиотека “Браќа Миладиновци” во Радовиш. На оваа трибина се потенцираа различните облици на насилство кои се поврзани со попреченоста, ризик факторите кои се поврзани со насилството и злоупотребата на лицата со попреченост, како и превентивни мерки за препознавање и стопирање на насилството.

Свој допринос дадоа следните презентери: г-ѓа Блага Долдурова, претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш; г-ѓа Татјана Костадинова, социјален работник во Дневниот центар ПОРАКА – Радовиш; г-ѓа Виолета Србакова, психолог во ДСУ “Коста Сусинов”, д-р Благој Тенев, Здружение на приватни лекари, г-ца Александра Трајанова, инспектор во ОВР Радовиш. Присутни на трибуната беа градоначалникот на општина Радовиш, д-р Роберт Велков, претставници од Советот на општина Радовиш, претставници од основните училишта, Центарот за социјална работа, невладини организации, Служба за внатрешни работи, родители и лица со интелектуална попреченост, и локални медиуми. Исто така, беше прикажан краток документарен филм “Авантурата на Сара”.

На 3.12.2010, во просториите на дневниот центар се одржа свечено одбележување на 3-ти Декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост. Со свое присуство, посебно внимание ни посветија претседавачот на Советот на општина Радовиш, дел од членовите на Советот на општината, претставник од Службата за односи со јавноста, заменик генерален директор на рудникот “Бучим” г-дин Николајчо Николов, група средношколци од гимназијата “Коста Сусинов” заедно со психологот и секретарот на ова училиште, претставници од Фондот за здравство, родители на корисниците во дневниот центар, претставници на невладината организација “Спасо Радовишки” и други граѓани. Сите присутни ги поздрави Татјана Костадинова, давајќи краток осврт на значењето на 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, краток осврт на 2010 година посветена на борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост на лицата со попреченост.
Преку јавните медиуми се обрати и претседавачот на Советот г-дин Сашо Николов, извинувајќи го оправданото отсуство на градоначалникот но, со поддршка за нашето работење изразувајќи огромно задоволство од досегашното работење на дневниот центар како сервисна служба. Во наредниот период ни вети од името на градоначалникот и од Советот на општината финансиска поддршка и решавање на просторните можности за функционирање на дневниот центар.
По повод 3-ти декември, од страна на градоначалникот и Советот на општина Радовиш, а за потребите на дневниот центар ни беше подарена микробранова печка.

Исто така, заменик на генералниот директор на “Бучим” г-дин Николајчо Николов, на корисниците на дневниот центар им подари по една маичка. За потребите на дневниот центар во наредниот период тој вети финансиска поддршка и обезбедување на техничка опрема.
На овој ден се доделија благодарници на градоначалникот на општина Радовиш, д-р Роберт Велков, на заменик генерален директор на “Бучим” г-дин Николајчо Николов, и на рудникот “Бучим” како израз на признание за продолжување на континуитетот на работењето на дневниот центар на ПОРАКА Радовиш.

Денот заврши со посета на корисниците на пицеријата “Џокер” каде имаа можност да го вкусат специјалитетот на оваа куќа во пријатна атмосфера за што благодариме на персоналот за добриот прием и на сопственикот г-дин Баже Пулев.

Активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје

На 20ти Ноември 2010 година корисниците од дневниот центар ПОРАКА Скопје присуствуваа на изложбата во кафе бар “ЛИ”. Изложбата беше организирана од страна на здружението “Дајте ни крилја” од Скопје.
Целта на самата изложба беше да се промовира систематското јавање коњи како терапевтски метод, а со оглед на тоа што корисниците на дневниот центар веќе се вклучени во вакви активности, бевме поканети да ги прикажеме искуствата од овој третман. Настанот беше воден од страна на естрадниот уметник Ребека и истиот беше медиумски покриен.

