Европската инклузија усвои нов документ за позиција за “Инклузивна здравствена грижа и лица со интелектуална попреченост”. Генералното собрание ја потпиша оваа позиција на 1-ви јуни 2012 година во Брисел. Таа се заснова на ставот дека здравството е од врвна важност за сите, не само да се зачува физичкиот и ментален здравствен статус, туку и да се подобрат човековите способности, да се амортизира влијанието на сиромаштијата и да се прошири учеството. Лицата со интелектуална попреченост долго време се маргинализирани во однос на системот за здравствената грижа – историска останка од институционалната грижа што некогаш ја добивале. Како што е и истакнато во неколку истражувања, лицата со интелектуална попреченост често искусуваат потешкотии во пристапот до редовниот систем за здравствена грижа. Поверојатно е дека тие ќе имаат:
- Послабо здравје во споредба со другите;
- Поголеми потешкотии во пристапот до сервисите што другите ги користат;
- Повеќе негативни искуства во користењето на здравствени сервисни служби.
Меѓу најчесто добиените причини, можеме да ги идентификуваме негативните ставови на медицинскиот персонал, неподготвеноста да обезбедат сервисни служби за лица со интелектуална попреченост и недоволно обучени медицински работници. Трошокот изгледа дека е помалку важен фактор во пристапот до редовни системи на здравствена заштита иако постои разлика во централна и источна Европа, каде се кажува за финансиски потешкотии на лицата со интелектуална попреченост при пристапот до редовна здравствена грижа.
Кај лицата со интелектуална попреченост зголемена е потребата од здравствена грижа, а сепак добиваат грижа со лош квалитет. Лицата со интелектуална попреченост имаат поинаков модел на здравствени потреби. На пример, епилепсија, гастро-езофагеално рефлуксно нарушување, сензорно оштетување, остеопороза, шизофренија, деменција, дисфагија, забни болести, мускуло-скелетни проблеми, несреќи и проблеми во исхраната се почесто се појавуваат. Од друга страна, здравствените проблеми поврзани со пушењето, алкохолот и злоупотреба на незаконски лекарства се ретки.
Сепак, попреченоста е сложена појава, која одразува интеракција помеѓу карактеристиките на функционирањето на лицето и карактеристики на општеството во кое тој или таа живее. Социјалните услови окарактеризирани со низок приход, социјална изолација, ранливост, потпирање на други лица за да се иницира здравствена грижа; средини што се физички непристапни, или што промовираат неактивност, слаба исхрана и индивидуално однесување засновано на недоволно знаење за здрав животен стил, сите овие се фактори кои придонесуваат за разлики во здравјето.
Некои од овие здравствени разлики се поради нееднаквостите во здравството: односно тие можат да се избегнат, а се всушност неправедни.
Како дополнување, во истражувањето неодамна што беше публикувано “Децата имаат право на се”, авторите особено коментираат за недостигот на сервисни служби за ментално здравје наменети за деца со интелектулна попреченост во многу земји. Поради тоа, проблемите во ментално здравје со кои се соочуваат децата со интелектуална попреченост се сметаат како составен дел на нивната попреченост, а тоа воопшто не е случај, и како резултат на тоа, тие не го добиваат соодветниот третман. Навистина, лицата со интелектуална попреченост, и децата и возрасните, можеби имаат поголема веројатност да се стекнат со некоја ментална болест но, има недостиг на обучени професионалци за ментално здравје кои би ги третирале пациентите со интелектуална попреченост.
Еден од постојаните проблеми во областа на здравството е денталната грижа бидејќи лицата со интелектуална попреченост не соработуваат лесно за време на денталните третмани. Денталните сервисни служби се сметаат за особен проблем, на пример, ортодонтите во некои земји се согласуваат да третираат деца со интелектуална попреченост само со целосна анестезија.
Лицата со интелектуална попреченост исто така е поверојатно да бидат над или под нормалната телесна тежина – но не добиваат совети и препораки за здрава храна. На крај, истражувањето покажува дека 14-24% од лицата со интелектуална попреченост имаат епилепсија. Кај лицата со длабока интелектуална попреченост и лица со комбинирани пречки, тој процент расте до 50-82%, но многу често медикаментозната терапија не се дава соодветно кога овие лица се носат во болница.
Недостасуваат програми за здравствена превенција и програми за позитивно здравствено однесување како и пристап до информации и програми за избегнување на ризично поведение за лицата со интелектуална попреченост. Овој аспект на здравството е централен со цел да се зајакне оспособувањето на младите лица и возрасни со интелектуална попреченост. Онаму каде потребите од здравствена грижа се поголеми, и нивното задоволување треба да е поголемо, но тоа не е случај. Наместо тоа, дискриминацијата и незнаењето ги зголемуваат ризиците за лицата со интелектуална попреченост кои бараат здравствена грижа.
Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост вели дека лицата со попреченост имаат право на највисок достапен стандард на здравство без дискриминација врз основа на попреченост.
Членот 25 опфаќа:
- Еднаков пристап со редовна здравствена грижа, во смиса на географски пристап (на пример, нееднаквостите во руралните и во урбаните средини, и во однос на системите за плаќање – здравственото осигурување);
- Здравствените сервисни служби мора да бидат блиску до домот;
- Особен аспект од здравствената грижа се сексуалното и репродуктивно здравје: лицата со интелектуална попреченост имаат право на истиот квалитет и стандард на информации и програми;
- Важноста од едукација за здравствените професионалци;
- Етички стандарди за здравствена грижа;
- Државни инвестиции во семејна поддршка, особено рана идентификација и интервенција;
- Забрана на дискриминација, вклучувајќи во обезбедувањето на здравствено осигурување.
