Со резолуцијата 47/93 од 4 Октомври 1992 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 3-ти Декември за Меѓународен ден на лицата со попреченост, со цел да се подигне степенот на познавање и разбирање за проблемите на лицата со попреченост и да се зголеми свеста за сето она што ќе се добие доколку тие се интегрираат во секој аспект на општествениот и економскиот живот на заедницата.
Насоките од Обединетите нации за одбележување на 3-ти Декември вклучуваат собирање на позитивните резултати направени во изминатата година и на пречките и проблемите со кои се соочуваме во спроведување на програмите и политиката за лицата со попреченост, како и оддавање на признанија на поединци и организации кои дале свој придонес за унапредување на човековите права на лицата со попреченост.
Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, секоја година во рамките на својата програма за одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост и следејќи ги насоките од Обединетите нации, доделува плакети и благодарници на поединци, институции и организации кои во текот на годината дале свој придонес за остварување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија.
Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА за 2008 година додели:
- ПЛАКЕТА на г-дин Перо Стојановски, за личниот придонес и поддршка во обезбедувањето на континуитетот на работата на Дневниот центар – ПОРАКА Скопје,
- БЛАГОДАРНИЦА на Градот Скопје, како израз на признание за поддршката во обезбедувањето на континуитетот на работата на Дневниот центар – ПОРАКА Скопје
.
Врачувањето на плакетата и благодарницата се одржа на 3-ти Декември 2008 година, во 12 часот во просториите на Дневниот центар – ПОРАКА Скопје.
Г-дин Перо Стојановски, Министер за образование и наука и г-ѓа Елеонора Панчевска Николовска од Одделението за социјална, детска и здравствена заштита при Градот Скопје се заблагодарија за врачените признанија и искажаа подготвеност за понатамошна продлабочена соработка и поддршка на активностите на РЦПЛИП – ПОРАКА