Предлог – стратегија на град Скопје за соработка со граѓански организации
Во периодот од мај до август 2007 година градот Скопје во партнерство со Центарот за институционален развој – ЦИРа, а со поддршка од ОБСЕ – Набљудувачка мисија во Скопје реализираше проект кој беше насочен кон зголемување на учеството на јавноста преку систематско подобрување на соработката помеѓу локалните граѓански организации и Град Скопје.
Главна цел на проектот е да се развие Стратегија на Град Скопје за соработка со граѓански организации придружена со акционен план преку процес кој овозможува активно учество и придонес на самите граѓански организации. Во насока на долгорочен придонес на граѓанските организации во работата на Град Скопје ќе се воспостави и Советодавен Форум составен од членови на здруженија на граѓани и фондации. Исто така низ процесот ќе се развијат механизми и критериуми за доделување на поддршка на градот Скопје кон граѓанските организации што ќе придонесе кон зголемување на транспарентноста и ефективноста на работењето на Град Скопје.
Со цел успешно да се изработи оваа Стратегија беа спроведени и шест работилници на кои учествуваа претставници и од граѓанскиот сектор, меѓу кои и претставници од ПОРАКА. На овие работилници граѓанските организации имаа можност активно да учествуваат и да дадат свој придонес во изготвувањето на приоритетите на Стратегијата.
Текстот на предлог Стратегијата на Град Скопје за соработка со граѓански организации е веќе подготвен и преку службите на градот Скопје ќе биде доставена за усвојување на Советот на Град Скопје, по што ќе следува и нејзина имплементација.
Оваа Стратегија претставува среднорочен плански документ кој го опфаќа периодот 2007 – 2010 година. Нејзина главна цел е да овозможи активно вклучување на граѓанските организации, кои активно делуваат на територијата на Град Скопје, во процесите на дефинирање на развојни активности и иницијативи на градот Скопје, како и да создаде предуслови за оформување на ефикасни партнерства.Разработени се седум стратешки цели со соодветни акциски планови, кои вклучуваат детален опис на соодветната активност, показателите, временската рамка и одговорната организациона единица за спроведување на активноста.
СТРАТЕШКА ЦЕЛ 1: Воспоставување на механизми за соработка помеѓу Град Скопје и граѓанските организации
Градот Скопје има за цел да ја институционализира и направи одржлива соработката со граѓанските организации. Затоа преку серија на активности се планира воспоставување на нови и квалитативно подобрени механизми на блиска соработка. Поради тоа се дојде до идеја да се востановат заеднички работни и советодавни тела кои ќе се стават на располагање на градската администрација, а ќе бидат поддржани со расположливите ресурси на градот.
Со цел да се постигне оваа цел предвидено е реализирање на следните активности: изработка на ресурсна база на податоци на граѓански организации; формирање на дискусиони работни групи по области и избор на членови од граѓанските организации во Градскиот форум за соработка и координација на Град Скопје со граѓански организации; основање на Градскиот форум за соработка и координација на Град Скопје со граѓански организации (Градски форум); усвојување и објавување на критериумите за поддршка на номинирани проекти и на процедури за аплицирање; изработка и примена на механизми за заштита на интелектуалната сопственост во однос на доставените предлог проекти; објавување на оглас за номинација на предлог проекти.
СТРАТЕШКА ЦЕЛ 2: Зголемување на протокот на информации помеѓу Град Скопје и граѓанските организации
Постигнувањето на оваа цел е предвидено со: формирање на заеднички е-маил групи по области; формирање на дискусиони блогови во состав на интернет страницата на Град Скопје; воспоставување на мрежа на контакт лица по области во градската администрација како главни контакт точки за граѓанските организации; формирање на градски центар за поддршка на граѓански организации (Градски НВО центар); обезбедување на стручна помош и информации на граѓанските организации во делот на толкување на законската регулатива која е во директна врска со ингеренциите на Град Скопје и одлуките на Град Скопје; изработка и објавување на годишен наративен и финансиски извештај за соработката на Град Скопје со граѓанските организации.
СТРАТЕШКА ЦЕЛ 3: Зголемување и зајакнување на капацитетите на градската администрација со цел да се подобри квалитетот на функциите што ги вршат и услугите што ги даваат
Идејата зад оваа цел е граѓанските организации да придонесат кон подобрувањето на квалитетот на извршување на функциите и на давање на услугите од страна на градската администрација. Досегашното искуство на поголем дел граѓански организации, како и пристапот што го имаат до позитивните искуства во другите локални самоуправи во светот, но и во земјата, се доволен повод за искористување на овој потенцијал.
Предвидените активности за реализација на оваа цел се: проценка на потребите за обуки на градската администрација; изведување на серија обуки за градската администрација; изработка и усвојување на Кодекс на однесување за вработените во градската администрација; формирање на библиотека на светски добри практики поврзани со работата и надлежностите на Град Скопје; воведување на принцип на оценка на квалитетот на дадените услуги; избор и примена на дел од добрите практики во работата на градската администрација; мониторинг и евалуација на реализацијата на годишните планови и програми.
