On the 3rd of June EASPD together with the The Republic Center for Support of persons with Intellectual Disability – PORAKA in North Macedonia, organised the 2nd edition of EASPD Regional Balkan Provider Forum. The focus of this year was Early Childhood Intervention (ECI) and the main aim of this event was to provide a source of inspiration for decision makers and service providers willing to develop or improve ECI services and programmes across the Balkan region.
Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА заедно со Европската асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост го организираа вториот Регионален форум за обезбедувачи на сервисни служби кој пренесе модели на добра практика во интервенцијата во раното детство од целиот балкански регион кој се одржа на 3 јуни 2021 година на платформата ZOOM. Со истакнувањето на овие практики, имавме за цел да овозможиме извор на инспирација за други обезбедувачи на сервисни служби, носители на одлуки и професионалци кои сакаат да развиваат или да ги унапредуваат сервисните служби за интервенција во раното детство и програмите во нивното место на живеење низ регионот на Балканот и пошироко. На овој настан учество зедоа претставници на организации на лица со попреченост, обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост, како и други релевантни чинители од овие области од Македонија, Грција, Хрватска, Албанија и Бугарија.
Форумот го отвори д-р Василка Димоска, Генерален секретар на РЦПЛИП – ПОРАКА и член на Бордот на ЕАСПД, а го модерираше Agapi Papadaki, од Центарот за рана интервенција за деца со оштетен вид, од Грција. Во текот на Форумот секоја од земјите учеснички имаше можност да презентира по еден модел на добра практика во областа на интервенцијата во раното детство.
Првата презентација беше од Help the Life Association, Албанија. Претставникот на организацијата, Eglantina Shllaku, говореше на темата: „Олеснување на инклузивноста за децата со попреченост во предучилишното образование преку иновативни алатки и обука на персоналот“. Таа ги презентираше наодите од студијата што ја спровеле со цел да ги истражат и анализираат пречките што ја оневозможуваат инклузијата и ефективните програми за рано образование за децата со попреченост во Албанија. Резултатите покажуваат дека: на предучилишните програми им недостасуваат специфични работни алатки (материјали за учење) и соодветни простории за работа со децата со попреченост; недостиг на поддршка за персоналот; недоволна соработка со родителите; недостиг на знаење и техники за поддршка кај персоналот за поддршка на инклузијата, недостиг од инклузивни средини; несоодветни образовни програми за специфичностите на децата со попреченост. Воедно, наставниците ја искажале потребата од подобрување на нивото на поддршка за децата со попреченост во образовниот систем од најрана возраст преку креирање на соодветни интервенции за искусување на високо квалитетни искуства за учење и инклузивни училници. Со цел да се поддржи инклузијата на децата со попреченост во образовните институции уште од најмала возраст, но и да одговори на дел од потребите и потешкотиите на персоналот, организацијата Help the Life изготвила два прирачници за нив, поточно прирачници за зајакнување на нивните капацитети, составени од по пет модули кои опфаќаат две возрасни групи на деца (0-3 годишна возраст и 3-6 годишна возраст). Покрај прирачниците, се спровела и обука за персоналот од четири града во Албанија, а била овозможена и техничка помош за прилагодување на наставните програми за работа со деца со попреченост.
Mirella Giannakopoulou и Marie Ange Widdershoven од Theotokos Фондацијата во Грција, говореа на тема: „Програма за рана интервенција во локалните градинки: рана детекција на деца во висок ризик да бидат дијагностицирани со развојни нарушувања“. Двете говорнички се дел од одделот за рана интервенција во Фондацијата, и всушност ја презентираа работата на нивниот оддел. Раната детекција и интервенција во местото на живеење за предучилишните деца е значајна со цел да се делува на превенција од доцнење во развојот и емоционални потешкотии; да се унапреди севкупниот развој на децата; да се зајакнат семејствата; да се поддржат воспитувачите во градинките и да се постигне инклузија во училиштата и заедницата. Нивната програма е наменета за деца на возраст од 2 – 5 години и нивните семејства.
Ana Validzic Pozgaj, од Mali Dom, Хрватска, говореше за искуството со интервенцијата во раното детство во нивниот центар и сервисните служби што тие ги обезбедуваат низ Хрватска. Во Хрватска интервенцијата во раното детство се овозможува за деца со потешкотии во развојот или ризик во развојот, обично до 3 и до 7 годишна возраст. Mali Dom како сервисна служба овозможува програма за интервенција во раното детство за деца на возраст од 0 – 3 години со попреченост или кои се во ризик од развивање на попреченост. Програмата е ориентирана кон семејството, истата е индивидуализирана и главно се изведува во домот на детето. Главните карактеристики на програмата се следните: Арена процена, т.е., професионалци од различни дисциплини истовремено прават процена на детето; распределба на улоги, што претставува најсуштинската и со најголем предизвик компонента која го вклучува и семејството; меѓу-професионална соработка помеѓу членовите на тимот што вклучува интензивна интеракција помеѓу нив и размена на информации и знаења, и родителите се интегрални партнери на тимот. Интервенцијата во раното детство во Хрватска е опфатена во Законот за социјална заштита, со што се овозможува склучување на договори на обезбедувачи на сервисни служби со Министерството за социјална заштита за обезбедување на интервенција во раното детство.
