Одбележување на 3 декември, Меѓународниот ден на лица со попреченост на национално ниво

Изведба на театарската претстава „Бакнати од сонцето”

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, во соработка со членовите од Театар ПИ, актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска, организираше изведба на театарската претстава „Бакнати од сонцето” во која актери се лица со интелектуална попреченост, корисници на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Претставата се одигра на 03.12.2017 година во Мултимедијалниот центар „Мала Станица”.
Низ серија на специфични актерски техники и процес на импровизација, во работата се истражуваат можностите за создавање на театар со слики и приказни од секојдневниот живот на лицата со интелектуална попреченост. Низ ситуации и театарски игри, со лицата со интелектуална попреченост се создаде материјал, кој е дел на драматургијата во театарскиот перформанс „Бакнати од сонцето”. Акцентот во мултимедијалниот театарски перформанс е ставен на нивната способност да бидат изведувачи – перформери и ангажирано низ говорот на телото на сцена да споделат со публиката еден интимен театарски чин
Претставата се организираше по повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост и претставува можност да се презентираат и да се истакнат можностите и потенцијалите на лицата со интелектуална попреченост. Тоа воедно придонесува и за директно влијание во разбивањето на предрасудите што постојано го следат овие лица.

Во рамките на настанот, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА додели 3-то Декемвриска Благодарница на Ски центар Маврово – Ресорт Маврово, како израз на признание за организираниот 15 Аматерски хуманитарен велеслалом за поддршка на програмските активности на дневните центри за лица со интелектуална попреченост на РЦПЛИП -ПОРАКА. Исто така, ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје врачи Благодарници на поединци, организации и институции кои во текот на 2018 година дадоа значителен придонес во остварувањето на целите на организацијата: Одделение за социјална и здравствена заштита при Град Скопје, Меѓународно училиште “НОВА” и ученичката Миа Милошеска, бендот “Фанк Шуи”, Кугланата при Спортскиот центар “Борис Трајковски”, Студиската програма по графика при Факултетот за ликовна уметност и Театарот “ПИ”.

Scroll to Top
Skip to content