СТРАТЕШКА ЦЕЛ 4: Развивање на стратешки партнерства помеѓу Град Скопје и граѓанските организации
Развивањето на стратешки партнерства помеѓу Град Скопје и одредени граѓански организации е потребно заради максимално искористување на потенцијалите и ресурсите на одредени граѓански организации “специјализирани” за одредени подрачја на работа, намалување на трошоците на градската администрација во овие подрачја и значително подобрување на состојбите во посочените подрачја. Исто така,стратешките партнерства отсликуваат координирана соработка во која заеднички се инвестира и делува со искористување на ресурсите на клучните актери и засегнати страни.
Предвидените активности за оваа цел се следните: идентификување на “специфични” подрачја од интерес на градот за воспоставување на партнерства со граѓанските организации; мапирање на состојбите во идентификуваните “специфични подрачја”; изработка и усвојување на мерки за подобрување на состојбите во “специфичните” подрачја; потпишување на меморандуми за соработка со соодветни граѓански организации за реализација на усвоените мерки во “специфичните” подрачја; континуирано следење на состојбите во “специфичните” подрачја и известување на градската администрација за ефикасноста на преземените мерки.
СТРАТЕШКА ЦЕЛ 5: Зголемување на степенот на заштита на животната средина и подобрување на градската чистота
Активностите предвидени во оваа стратешка цел се стремат кон подобрување на севкупната состојба во делот на заштита на животната средина и значително подобрување на градската чистота преку реализација на серија мерки. Посебно внимание се посветува и на заштитата на кучињата – скитници и на потребата од заштита, развивање и проширување на зелените површини.
СТРАТЕШКА ЦЕЛ 6: Зголемување на учеството на граѓанските организации во процесите на планирање и изработка на специјализирани стратегии
Со обезбедување на активно учество на граѓанските организации во процесите на планирање и изработка на специјализирани стратегии, градот Скопје обезбедува отчетност и транспарентност во работењето, како и вклучување на граѓаните во идентификување на потребите за развој. Претставниците на граѓанските организации ја идентификуваа потребата за развој и усвојување на следниве стратегии: изработка на стратегија за урбан развој; изработка на стратегија за развој и промоција на туризмот во Град Скопје; изработка на стратегија за развој на спортот, рекреацијата и физичката култура во Град Скопје; изработка на стратегија за развој на културата и заштита и промоција на градското културно наследство; изработка на стратегија за развој на занаетчиството; изработка на стратегија за развој на мали и средни бизниси.
СТРАТЕШКА ЦЕЛ 7: Давање поддршка на градската администрација во справување со здравствено-социјално-образовните проблеми во градот
Седмата и последна стратешка цел обединува група на програми и политики неопходни за подобрување на одредени конкретни состојби во делот на социјалната заштита, образованието и здравствената сигурност на граѓаните на Скопје. Постојат граѓански организации кои подолги години делуват на овие полиња и имаат забележано видни промени и подобрувања. Токму поради нивното искуство, тие ќе имаат значаен удел во реализацијата на дел од оваа стратешка цел.
Меѓу активностите предвидени со оваа стратешка цел е и усвојување на градска политика и изработка на програма за поддршка на лицата со попреченост. Резултат од оваа активност ќе биде изработена и усвоена програма за поддршка на лицата со попреченост, која ќе опфати годишни и општи и специфични цели, како и клучни активности за постигнување на истите и соодветна буџетска проекција. Програмата ќе содржи и план за следење и евалуација, како и засегнати страни и одговорни лица кои ќе бидат назначени за раководење и имплементација на истата. Програмата ќе се изработи со партиципативно учество на сите клучни актери кои преземаат иницијативи и активности за поддршка на лицата со попреченост, при што ќе постои можност за идентификување на сите активности кои се преземаат на тоа поле и мапирање на клучните актери. Мапирањето ќе придонесе кон анализа на моменталната состојба и креирање на програма со специфични активности и јасна координираност и соработка помеѓу сите засегнати страни. Реализацијата на активноста опфаќа формирање на работна група составена од претставници на заинтересираните граѓански организации, градската администрација, релевантни владини институции и индивидуални експерти, кои преку серија од средби ќе работат на изготвување на предлог програма, која ќе кореспондира со националната програма за правата на лицата со попреченост, како и со националната стратегија за деинституционализација на лицата со попреченост.
Главни субјекти во имплементација на стратегијата се администрацијата на градот Скопје и граѓанските организации. Сепак со оглед на фактот дека на територијата што ја покрива Град Скопје егзистираат десет општини, несомнено е дека за имплементирање на одредени делови од овој документ ќе биде неопходно да се воспостави добра координација и соработка и со администрациите на десетте скопски општини.