Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

Oбраќање на Н.Е. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија

Oбраќање на Н.Е. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија, на одбележувањето на 50 годишниот јубилеј од активното делување на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА

Драги гости,
Дами и господа,

Дозволете најпрво да го честитам големиот јубилеј – педесетгодишно постоење на Порака како специјализирана. граѓанска, национална инвалидска и непрофитна организација која ги застапува правата и интересите на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија. Вашата активност преку дваесетте локални клубови ширум Република Македонија има круцијална улога во поддршката на лицата со интелектуална попреченост. Воедно би сакал да ja изразам и својата благодарност за можноста да бидам дел од оваа прослава и лично да ви се обратам. Особено сум почестен што денес сум меѓу луѓе кои со својата волја, истрајност, храброст се пример и инспирација за секого. Ве уверувам дека во мене како Претседател на Република Македонија имате верен пријател и посветен поддржувач.

Почитувани,

Во оваа прилика сакам сосема јасно да акцентирам дека сите ние како претставници на институции, но и како поединци мора да сториме се за рушење на бариерите кои стојат пред лицата со интелектуална попреченост. Нивното вклучување во општествените и социјалните процеси не е само нивно право и придобивка, тоа е наша институционална, но и морална обврска. Мораме да ги срушиме пречките и да ги победиме предрасудите и стереотипите неуморно работејќи на подигнувањето на јавната свест.

Во контекст на ова сите досегашни искуства, истражувањата кои се преземаат, позитивните пракси, на Порака, но и на останатите организации, се извонредна основа за целосно имплементирање на конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост. Да потсетам дека конвенцијата беше ратификувана во македонскиот парламент пред нешто помалку од две години. Во контекст на имплементација на конвенцијата секако треба да се работи на полето на подобрување на законските можности и политиките за лицата со интелектуална попреченост, но и да се преземаат конкретни активности, секоја институција во рамките на своите ингеренции. Секако граѓанскиот сектор со својата иницијативност и креативност е клучен чинител во овој процес и тесната соработка со невладините организации е неминовна. Токму соработката на Министерството за труд и социјална политика и Порака, преку различни активности и проекти е добар пример како треба да се соработува во интерес на целната група. Координацијата и стручниот пристап, како користењето на искуствата од европско и светско ниво се исто така од особен интерес .

Дневните центри се несомнено клучниот фактор во подобрувањето на условите на лицата со интелектуална попреченост. Во овој контекст секако треба и да се работи на постојано надградување на условите за живот во постоечките институции наменети за лицата со интелектуална попреченост, иако се разбира останува целта за за што поголема деинституционализација на овие лица и нивно опфаќање во алтернативни сервисни служби во местото на живеење, Дел од горе наведеното впрочем е и дел од целите и принципите на Порака.

На крајот дозволете уште еднаш да ве поздравам да ви посакам уште многу јубилеи и уште многу успеси во програмите и проектите кои ги реализирате.

Ви благодарам.

Преземено од www.pretsedatel.mk