Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

Обраќање на Министерот Диме Спасов50 години Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов се обрати на настанот поврзан со јубилејот- 50 години активно делување на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.
“Овој настан е од огромно значење, затоа што ПОРАКА како матична организација на лицата со интелектуална попреченост, во континуитет од 50 години е носител на бројни иницијативи, чија што цел е создавање на општество во кое што сите лица со интелектуална попреченост и нивните семејства ќе имаат достоинствен живот. Прославувајќи го овој јубилеј, 50 години активно делување на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – Порака, не можеме, а да не ги споменеме големиот број на успешно реализирани програмски задачи, посебни програми, проекти и веќе постојни сервисни служби, како што се дневните центри за лица со интелектуална попреченост над 18 години, кои што говорат за делувањето и функционирањето на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – Порака како еден важен чинител во процесот на интеграција на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија”, рече Спасов и додаде:

“Во рамките на Министерството за труд и социјална политика, оформени се 23 дневни центри за опфаќање на лица со интелектуална попреченост. Наскоро ќе бидат отворени дневни центри и во Кратово и Струмица, а како резултат на трипартитното партнерство помеѓу Министерството, Републичкиот Центар и градот Скопје, ваков центар ќе биде оформен и на територија на општина Ѓорче Петров. Во контекст на подобрување и унапредување на постоечката состојба, би ја споменал и неодамнешната одлука на Владата на Р.Македонија, за зголемување на посебниот додаток за самохрани родители на деца со пречки во развојот за цели 50 отсто при што исплатата на ова зголемување ќе започне од 1.1.2014 година, како и парична помош во износ на минимална пензија за самохраните родители на деца со пречки во развојот доколку ги чуваат децата 15 години во континуитет а не исполнуват услови за старосна пензија, при што измените на законите веќе се усвоија од страна на владата и истите набрзо ќе влезат во собраниска процедура “потенцираше Спасов.

Тој ја спомена и мерката која ја најави Претседателот на Владата, мерка со која се превидува вработување во државната и јавната администрација на 300 лица со инвлидност, мегу кои покрај лицата со оштетен вид, слух, говор, телесните инвалиди ќе бидат опфатени и лицата со интелектуална попреченост, при што во текот на овој мессец ќе биде објавен оглас на кој ќе можат да аплицират невработените лица со инвалидност, да се вработат а со тоа да го надминат својот најголем предизвик.

“Како министер за труд и социјална политика, ја користам оваа прилика да им ја изразам мојата длабока благодарност за сите добри нешта кои што Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – Порака ги има направено за лицата со интелектуална попреченост, за нивната хуманост и благородност кои се секако за почит. Тука, би сакал да ја напоменам и заложбата на Министерството за труд и социјална политика да го поттикнува и да го унапредува нивното делување во овој сегмент во општествениот живот и со заеднички сили да иэградиме подобра иднина за сите лица со интелектуална попреченост во Република Македонија, тргнувајќи од принципите на хуманизам, социјална правда и солидарност.

Ви го честитам Јубилејот 50 години постоење и Ви посакувам понатамошна успешна работа, со желба во континуитет да биде способни да одговорите на предизвиците и да ги задоволите потребите на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства, а на крај би сакал да го завршам ова мое обраќање со цитат од најголемата хуманистка во светски размери која што потекнува од овие наши простори, Мајка Тереза која што вели: „Твојата помош навистина е потребна. Луѓето можеби ќе те нападнат и тогаш кога им помагаш, но сепак – помагај им!“, заврши Спасов.

Преземено од www.mtsp.gov.mk