Иако не бевме во можност да го искусиме богатството од уметнички и културни активности како што тие може да се доживеат во реалноста, технологијата ни овозможи да соединиме признаени уметници и експерти, надминувајќи ги границите и временските зони.
На 14-ти и 15-ти октомври, заедно со партнерите од Фондацијата Коуп (Cope Foundation) и Европската мрежа за културни центри (European Network for Cultural Centres (ENCC)), ЕАСПД организираше меѓународна онлајн конференција на тема „Уметноста на Инклузијата – Попреченоста и различноста во уметноста и културата“. На настанот на кој учествуваа над 400 учесници, се даде осврт на тоа како можеме да промовираме зголемено вклучување на лицата со попреченост во редовните текови на уметноста и културата. На конференцијата беше прикажана работата на уметници и изведувачи од целиот свет, при што се побара јасна стратегија за унапредување на значајната инклузија.
Во само два дена се опфатија многу важни теми и уметнички дисциплини. На панел дискусиите се идентификуваа неопходните промени што се потребни во нашите актуелни законски рамки и да се овозможи да се надминат општествените ставови за различноста во уметностите и културата.
И покрај внатрешната/интринсичка улога што ја имаат уметноста и културата во нашите животи, лицата со попреченост честопати не се во можност целосно да имаат пристап и да ги практикуваат истите можности. Иако земјите членки се обврзале на целосна имплементација на Конвенцијата на Обединети Нации за правата на лицата со попреченост (КПЛП), исполнувањето на членот 30, кој ги обезбедува правата на лицата со попреченост на учество во културниот живот, рекреација, одмор и спорт, во голема мера се занемарува од страна на државите членки.
Професорот Gerard Quinn, Специјалниот известувач на ОН за правата на лицата со попреченост, го пофали настанот како „еден од првите во оваа сфера“ кој ја опфаќа вистинската инклузија на лицата со попреченост во сферата на уметноста и културата. Со тоа што конференцијата се одржува за време на пандемијата со КОВИД-19, професорот Квин ја истакна потребата за инклузивно закрепнување за градење на поинклузивни општества, идентификувајќи можности за целосно самоизразување и еднаков пристап до уметноста и културата како клучни столбови за тоа да се постигне.
Еднаквиот пристап до култура треба да овозможи способност за лично самоизразување, целосен пристап до постојната култура, како и еднакви можности за продуцирање култура. Важно е дека уметноста и културата не треба да се гледаат само како облик на терапија или рекреација за лицата со попреченост, туку како професионална практика во која тие можат да управуваат со насоката на културата во редовните текови.
Следната Европска стратегија за попреченост мора да размисли за зголемена инклузија на лицата со попреченост во културниот живот. Оваа стратегија треба да ја овозможи работата на обезбедувачите на сервисни служби кои честопати имаат клучна улога во олеснувањето на пристапот до уметност и култура за лицата со попреченост.
Поширокиот сектор на културата исто така има улога во инклузијата на лицата со попреченост. Разгледувајќи ја улогата на креаторите на политики во промовирањето на инклузивната уметност и култура, Ben Evans, Шеф на Уметност и попреченост за Европскиот регион при Британскиот совет, ја повика ЕУ да развие политика за култура насочена кон отстранување на културното исклучување на лицата со попреченост, истакнувајќи дека креирањето поинклузивни простори е прашање од областа на културата, како и од областа на попреченоста.
Eoin Nash, заседавач со Форумот на членовите за култура и уметност на ЕАСПД, се придружи на повикот од Еванс за јасна стратегија за значајна инклузија во уметноста и културата. Говорејќи во завршниот панел, тој додаде „Мора да има поголема свесност за прашањата од областа на попреченоста во рамките на секторот за култура. Зголемените можности за образование и обука за оние кои работат во рамките на секторот може да им овозможи подобро да ги исполнат потребите на лицата со попреченост и да создадат поразлични и пристапни уметнички и културни простори.“
Мора да се поддржи појасна политичка заложба со потребното структурно финансирање за секторот, што може да им овозможи на културните оператори да развијат долгорочни стратегии за системска промена. Програмите за финансирање на ЕУ, како што се Креативна Европа и Еразмус+ можат да ги надополнуваат овие структурни можности за финансирање, дополнително поттикнувајќи иновации и инклузија во секторот. ЕАСПД ги поздравува новините дека и двете споменати програми ќе имаат зголемени буџети во следниот долгорочен буџет на ЕУ, но мора да се внимава да се максизимизира нивниот потенцијал за промовирање на различност и инклузија во културниот сектор. Особено, како главна ЕУ програма за финансирање, новата програма Креативна Европа 2021-2027 треба да го стави како приоритет и да го олеснува ангажирањето уметници со попреченост и професионалци во секторот на културата како целина, како и да ја промовира видливоста на овие уметници и нивната работа.
Заедничката порака која стои зад сите сесии од конференцијата во текот на двата дена е едноставна, но се пак потребна, а тоа е дека уметничкото изразување и учеството во културата се основни човекови права што треба да бидат пристапни за сите и сите да ги практикуваат. ЕАСПД е посветена и подготвена да ја продолжи извонредната работа на Форумот на членови за уметности и култура и да развива понатамошна соработка со чинителите во овој сектор. Заедно сите ние може да се стремиме за значајна инклузија и целосна имплементација на членот 30 од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.
Завршните заклучоци од конференцијата, кои како предизвици и бариери што ги носи полето на уметноста и културата се сѐ уште присутни за лицата со попреченост, а кои беа потврдени од сите присутни се следните:
- Негативните перцепции што постојат за уметниците со попреченост треба да се променат преку поголема видливост и свест. Работата на уметниците со попреченост мора да се унапредува и да се промовира како уметност во редовните текови која е еднакво вредна како и онаа на уметниците без попреченост.
- Мора да се поддржи појасна политичка заложба пропратена со потребното структурно финансирање за секторот, што може да им овозможи на културните оператори да развиваат долгорочни стратегии за системска промена.
- Од суштинска важност е клучните културни програми финансирани од ЕУ, како што е Креативна Европа, да ги приоретизираат инклузијата, пристапноста и промоцијата на уметноста во областа на попреченоста. Особено во овој момент кога се разговара новата верзија на оваа програма.
- Мора да се создаваат можности за лицата со попреченост да имаат пристап до подобро уметничко образование и да се развиваат и професионализираат во секторот на уметноста и културата.
По завршувањето на конференцијата, ЕАСПД ќе продолжи да работи заедно со своите членови и партнери, вклучувајќи ги Фондацијата Коуп и ENCC за да поддржува значајната инклузија и целосна имплементација на членот 30 од КПЛП.