Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА и неговите сервисни служби за време на пандемијата со COVID-19

Адаптирана програма за психо-социјална поддршка и прилагодени индивидуални едукативни активности во домашни услови

Сите промени кои се случуваат околу нас делуваат на нашата перцепција и го менуваат секојдневниот ритам на живот. Така и оваа новонастаната ситуација внесува чувството на страв, загриженост, збунетост, анксиозност, очај, бесмисленост, безнадежност, неизвесност. Во услови на пандемија предизвикана од корона вирус, за чие надминување основно е да се почитуваат препораките за физичка изолација и останување дома, стручните тимови на РЦПЛИП-ПОРАКА и дневните центри – ПОРАКА во Скопје (Аеродром и Капиштец), Радовиш, Прилеп и Штип, спроведуваат адаптирана програма за психо-социјална поддршка и прилагодени индивидуални едукативни програми со корисниците на дневните центри и нивните семејства. Активностите се спроведуваат во домашни услови со употреба на телефонска и видео комуникација.

Спроведување на програмски активности во домашни услови

Приоритет е да се ангажираат корисниците во домашни услови, односно да се дадат насоки и задачи за спроведување на активности со кои би се одржале вештините и можностите на корисниците на одредено ниво. Активностите се планираат и предлагаат од страна на едукаторите, а се договараат, спроведуваат и следат индивидуално за секој корисник преку преку телефонски или видео јавувања. Активностите се насочени кон:
• одржување на здравјето и однесување при заразни болести, при што се користат онлајн ресурсите за спречување на ширењето на COVID-19 од Фејсбук страните на Министерството за здравство и Светска здравствена организација, кои се споделувани на Фејсбук страната на РЦПЛИП – ПОРАКА, особено лесно читливи формати.
• Укажувања за важноста и начинот на правилно одржување лична хигиена, особено миење раце.
• Ограничувања кои мора да се почитуваат, вклучувајќи ја вонредната состојба и полицискиот час, особено за посамостојните корисници кои се движат без надзор.
• Вклучување на корисници во сите практични активности во домот, како што се одржување хигиена и чистење дома, средување на соба, подготовка на оброци, миење на садови итн., согласно можностите на корисникот, при што едукаторот дава насоки и информации на родителите во што и колку е вклучен корисникот во дневниот центар.
• Задавање на едноставни едукативни активности за кои не се потребни специфични материјали или алатки, односно кои можат лесно да се спроведуваат дома, во согласност со можностите и интересот на корисникот, како и карактеристиките на семејство. Тоа се секојдневни практични и когнитивни активности кои треба да се вежбаат и повторуваат.
• Посочување на едукативни содржини на ТВ и интернет кои би биле соодветни за ангажирање на корисниците.

Директна психо-социјална поддршка на корисници и родители

Приоритет е да се даде поддршка, совети, смирување, вразумување, охрабрување за полесно разбирање, прифаќање и справување со состојбата во која се наоѓаме. Притоа се користат следните начини на комуникација:
• Видео комуникација доколку корисникот/родителот/старателот користи Вибер или Фејсбук месинџер. Доколку родителот/старателот или корисникот се согласат на видео комуникација, потребно е е да се оцени дали видео разговорот има поголем ефект од обичен телефонски разговор. Препорака: да се реализираат видео повици секој работен ден, особено доколку постои поинтезивна потреба за поддршка.
• Телефонски јавувања на родители/старатели на корисници со кои не може да се оствари видео комуникација. Препорака: да се реализираат телефонски повици секој работен ден, особено доколку постои поинтезивна потреба за поддршка.
• Телефонски јавувања на корисници кои имаат и користат свој мобилен телефон, а немаат интернет. Ова се корисници кои се посамостојни, кои се истовремено во поголем ризик за несоодветно однесување, односно на непочитување на официјалните препораки и ограничувања. Препораката е дека со оваа група постои поинтезивна потреба за поддршка.

Scroll to Top
Skip to content