Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

Oбраќање на г-дин Чедомир Трајковски, Претседател на РЦПЛИП – ПОРАКА

Oбраќање на г-дин Чедомир Трајковски, Претседател на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, на одбележувањето на 50 годишниот јубилеј од активното делување на РЦПЛИП – ПОРАКА

Почитуван Претседател на Република Македонија, г-дин Ѓорге Иванов, почитуван министер за труд и социјална политика, г-дин Диме Спасов, почитувани присутни, драги пријатели, родители на лицата со интелектуална попреченост и мене особено драги лица со интелектуална попреченост.
Ми претставува особена чест и задоволство што денес од позиција на претседател на организација која слави 50 години (половина век) постоење и работење можам да Ве поздравам и да Ви се заблагодарам што најдовте време да бидете заедно со нас во одбележувањето на овој исклучително редок настан и јубилеј со кој многу мал број на субјекти во државата можат да се пофалат.

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА е оформен на 3-ти јуни во далечната 1963 година од група ентузијасти како Сојуз на друштва за помош на ментално ретардирани лица на Македонија. Во 1998 година го менува називот во Републички центар за помош на лица со ментален хендикеп – ПОРАКА, а во 2003 година го добива називот кој и денес го носи.
Ја користам можноста да им се заблагодарам на основачите на организацијата како и на сите оние кои во овие 50 години го дале својот придонес во работата и во развојот на организацијата.

Да се опстане 50 години во период кога се распаѓаше една држава со поинаков политички систем и да се продолжи со работа во друг политички систем, да се опстане и да се работи во услови на војна, во услови на внатрешен конфликт, во услови и во време на економска криза, а сето тоа значи да се опстане и да се работи во услови кога фокусот на луѓето кои носат одлуки беше насочен кон зачувување и опстанок на државата, тоа се разбира за организација како што е нашата, воопшто не беше лесно. Да се изоди толку долг пат кој трае половина век и да се пребродат сите предизвици кои ги носеше долгото време може да само ако сте свесни дека на така долг пат не постои лесен товар и дека мора постојано да се борите и справувате со сите предизвици и тешкотии со кои се соочувате.

Бевме свесни дека независно од времето и од условите во кои работиме ќе мора макар и со најмала брзина секогаш да се движиме напред. Сето тоа, впрочем како и се во животот, наликува како на возење велосипед. Мора постојано да вртите и да се движите напред, ако застанете, ја губите рамнотежата и паѓате.
Една африканска поговорка вели: „Ако сакаш да одиш брзо, оди сам, но ако сакаш да стигнеш далеку оди заедно со другите“.
Изборот на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА беше и е да се оди заедно со другите. РЦПЛИП – ПОРАКА е матична организација на 20 локални организации и истата е рамноправна членка на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, на Европската и на Интернационалната Инклузија, на Европскиот форум за попреченост и на Европската асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост.

Само да се биде заедно со другите беше доволно за почеток. Да се опстане заедно со другите во тој тежок период претставуваше голем напредок, а пак, 50 години да се работи заедно со другите, тоа е веќе успех на кој сите сме горди.

Како мрежа од локални организации низ целата држава, водени од родители на лицата со интелектуална попреченост, но и од посветени професионалци, РЦПЛИП – ПОРАКА придонесува во креирањето на сите позначајни закони, политики и програми во Република Македонија, а кои се однесуваат на човековите права на лицата си интелектуална попреченост и за нивното остварување на национално и на локално ниво.
Големиот број на успешно реализирани редовни програмски задачи, посебни програми, проекти и оформени сервисни служби говорат за делувањето на РЦПЛИП – ПОРАКА како важен чинител во процесот на изедначување на можностите на лицата со интелектуална попреченост.

Борбата за правата продолжува преку соодветна имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост. И за таа цел, РЦПЛИП – ПОРАКА заедно со своите локални организации мора да остане сплотена и единствена во својата визија за создавање на општество во кое сите лица со интелектуална попреченост ќе имаат еднакви права и можности.

Развојниот пат на РЦПЛИП – ПОРАКА од половина век е секако нешто што e достојно за почит. 50 години е навистина долг период, но ние знаеме дека пред нас стои уште подолг пат. Свесни сме за предизвиците со кои се соочува граѓанскиот сектор во Република Македонија, но сето тоа нé прави поцврсти и поистрајни да продолжиме да чекориме по зацртаниот пат, градејќи и создавајќи општество во кое лицата со интелектуална попреченост целосно ќе ги уживаат загарантираните човекови права. На тој пат, како и досега, ќе ни биде потребна поддршка од сите добронамерници.

Почитувани, за состојбата во која се наоѓаат лицата со интелектуална попреченост не се виновни само луѓето кои направиле нешто лошо за нив, туку и сите ние заради сите добра во животот што не сме ги направиле за овие лица.

Затоа да се обидеме да правиме што е можно повеќе добри работи за да бидеме што е можно помалку виновни.