РЦПЛИП – ПОРАКА работно го одбележа 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Во рамките на својата програма за одбележување на 3-ти декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА на 2-ри декември 2010 година во просториите на Дневниот центар – ПОРАКА Скопје, одржа презентација на извештајот од спроведеното истражување во рамките на кампањата за превенција од малтретирање на деца/лица со интелектуална попреченост “Животот како безбедна авантура”. Воедно, беше промовиран и објавен Манифестот од одржаната европска конференција во Скопје “Кон живеење во заедницата – актуелни состојби – идни предизвици”. На настанот, свои излагања имаа:
- Чедомир Трајковски, Претседател на РЦПЛИП – ПОРАКА;
- Д-р Василка Димоска, Програмски менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА.
- Владо Крстовски, Програмски асистент во РЦПЛИП – ПОРАКА.
Во рамките на презентацијата, а по повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА врачи плакети и благодарници на поединци, институции и организации кои во текот на 2010 година дале свој придонес за остварување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија.
Благодарница беше врачена на г-дин Зоран Џорлев, како израз на признание за соработката и поддршката во организирањето на Европската конференција “Кон живеење во заедницата: актуелни состојби – идни предизвици”. Плакети беа врачени на:
- Национален Демократски Институт, како израз на признание за поддршката на програмските активности на РЦПЛИП – ПОРАКА за унапредување на законските можности за лицата со попреченост во 2010 година.
- Град Скопје, како израз на признание за поддршката во обезбедувањето на континуитетот на работата на Дневниот центар – ПОРАКА Скопје и за поддршката во организирањето на Европската конференција “Кон живеење во заедницата: актуелни состојби – идни предизвици”.
- ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, како израз на признание за соработка и поддршката во организирањето на Европската конференција “Кон живеење во заедницата: актуелни состојби – идни предизвици”.
- ЕАСПД – Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост, како израз на признание за соработката и поддршката во организира-њето на Европската конференција “Кон живеење во заедницата: актуелни состојби – идни предизвици”.
- Центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Демир Хисар, како израз на признание за успешното делување и остварување на програмските активности во општина Демир Хисар во 2010 година.
Исто така, РЦПЛИП – ПОРАКА додели награда “3-ти Декември” на г-ѓа Виолета Димоска, како израз на признание и благодарност за 40-годишното успешно делување и создавање услови за достоинствен живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во Република Македонија.