Еден од трите дела на програмските активности на РЦПЛИП – ПОРАКА во 2009 година за зајакнување на капацитетот на локалните организации и сервисните служби кои функционираат во рамките на мрежата на РЦПЛИП – ПОРАКА се обуките на ангажираните лица во дневните центри. Втората обука во 2009 година за ангажираните лица во дневните центри беше насочена кон унапредување на индивидуалниот пристап во креирањето на програма за работа за корисниците на дневните центри
На 11-ти и 12-ти април 2009 година, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА ја реализираше втората работилница во 2009 година на која учествуваа ангажираните лица во дневните центри кои ги менаџира РЦПЛИП – ПОРАКА. Работилницата ја спроведоа д-р. Василка Димоска, Програм Менаџер и Владо Крстовски, Програм Асистент во РЦПЛИП – ПОРАКА, а истата се одржа во просториите на дневниот центар во Скопје.
Работилницата беше фокусирана на унапредување на индивидуалниот пристап во планирањето на прогамите за работа со лица со интелектуална попреченост во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА, но исто така беа повторени дел од внатрешните регулаторни процедури кои се однесуват на организационата поставеност на сервисните служби.
Првиот дел од работилницата се однесуваше на моделите на индивидуален пристап, како и на инструментите кои се применуваат со цел да се осигура ефективен индивидуален пристап во работата. Беа разгледувани инструментите кои се користат во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА и притоа беше дискутирано за нивната употреба во поединчени дневни центри, со цел да се постигне еднаква и унифицирана употреба. Презентациите дадоа вовед на понатамошниот практичен дел од работилницата, во кој секој од учесниците разработуваше индивидуален план за работа за еден корисник.
Во текот на работилницата, учесниците повторно дискутираа за тоа како развојот на стандардите за квалитет ќе влијае врз севкупниот процес на обезбедувањето на сервисните служби, поспецифично за дневни центри. Имено, индувидуалниот пристап е еден од основните критериуми во сите модели и системи на квалитет за социјални сервисни служби. Од таму, од исклучителна важност за РЦПЛИП – ПОРАКА е детално разработување на систем кој ќе осигура квалитетна работа во дневните центри, преку употреба на индивидуалниот пристап, а кој ќе се употребува подеднакво во сите сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА.