Конференција “Инвестирање во социјални услуги – Инвестирање во луѓе”

Новата правна рамка за обезбедување на социјални услуги, засновани во заедницата

“Инвестирање во социјални услуги – инвестирање во луѓе” беше темата на Конференцијата која ја организираше Ептиса, со техничка поддршка на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА. Конференцијата се одржа на 18 декември во Холидеј Ин во Скопје на која учествуваа голем број на чинители кои директно се вклучени во работата на социјалните услуги во нашата земја.
На конференцијата беа презентирани новите правни рамки во Македонија, поточно подзаконските акти за социјалните услуги изработени од Министерството за труд и социјална политика, а поддржани во рамките на проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги” реализиран од ЕПТИСА”. Се разгледаа следниве подзаконски акти: за помош и нега во домот, за лична асистенција, за згрижување, за живеење со поддршка и за услуги во заедницата.
На конференцијата присуствуваше Министер-ката за труд и социјална политика Мила Царовска. „Како Влада којашто се грижи за унапредувањето и заштитата на човековите права на сите лица со попреченост, со развојот на социјалните услуги, го менуваме моделот на поддршката што ја добиваат нашите сограѓани и ја менуваме свеста кај граѓаните во прифаќањето на различностите. Исто така, Северна Македонија е прва земја во регионот која што го менува начинот на финансирање на услугите преку методологија за утврдување на цените и носење одлуки за висината на цените на услугите. Преку овој модел ќе придонесеме за воведување на мноштво услуги и ќе создадеме нови работни места во секторот за социјална заштита, а граѓаните ќе добијат квалитетна поддршка на локално ниво”, рече Царовска.
Софи Бумо, претставничка на Делегацијата на Европската унија, истакна дека Делегацијата го признава високото ниво на посветеност на министерката Царовска во унапредувањето на услугите засновани во заедницата, процесот на децентрализација и градење на капацитет на локално ниво.
„За социјалните услуги да се спроведуваат успешно, потребно е сите професионалци во социјалниот сектор, како и корисниците на услугите, општините и граѓанските организации да бидат активно вклучени во процесот и мора да имаат целосно разбирање на правната рамка. Исто така, важно е за сите засегнати страни во овој процес да добиваат информации од Владата за примената на Законот, односно за тоа како се спроведува, кои се предностите, а кои слабостите во имплементацијата. Делегацијата на Европската унија заедно со другите партнери за развој – особено УНИЦЕФ и Светската Банка заедно работат да ги зајакнат достапните ресурси за спроведување на условите на Законот. Голем дел од обврските беа преземени од страна на Министерството за труд и социјална политика, кои работеа заедно со експертите на составување на овие Закони”, истакна Софи Бумо, претставничка на Делегацијата на Европската унија.
Роберт Кроис, тим лидер на проектот „Поддршка на модернизација и деинституционализација на социјалните услуги” кој ЕПТИСА го реализира во изминатиов период, а финансиран од Европската Унија, истакна дека ЕУ ги поддржува напорите на Владата во спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација. Целта на овој проект е да се поддржи воспоставувањето и достапноста на социјалните услуги во заедницата низ целата земја и да се намали бројот на деца и возрасни со попречености кои живеат во долгорочни станбени институции за социјална заштита, а особено да го поддржи развојот на соодветна правна и политичка рамка во примена на Стратегијата, да го зајакне капацитетот на државните и недржавните актери на национално и локално ниво за спроведување на Стратегијата, особено меѓу службените лица на институциите на локалната самоуправа.
Генералниот секретар на РЦПЛИП – ПОРАКА, д-р Василка Димоска и програмскиот менаџер Владо Крстовски дадоа свој придонес во реализацијата на оваа важна конференција, како модератори на две сесии посветени на новите правилници за функционирање на социјалните услуги за лична асистенција и помош во домот, како и за услугите во заедницата, односно дневните центри за различни целни групи.
Правилниците, согласно Законот за социјална заштита, ќе стапат на сила до крајот на 2019 година.

Scroll to Top
Skip to content