„Вклучување на семејствата во интервенцијата во раното детство: научени лекции од пандемијата“ беше темата на која говореше Borislava Cherkezova од организацијата Karin Dom, Бугарија. Пандемијата и социјалната изолација го потврдија и го зајакнаа семејството како главен актер за развојот и добросостојбата на детето. Karin Dom заедно со семејствата го избраа вистинскиот начин и време за онлајн консултации. Се разработија акциски планови за првичните напори за поддршка кои ги опфатија сите родители во заедницата, партнерите на Karin Dom и нивните семејства, а се подготвија и бесплатни видео предавања на Facebook за сите родители со мали деца. Истовремено се зголеми и психолошката поддршка за родителите и тимот на организацијата со главното начело за флексибилност и близина за сите семејства.
Маргарита Гулевска од организацијата Отворете ги прозорците, Република Северна Македонија, ја презентираше онлајн платформата што тие ја користат за работа со деца со попреченост во време на пандемијата со КОВИД-19. Платформата е креирана со цел да се обезбеди поддршка и да им се помогне на децата во нивниот развој; да се даде поддршка на родителите да имаат пристап до ресурси за учење на далечина; да им се овозможи на децата да имаат пристап до иновативни сервисни служби за континуирано напредување. Онлајн услугите кои ги нуди платформата опфаќаат индивидуализирана поддршка за употреба на компјутер и интернет; индивидуализирана поддршка од специјален едукатор и рехабилитатор и од логопед; индивидуален онлајн пристап, како и консултативна и советодавна поддршка за родителите.
Irene Bertana од ЕАСПД говореше за политиките и работните рамки на Европската унија, а кои се релевантни за интервенцијата во раното детство. Во презентацијата таа подетално ги претстави начелата на Гаранцијата за детето, која е исклучително важна за областа на рана интервенција, како и Европскиот столб за социјални права, Стратегијата на ЕУ за правата на лицата со попреченост 2021-2030 и Стратегијата на ЕУ за правата на детето.
Во завршниот дел од форумот, д-р Василка Димоска се осврна на клучните елементи што се потребни за да се изградат одржливи сервисни служби за интервенција во раното детство во регионот на Балканот (но и пошироко):
• Националните влади треба да развијат соодветни законски и финансиски рамки за поддршка на развојот на сервисните служби за интервенција во раното детство насочени кон семејствата. Крос-секторската соработка помеѓу сервисните служби за интервенција во раното детство и секторите за здравство, образование и детска заштита, мора да биде неопходна компонента на сервисните служби за да се осигура добросостојбата на секое дете и преминот во инклузивно предучилишно и училишно образование;
• Потребни се јасни протоколи и стандарди за развивање на национални модели за интервенција во раното детство;
• Охрабрување на системите за мониторинг да се избегне обезбедувањето на неформални сервисни служби;
• Потребни се национални статистички информации за бројот на деца со попреченост и нивните дијагнози;
• Обезбедување на соодветно финансирање;
• Обезбедување информации и адекватна обука на семејствата со деца со попреченост;
• Обезбедување на специјализирани сервисни служби со поддршка фокусирана на семејството: фокусот во интервенцијата во раното детство треба да биде ставен на семејството, кое треба да биде во центарот на вниманието, а не тоа да биде самата процедура;
• Вклучувањето на семејството во партнерство со професионалците е неопходно за одржлив напредок на децата со попреченост;
• Програмите базирани во домот се поефективни кај малото дете, наместо програмите кои се базирани во центрите;
• Да се осигура тековна поддршка за градење и одржување на капацитетите на персоналот кој работи во сервисните служби за интервенција во раното детето;
• Да се зголемува свесноста кај заедницата за когнитивните, јазичните, моторните или сензорните прашања кои влијаат врз развојот на детето.
„Ме радува што денес слушнавме два позитивни примери на сервисни служби во текот на пандемијата. За мене, тоа е многу охрабрувачки бидејќи во изминатиов период сите ние се соочивме со социјална изолација. Социјалната изолација е секојдневна практика за лицата со попреченост и нивните семејства. Но, во периодот на пандемија со КОВИД-19 целиот свет се соочи со социјалната изолација. Можеби ова е моментумот што треба да се искористи во нашите идни кампањи за подигнување на свеста во однос на потребата за социјална инклузија на лицата со попреченост особено прифаќањето на децата во секој сегмент од нашето живеење“ потенцираше д-р Димоска во завршницата на Вториот Балкански форум за обезбедувачи на сервисни служби на лица со попреченост.