Како дел од програмските активности во кампањата “Правата да станат реалност”, а со цел за подигнување на јавната свест кај младата популација во однос на лицата со интелектуална попреченост, ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар во соработка со СОУ “Крсте Петков Мисирков”, под покровителство на директорот Кире Ристевски, одржа работилница под мотото “Вашата добрина – наша гордост”.
На работилницата учество зедоа 30 ученици од прва до четврта година при СОУ “Крсте Петков Мисирков”, шест професори кои се активно вклучени во програмските активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, понатаму претставници од организацијата, претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола, од локалната самоуправа, ЈЗУ за рехабилитацијана слух и говор од Битола, како и Џули Тумаш – волонтер од американската организација “Мировен корпус”.
На работилницата се опфатија темите: “Што е интелектуална попреченост?” и “Разликите помеѓу ментална болест и интелектуална попреченост” кои беа презентирани од ученици средношколци, а беше прикажан и краткиот филм “Авантурата на Сара”.
Се говореше и за задолжителното образование и лицата со интелектуална попреченост, со посебен осврт на членот 24 од Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост кој се однесува на образованието, потоа Уставот на РМ и Законот за средно образование, како и потребата за нивна имплементација во практиката.
На крајот на работилницата, на учениците и нивните професори – ментори им беа врачени сертификати за учество.