Лицата со интелектуална попреченост имаат експлицитни права на здравствени сервисни служби – особено оние што им се потребни поради нивните оштетувања – кои се со еднаков квалитет.
Обврската за разумно прилагодување исто така се однесува во полето на здравствената грижа. Државата мора да направи прилагодувања во објектите за здравствена грижа со цел да се отстранат препреките кои спречуваат лицето со попреченост да добие здравствената услуга на еднаква основа со другите лица.
Како дополнување, Акциониот план за попреченост на Советот на Европа во својата линија 9 што се однесува на здравствената грижа дава нагласок на консултирањето и вклучување на лица со попреченост во процесот на донесување одлуки за нивните лични планови за грижа “овој пристап ги става лицата со попреченост во центарот на процесот за планирање и дизајнот на обезбедување сервисни служби, а со тоа ги охрабрува поединците да носат информирани одлуки за нивното здравје.”
Целта на Акциониот план линија број 9 е:
- да се обезбеди дека сите лица со попреченост, без разлика на полот, возраста и потеклото, природата или степенот на попреченост;
- имаат еднаков пристап до сите здравствени сервисни служби;
- имаат бенефит од пристапот до расположливи специјализирани сервисни служби, каде е соодветно;
- се што е можно повеќе вклучени во процесот на донесување одлуки за нивниот личен план за грижа;
- да се обезбеди дека потребите на лицата со попреченост се опфатени во информациите за здравствена едукација и кампањите за јавно здравје.
Европската Инклузија и нејзините членки ги поддржуваат следните препораки со цел да се олесни пристапот до редовна здравствена грижа за лицата со интелектуална попреченост.
- Да се гарантира униформиран пристап до здравствената грижа низ целата земја, вклучувајќи и создавање на мобилни тимови од специјалисти и да се обезбедат можности за транспорт од далечните области;
- Да се обезбеди целосно покривање на трошоците од страна на системот за здравствено осигурување за лекови и специфични терапии за деца и возрасни со интелектуална попреченост со цел да се обезбедат нивните еднакви можности и да се спречат понатамошни здравствени компликации;
- Да се инвестира во истражувања, вклучително и на европско ниво, да се разберат здравствените разлики, како и нееднаквости и дискриминација – кои можат да се спречат и се неправедни.
- Рутински собраните податоци за здравјето ретко се распределуваат за да се идентификуваат лицата со попреченост и/или лицата во неповолна ситуација. Многу малку истражувања спроведени до сега применувале индикатори за здравјето кај лицата со интелектуална попреченост. Овие индикатори можат да придонесат за информации во однос на здравјето и здравото стареење на лицата со интелектуална попреченост.
- Да се вршат анкети за искуствата од областа на здравството на лицата со интелектуална попреченост со цел да се слушнат нивните ставови и потреби, а и оние на нивните семејства и да се спореди здравјето на населението во една земја или помеѓу земјите, или со текот на времето.
- Да се обезбеди дека лицата со интелектуална попреченост се посебно идентификувани во анкетите за здравствени информации во Европа со цел да се вклучи и оваа група на граѓани со евидентни здравствени разлики, односно лицата со интелектуална попреченост.
- Да се направи преглед на законите и политиките кои се релевантни за еднаквото граѓанство, а поврзани со правото на здравство со цел да се исполни начелото на недискриминација во членот 25 од Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост.
- Да се подобри пристапноста до професионални вештини во раната дијагноза и третман, вклучувајќи и редовни здравствени прегледи.
- Да се развијат и да бидат пристапни програми за здравствена превенција и програми за позитивно здравствено однесување за сите возрасти. Пристапот до ваквите информации треба да биде на располагање во канцелариите на докторите и треба да бидат издадени во лесно читлива верзија.
- Да се шири свеста, заложбите и вештините во промовирање на здравјето помеѓу оние кои ги поддржуваат/работат со лица со интелектуална попреченост.
- Да се обезбеди специфична обука за здравствените работници, да се инвестира во обуки за докторите и персоналот за инклузивна практика.
- Да се бара подобра професионална едукација и свесност за попреченоста кај здравствените работници и да се направат реформи во програмата заедно со лицата со попреченост како едукатори.
- Децата и возрасните со интелектуална попреченост треба да се зајакнат со алатки соодветни на возраста, полот и попреченоста за да придонесуваат во донесувањето на одлуки за нивното здравје.
- Да се развие степенот на свеста/информациите/застапувањето за јавноста, професионалците, семејствата, лицата со попреченост.
- Да се поедностават процедурите во здравствената грижа за лицата со интелектуална попреченост кои обично имаат потреба, низ целиот нивен живот, од редовни персонализирани посебни третмани (на пример, окупациона терапија, психолошка терапија, посебна обука итн.), лекарства и чести медицински тестови.
- Да се вклучат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства
- да им се обезбедат лесно разбирливи информации за здравството
- да им се понудат индивидуални планови за здравствена грижа
- да се зајакне двонасочната комуникација со лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства
- да се развијат протоколи за здравствените работници за да можат соодветно да комуницираат со децата и возрасните со интелектуална попреченост и со нивните родители.
- Да се подобрат врските и комуникацијата помеѓу здравствените работници за да се олесни следењето и координацијата на здравствената грижа, рехабилитација и работниците во социјалните сервисни служби кои ги поддржуваат децата со интелектуална попреченост.
- Да се обезбедат алатки за подобра комуникација помеѓу работниците во здравството и лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства, како Здравствен пасош или било која друга алатка за комуникација.
- Да се слушаат ставовите на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства преку:
- Поддршка во застапувањето за здравјето
- Вклучување на лица со интелектуална попреченост во обука на персоналот и евалуација заснована на квалитет.