Во рамките на продолжувањето на веќе воспоставената соработка со Факултетот за ликовна уметност на Меѓународниот ден на лицата со попреченост на 03.12.2010 година, корисниците на дневниот центар – ПОРАКА Скопје реализираа работилница во дневниот центар со студенти од Факултетот за Ликовна уметност од отсекот за вајарство. Притоа беа спроведени две различни работилници – работа со гипс и работа со глина. Готовите производи заедно со останати изработки од корисниците ќе бидат поставени во вид на изложба на Факултетот за ликовна уметност – ателјеа за вајарство започнувајќи од 22-ри Декември оваа година.

Во рамките на одбележувањето на 3-ти Декември, Меѓународниот Ден на лицата со попреченост корисниците на услугите на дневниот центар – ПОРАКА Скопје на 06.12.2010 година реализираа работилница со младите активисти на Црвен Крст на Град Скопје.
На работилницата беа изработени честитки за Нова Година кои ќе бидат доставени до нашите соработници.

На овој начин се продолжи со една успешно воспоставена соработка, а истата се надеваме дека ќе биде продлабочена.

Активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип

Членовите на Центарот за подршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Штип го одбележаа 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Членовите присуствуваа на одбележувањето на овој ден во средното училиште за образование и рехабилитација ИСКРА во Штип, на кое одбележување присуствуваше и градоначалникот Др Зоран Алексов. Учениците од „ИСКРА” приредија пригодна програма , а членовите од ПОРАКА се сретнаа со наставниците од училиштето и се потсетија на деновите минати во овие школски клупи,
На 04.12.2010 год. во просториите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип беше организиран квиз натпревар каде учество зедоа сите присутни членови. На членовите им беше доделена донација обезбедена од АД Баргала – Штип, Брегалничката епархија и Кит – Го.

Голема благодарност до спонзорите кои им овозможија на членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип да поминат уште еден убав ден.

Активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница

По повод 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за подршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Виница на 3.12.2010 година во просториите на Општина Виница одржа отворена јавна трибина под мотото “Животот како безбедна авантура”. На трибината беа поканети Градоначалникот на Општина Виница, г-дин Емил Дончев, претставници од локални институции, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница со нивните родители, претставници од бизнис сектор и корисници на дневниот центар – Берово со персоналот. На трибината беше презентиран изготвениот локален акционен план и беше потенцирано неговото значење. Истиот ден беа дистрибуирани брошури за полесно остварување на права од социјална и здравствена заштита и за заштита од малтретирање, насилство и злоупотреба, а беше договрена нивна дистрибуција преку локалниот весник “Винеам”. Исто така, беше поставена продажна изложба од ракотворби и новогодишни честитки изработени од корисниците на дневниот центар – Виница. Настанот беше медиумски покриен од локалниот весник “Винеам” и ТВ Кочани.

По повод 3-ти Декември, ЦПЛИП – ПОРАКА Виница организираше заедничка активност на локалитетот Пониква за децата од дневниот центар – Виница и децата од посебната паралелка при ЦОУ “Кочо Рацин” – Блатец.

Активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица

ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица реализираше неколку активности за одбележување на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Одбележувањето започна со средба на претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и неколку членови на организацијата со г-дин Зоран Заев, градоначалник на Општина Струмица. Средбата се одржа во просториите на општината. На истата се дискутираше за актуелните состојби во општина Струмица од аспект на потребите на лицата со интелектуална попреченост и за проблемите со кои тие се соочуваат во секојдневието, а кои се директно поврзани или произлегуваат од состојбата на попреченост. Во таа смисла, се разговараше и за проблемите со кои се соочуваат родителите и блиските роднини кои се грижат за членот од семејството со интелектуална попреченост, понатаму за можностите за отворање на алтернативни форми на згрижување за лицата со интелектуална попреченост кои го завршиле образовниот процес.

Градоначалникот ја нагласи подготвеноста на локалната самоуправа да биде партнер на невладиниот сектор во изработката на идни проекти и да овозможи соодветна поддршка.

Во попладневните часови беше организирана симболична изложба на глинени изработки од децата и младинците кои го посетуваат Социјалниот клуб. На изложбата присуствуваа претставници од локалната самоуправа, од другите невладини организации, ученици од средното општинско училиште “Димитар Влахов” и други заинтересирани граѓани. Собирот беше медиумски покриен од една од локалните телевизиски станици.

Scroll to Top
Skip to content