Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА и неговите сервисни служби за време на пандемијата со COVID-19

Адаптирана програма за психо-социјална поддршка и прилагодени индивидуални едукативни активности во домашни услови

Во услови на пандемија со КОВИД-19, РЦПЛИП – ПОРАКА и неговите сервисни служби ги надополнија и адаптираа своите програмски активности. Почитувајќи ги препораките за физичка изолација и останување дома, во сервисните служби на РЦПЛИП – ПОРАКА и во изминатиот период продолжи да се спроведува адаптирана програма за психо-социјална поддршка и прилагодени индивидуални едукативни програми со корисниците на дневните центри и нивните семејства. Сите активности се спроведуваат во домашни услови користејќи телефонска и видео онлајн комуникација.

Во рамките на психосоцијалната поддршка приоритетот е насочен кон поддршка, совети, смирување, вразумување, охрабрување за полесно разбирање, прифаќање и справување со состојбата во која се наоѓаме. Притоа се користат начини на комуникација кои одговараат на корисниците и нивните родители/старатели, вклучувајќи телефонски разговори и видео комуникација доколку корисникот/родителот/старателот користи Вибер, ФБ месинџер или друга апликација. Особено внимание се посветува на корисниците кои се посамостојни, кои се истовремено во поголем ризик за несоодветно однесување, односно на непочитување на официјалните препораки и ограничувања.

Во рамките на реализирање на индивидуалните едукативни активности, продолжи секојдневната комуни-кација со корисниците и нивните родители. Притоа, приоритет и во изминатиов период беше да се ангажираат корисниците, односно да им се дадат насоки и задачи за реализација на активности со кои се одржуваат вештините и можностите на одредено ниво.

Активностите и во овој период беа насочени кон:

  • Одржување на здравјето и однесувањето при заразни болести при што се користат онлајн ресурсите за спречување на ширењето на КОВИД-19 од ФБ страните на Министерството за здравство и Светска здравствена организација, кои се споделувани на ФБ страната на РЦПЛИП – ПОРАКА, особено лесно читливи формати.
  • Укажувања за важноста и начинот на правилно одржување лична хигиена, особено миење раце.
  • Ограничувања кои мора да се почитуваат, вклучувајќи ја вонредната состојба и полициски час, особено за посамостојните корисници кои се движат без надзор.
  • Вклучување на корисници во сите практични активности во домот, како што се одржување хигиена и чистење дома, средување на соба, подготовка на оброци, миење на садови итн., согласно можностите на корисникот, при што едукаторот дава насоки и информации на родителите во што и колку е вклучен корисникот во дневниот центар.
  • Задавање на едноставни едукативни активности за кои не се потребни специфични материјали или алатки, односно кои можат лесно да се спроведуваат дома, во согласност со можностите и интересот на корисникот, како и карактеристиките на семејство. Тоа се секојдневни практични и когнитивни активности кои треба да се вежбаат и повторуваат.
  • Посочување на едукативни содржини на ТВ и интернет кои би биле соодветни за ангажирање на корисниците.
Scroll to Top
Skip to content