Правото на здравје е меѓународно признато право. За прв пат е дефинирано од страна на Светската здравствена организација како „право на секое лице на најдобро физичко и ментално здравје кое може да се постигне”. Правото на здравје е најтесно поврзано со заштитата на правата на пациентите кои претставуваат збир од права, одговорности и должности според кои поединците бараат и примаат здравствена заштита.
Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА има воспоставено успешна соработка со Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ – ЕСЕ. Како резултат на оваа соработка, реализирани се неколку успешни активности, односно РЦПЛИП – ПОРАКА како дел од коалицијата на граѓански организации, предводени од ЕСЕ, работеа на подготовка на извештај за состојбите во однос на човековите права на ранливите групи граѓани во областа на здравствената заштита и здравственото осигурување кој беше доставен до Советот за човекови права.
Друга заеднички реализирана активност помеѓу ЕСЕ и РЦПЛИП – ПОРАКА е во рамките на проектот Човекови права во здравствената заштита, кој го спроведува ЕСЕ. Се изготви и испечати брошура насловена како „Заштита на права на пациенти со фокус на лица со интелектуална попреченост”. Во брошурата се нагласува дека лицата со интелектуална попреченост имаат подеднакво право на пристап и користење на услугите кои се овозможуваат во рамки на мрежата на здравствени установи како и секој друг граѓанин во Република Македонија. Секој пациент има право на остварување на правата од здравствена заштита без дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање, сексуална ориентација или кој и да е друг статус. Интелектуалната попреченост не е опфатена како основа за дискриминација, но одредбите на овој закон се однесуваат и на лицата со интелектуална попреченост како корисници на здравствена заштита што би требало да имаат непречен пристап до редовни и специјализирани здравствени услуги и програми соодветни на нивните потреби.
Нивното маргинализирање во општествениот и во јавниот живот негативно се одразува и на степенот на остварување на правата регулирани со здравствените закони, меѓу кои предничат Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување и Законот за заштита на правата на пациентите. Во брошурата се опфатени правата на пациентите согласно Законот за заштита на пациенти, и тоа:
- Право на превентивни мерки;
- Право на пристап;
- Право на информираност;
- Право на согласност;
- Право на почитување на личноста и достоинството;
- Право на почитување на стандардите за квалитет;
- Право на избегнување на непотребно страдање и болка;
- Право на пристап до медицинско досие;
- Право на одржување на контакти;
- Право на второ стручно мислење и конзилијарно мислење;
- Право на персонализирано лекување;
- Право на жалба;
- Право на пристап до нови процедури на лекување и дијагностика;
- Право на навремено лекување;
- Право на доверливост и приватност.
Во брошурата исто така се дадени и обврските кои ги имаат лицата како пациенти, но и каде да се побара помош доколку некое право дадено со законот е ограничено или повредено.
- Доколку сметате дека одредено право Ви е повредено или ограничено во некоја од јавните болнички здравствени установи (болница, клиника, завод), побарајте дали во рамките на таа болница/клиника има ангажирано советник за заштита на правата на пациентите. Советникот може да Ви даде правен совет или да Ви помогне да поднесете усна/писмена поплака.
- Доколку во болницата/клиниката нема советник или пак повредата се случила во неболничка здравствена установа (здравствен дом, здравствена станица), поплаката поднесете ја директно до директорот на таа установа.
- Директорот на установата, откако ќе ги испита наводите во поплаката, должен е да Ве извести за преземените мерки во рок од 15 дена
.
- Доколку сметате дека директорот не ги презел потребните мерки, може да поднесете претставка до Министерството за здравство, кое е должно во рок од 15 дена да ги испита наводите во Вашата претставка и да Ве извести за преземените мерки.
- Истовремено може да поднесете барање за спроведување на инспекциски надзор и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој по спроведување на надзорот има овластување да нареди на здравствената установа и на здравствениот работник да преземат соодветни мерки и активности во зависност од видот на повредата на правото.
- Во рамките на општините се формирани Комисии за унапредување и заштита на правата на пациентите. До нив може да поднесете поплака, а тие се должни да ја разгледаат и да Ве упатат до надлежните органи за да може да Ви помогнат остварување на Вашите права.
- Доколку не сте задоволни со ниту еден од одговорите на споменатите органи, може да поведете судска постапка пред надлежен суд.
- Доколку Ви е прекршено или ограничено право во областа на здравственото осигурување, побарајте помош во Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија и неговите подрачни единици.
Во септември 2013 година, РЦПЛИП – ПОРАКА со свои претставници учествуваше на дводневна работилница на тема „Стратешко застапување на случаи: човекови права во здравствена заштита”, организирана од ЕСЕ. Целта на оваа работилница беше запознавање на учесниците со стратешко застапување на случаи на прекршување на човековите права во системот на здравствена заштита, согласно Европската конвенција за човекови права и основни слободи.