Историска пресуда на Европскиот суд за човекови права против Хрватска: Дали го менува животот на лицата со попреченост?
На 24-ти јули 2012 година, Европскиот суд за човекови права за првпат во својата историја одлучи дека неуспехот на државата да заштити лице со попреченост и неговата мајка од долгорочното вознемирување ги крши нивните човекови права. Бидејќи одлуката има значајно законско влијание во сите земји од Советот на Европа, лицата со попреченост треба да ја искористат и да побараат од своите влади да ги штитат од насилство и вознемирување на основ на нивната попреченост.
Европскиот Суд увиде неколку кршења на Конвенцијата во врска со неуспехот на хрватските власти да стават крај на долгорочното вознемирување на еден човек со попреченост и неговата мајка.
На 24-ти јули 2012 година, Европскиот Суд за човекови права ја изнесе својата пресуда во случајот на Ѓорѓевиќ против Хрватска, во однос на постојаната злоупотреба и вознемирување долги години наназад на еден човек со попреченост (Далибор Ѓорѓевиќ) и неговата мајка (Радмила Ѓорѓевиќ) кои живеат во Загреб од страна на група млади лица. Европскиот Суд за човекови права увиде кршења на членовите 3 (забрана на нечовечен и понижувачки третман), 8 (право на приватен и семеен живот) и 13 (право на ефективен лек) поради неуспехот на властите ефективно да делуваат со цел да стават крај на злоупотребата. Ова е прв случај на криминал од омраза врз лице со попреченост за кој одлучувал Судот.
Криминал од омраза врз лица со попреченост без разлика дали живеат во заедницата или во институции е широко распространета појава, добро документирана во Велика Британија, но помалку позната и разбрана во останатите земји од Европа. Се јавува надеж дека оваа пресуда ќе придонесе за поголема свесност за криминалот од омраза врз лицата со попреченост во Хрватска и низ цела Европа, како и поцврсти акции против.
Апликантите, двајца државјани на Хрватска од српска националност, живеат заедно во стан на приземје во Загреб. Далибор има физичка и интелектуална попреченост, па поради тоа е лишен од неговата деловна способност, а мајка му е назначена за негов старател. Од 2006 година, апликантите постојано се соочуваат со злоупотреба и вознемирување од страна на група млади лица кои живеат и учат во истото соседство. Вознемирувањето се состои од антисоцијално однесување, кое вклучува кажување на погрдни имиња, плукање, давање вулгарни коментари, викање, цртање на навредливи пораки на плочникот пред станот на апликантите и предизвикување на штета на прозорите, балконот и вратата на апликантите. Ваквиот третман најчесто се случувал во ист период од денот, понекогаш и секој ден – во попладневните часови кога децата се враќале од училиште, во вечерните часови кога се собирале на клупа пред станот на апликантите, а понекогаш и за време на ноќта. Сторителите го исмејувале синот поради неговата попреченост, но честопати говореле и за етничката припадност на апликантите во навредлива смисла. Подоцна, вознемирувањето ескалирало во посериозна физичка злоупотреба на Далибор – младите го гореле со цигари и го буткале во ѕидови и огради, со што предизвикале да падне на земјата.
Апликантите ги информирале властите за нивните проблеми уште во 2008 година, но ништо не било превземано за да се стави крај на тоа. Полицијата се обидела да избегне било каква одговорност со тоа што тврдела дека сторителите се малолетни, а со тоа не подлежат на кривична одговорност, но дури не успевале нити да ги идентификуваат. Социјалните служби, училиштето во кое одат сторителите, но и останатите власти биле подеднакво не ефективни.
Во пресудата, во која земена е предвид Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост и одбрани стандарди на Советот на Европа во областа на попреченоста, Судот сметал дека, во однос на Далибор, овие инциденти биле доволно сериозни за да се ангажира одговорноста на државата согласно член 3 во однос на забрана на нечовечен и понижувачки третман. Судот нагласил дека државата не успеала во својата одговорност да “ги адресира актите на насилство и вознемирување кои веќе се случиле”, “преземе чекори за да го одреди степенот на проблемот” и “да спречи случување на понатамошна злоупотреба”. Судот ги критикуваше властите за недостиг на системски пристап, за неуспех да усвојат механизми за следење на настаните, за отсуство на било какво значајно инволвирање на социјалните служби и за било каква помош од релевантни експерти кои би можеле да работат со сторителите, како и отсуство на специјализирано советување за Далибор. Во наодот за кршење на правото на приватен и семеен живот според член 8, во однос на Радмила, Судот за првпат го призна влијанието на криминалот од омраза кон лице со попреченост врз семејствата на првичната жртва.
Значајно е тоа што Судот детално ги анализирал расположливите правни лекови во Хрватска за жалителите од криминал од омраза кон лице со попреченост извршен од малолетни лица и заклучи дека во тоа време не постоеле никакви лекови. Посебно, Судот алудираше на фактот дека ова било системски проблем на Хрватска, особено имајќи предвид дека не било јасно кои власти ја имаат примарната законска обврска да делуваат во случаи како што е овој. Судот поради тоа, изнајде дополнително кршење на член 13 во однос на правото на ефективен правен лек.
Кога жртвите го претставија случајот пред Европскиот суд за човекови права, Судот одлучи дека Хрватска не успеала:
- Да го заштити првиот апликант од нечовечен и понижувачки третман. Судот прифатил дека различни поедини инциденти можат, кога се вршат подолг период да го исполнат минималното ниво на тежина што е потребно за да се изнесе како нечовечен и понижувачки третман (член 3 од Европска Конвенција за заштита на човекови права и основни слободи);
- Да го заштити правото на мајката на приватен и семеен живот (член 8 од Европската Конвенција);
- Да овозможи ефективни правни лекови за апликантите кога се соочуваат со криминал од омраза мотивиран од непријателство засновано на попреченоста на жртвата (член 13 од Европската Конвенција).
INTERIGHTS во овој случај беше советник на застапникот, загрепскиот адвокат Инес Бојиќ. Европскиот форум за попреченост поднесе интервенција од трета странка за овој случај.
Придонесот на Европскиот форум за попреченост
Европскиот форум за попреченост поднесе информација во вид на интервенција од трета странка во овој случај пред судот. ЕДФ истакна дека ваквите криминали од омраза против лицата со попреченост се широко распространета појава, но остануваат погрешно разбрани и, последователно на тоа непријавени.
ЕДФ бара да се искористи можноста од оваа историска пресуда за да се зголеми свесноста меѓу членовите и да ги поттикне да преземат акции на национално ниво против криминалните дејствија од омраза врз попреченоста. Иако е директно адресирана до владата на Хрватска, оваа пресуда сепак има големо правно влијание во сите членки на Советот на Европа. “Секоја влада има обврска да осигура дека насилството и вознемирувањето на лицата со попреченост не се смета како општ кривичен прекршок, туку како криминал од омраза кој дополнително се влошува со непријателството врз основа на попреченост”, нагласи претседателот на ЕДФ.