Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во Општеството
Активности на локално ниво
Трибина во Демир Хисар
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Демир Хисар во рамките на своите активности на ден 23.05.2007 година во Домот на култура “Илинден” – Демир Хисар организираше трибина на тема “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во ОПШТЕСТВОТО” во рамките на националната кампања за промоција на еднаквост на лицата со интелектуална попреченост.
На трибината учествуваа претставници од: Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, кабинетот на Градоначалникот на општината, локалната самоуправа, Центарот за вработување, подрачната единица на Министерството за труд и социјална политика, невладини организации, медиумите и Извршниот одбор на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар.
Трибината ја отвори г-дин Љубе Димчевски, претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар при што истакна дека оваа трибина ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар ја организира под покровителство на градоначалникот на општината, г-дин Љупчо Најдовски, под мотото “И ние имаме право на глас, дајте ни ги нашите можности, да бидеме со вас, тоа се вашите должности”, и ја претстави личната карта на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, изнесувајќи податоци за основањето на Центарот, евидентирани членови – лица со интелектуална попреченост и нивна застапеност по пол и возраст.
За концептот на националната кампања во 2007 година која ја организира РЦПЛИП – ПОРАКА заедно со своите локални организации, зборуваше д-р Василка Димоска, Програм Менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА и координатор на проектот за спроведување на кампањата на национално ниво.
Во името на градоначалникот на општината, присутните ги поздрави г-дин Мише Милошевски, Раководител на одделението за локален економски развој и општествени дејности во општината.
За децентрализацијата – законските можности од Законот за Локална самоуправа зборуваше г-ѓа Валентина Павловска – помлад соработник за здравствена и социјална заштита во општината.
За социјалната заштита и деинституционали-зацијата зборуваше г-дин Владо Крстовски, програм асистент во РЦПЛИП – ПОРАКА, а на крајот од трибината се вклучи г-ѓа Сузана Митревска, претставник на Центарот за вработување која се осврна на законските можности за вработување на лицата со попреченост.
Трибината беше следена од Радио Демир Хисар – медиумски покровител на кампањата на локално ниво.
Активности во Радовиш
ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш ги презема првите активности во рамките на националната кампања за промоција на еднаквост на лицата со интелектуална попреченост што ја реализира РЦПЛИП – ПОРАКА заедно со своите локални организации во 2007 година.
Во месец мај се дистрибуираа летоци и плакати до локалните власти, подрачните единици на ресорните министерства, основните и средното училиште, Здравствен дом, Центарот за социјална работа, медиуми итн. Дистрибуирањето го вршеа членовите и активистите на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш и корисниците на дневниот центар. Исто така, беа организирани тематски часови, каде на учениците им беа дадени основни информации за можностите и потенцијалите на лицата со интелектуална попреченост, како и за корисноста од вклучување на лица со попреченост во образовниот процес и развивање на пријателски односи со тоа лице, Учениците беа запознаени со искуството од спроведувањето на секојдневните активности во дневниот центар за стекнување и развивање на потенцијалите на лицата со интелектуална попреченост, како и со позитивните придобивки од функционирањето на дневниот центар. Корисниците зборуваа за текот на денот во дневниот центар и за нивните најомилени активности.
Учениците беа задоволни од информациите кои ги добија за лицата со интелектуална попреченост и изразија желба да н# посетат во просториите на дневниот центар и да учествуваат во заеднички активности.
Промоција во Куманово
ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово, под покровител-ство на г-дин Зоран Дамјановски, Градоначалник на општина Куманово, на 21-ви јуни 2007 година одржа промоција и презентација на националната кампања “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството” на локално ниво.
На промоцијата учествуваа претставници од локалната самоуправа, од Советот на општина Куманово, РЦПЛИП – ПОРАКА, Биро за унапредување на образованието, Центар за социјална работа, Центар за вработување, Медицински центар, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, Фонд за здравствено осигурување, претставници од основните и средни училишта, Јавно обвинителство, Народен правобранител, Мисија на ОСЦЕ, претставници од Црвен крст и други НВОи, сопственици на приватни претпријатија, корисници на дневниот центар на ПОРАКА во Куманово и медиуми.
Промоцијата на кампањата започна со поздравен збор и претставување на активностите кои ги презема ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово во рамките кампањата на локално ниво од страна на Благица Димитровска, претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово.
Д-р Василка Димоска, Програм Менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА го претстави концептот и целите на националната кампања која РЦПЛИП – ПОРАКА ја спроведува со своите 20 организации членки.
Г-дин Миле Стојменовиќ, раководител на сектор за јавни установи и информирање во општина Куманово говореше за местото и улогата на локалната самоуправа во остварување на правата на лицата со интелектуална попреченост. Г-ѓа Сузана Трајковска од Центар за социјална работа – Куманово, говореше за социјалната сигурност на лицата со интелектуална попреченост во Р.Македонија. Г-ѓа Светлана Стевчевска од Фондот за здравствено осигурување во Куманово говореше за здравствената заштита и рехабилитација на лицата со интелектуална попреченост, а г-ѓа Милка Георгиевска од Центарот за вработување говореше за правото на вработување на лицата со интелектуална попреченост. Секретарот на ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово, г-ѓа Виолета Секирарска, ги презентираше приоритетите на РЦПЛИП – ПОРАКА во овие области.
Претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово најави дека во текот на годината ќе бидат организирани повеќе позитивни акции за надминување на нееднаквоста и елиминирање на дискриминацијата кон лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.
Тематски часови во Скопје
ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје презеде неколку активности во рамките на кампањата за промоција на еднаквост за лица со интелектуална попреченост “Преку различноста до еднаквост во општеството” на локално ниво. Една од реализираните активности се тематските часови и дистрибуција на промотивен материјал во основните и средните училишта на територијата на градот Скопје. Беа опфатени шест училишта ГУЦ “Здравко Цветковски”, гимназија “Георги Димитров”, гимназија “Орце Николов”, основните училишта “Ѓорѓи Пулевски”, “Браќа Миладиновци” и “Љубен Лапе”. Тематските часови под наслов “Што е интелектуална попреченост?” беа реализирани од страна на родителите и ангажираните лица во дневниот центар на ПОРАКА во Скопје. Во другите три училишта материјалот беше презентиран од страна на класните раководители.
Поради позитивните искуства и впечатоци од страна на родителите и учениците, ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје ќе продолжи со реализирање на овие тематски часови со почетокот на новата учебна година, при што ќе се настојува да се опфатат најголемиот дел од училиштата на територијата на градот Скопје.