Активности на РЦПЛИП - ПОРАКА и ЦПЛИП - ПОРАКА Виница

Отворен социјален клуб за лица со интелектуална попреченост и канцеларија на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница

Осумдесет лица со интелектуална попреченост, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница од 10.5.2019 година имаат свое катче за дружење и социјализација во центарот на градот.

ЦПЛИП – ПОРАКА Виница, со поддршка на општина Виница и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА на 10.5.2019 година ја отвори својата канцеларија, каде воедно ќе функционира и социјален клуб за лица со интелектуална попреченост. Социјалниот клуб ќе функционира два пати во неделата со поддршка на стручно лице – психолог.
Просторот во кој ќе работи оваа сервисна служба наменета за дел од граѓаните на општина Виница е финансиски поддржан од Општината, а се опреми со поддршка на РЦПЛИП – ПОРАКА, и донации обезбедени од бизнис секторот во Виница.

„Навистина ми е големо задоволство што денес отвораме социјален клуб во соработка со ЦПЛИП – ПОРАКА Виница и општина Виница. Повеќе од десет години баравме простор, можности каде би можеле да функционираме како клуб и конечно наидовме на разбирање од градоначалникот, и изнајдовме можности да го отвориме овој клуб кој ќе ги опфаќа лицата со интелектуална попреченост над 18 години. Клубот ќе работи по неколку дена во неделата со психолог, и покрај социјализацијата тука ќе се одвиваат работилници во кои овие лица ќе развиваат и одредени вештини. Искрено се надевам дека со тек на времето овој клуб ќе прерасне во дневен центар со секојдневен повеќечасовен престој и работа со корисниците за нивно посамостојно живеење.”, истакна д-р Василка Димоска, Генерален секретар на РЦПЛИП – ПОРАКА.

Scroll to Top
Skip to content