На 13-ти декември се одбележуваат шест години од усвојувањето на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, првиот договор за човекови права во 21-от век. 125 земји ја ратификувале Конвенцијата досега, од кои 24 држави членки на Европската унија. Воедно, оваа Конвенција е првиот инструмент за човекови права кој го ратификувала и Европската унија.
Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост добила најголем број на потписи на самиот ден на отворањето, но и покрај оваа висока политичка заложба, што се изменило во животот на лицата со попреченост?
Прашањата околу попреченоста очигледно дека беа во центарот на многу дебати во изминатите години, повеќе внимание се обрнуваше на “невидливите” граѓани, а попреченоста е прифатена како тема од човековите права. Сепак, со мерките за штедење и намалувањата во буџетите, постои ризик да не се постигне вистински напредок и подобрување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост. Семејствата треба да надополнуваат за намалувањата во социјалните трошоци. Со тоа само се дополнува на сиромаштијата и ранливоста на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Изменувањето на критериумите за подобност и подолгите листи на чекање го зголемуваат товарот на семејствата. Немање избор значи и немање квалитет на живеење.
Лицата со интелектуална попреченост и денес се уште се ставаат под старателство, губејќи ги со тоа повеќето од нивните основни права, како на пример, правото на брак или на глас, иако Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост јасно забранува потполно старателство. Додека се одвиваат дебати во многу европски земји, а во тек се и реформи во однос на деловната способност, некои лица со интелектуална попреченост остануваат “легално мртви” без преглед на нивната ситуација. Досега не е имплементиран ниеден соодветен модел за поддршка.
Многу лица со интелектуална попреченост се уште живеат во големи резиденциски институции. Во последните години Европската унија покажа поголема политичка заложба и ги истражуваше условите и потенцијалите за да се оствари правото на самостојно и независно живеење и вклученост во заедницата. Благодарение на извештајот за преминување од институционална грижа во грижа во местото на живеење, во кој се опфатени прашањата за реформите во институционалната грижа заедно со нивната сложеност, како и други истражувања и студии финансирани од Европската комисија, покажуваат и носат докази за кршења на човековите права и сегрегирање во резиденциските средини, особено за лицата со интелектална и психосоцијална попреченост. Ваквата работа е прв обид за советување како да се постигне деинституционализација и што да се избегне од искуствата на оние држави членки каде ваквите реформи се веќе спроведени. Сепак, намалувањата во поддршката за самостојно живеење ги одлага напорите за воведување индивидуални буџети и развој на нови сервисни служби во местото на живеење.
Децата со интелектуална попреченост се уште се далеку од уживање на еднакви и инклузивни образовни можности во Европа. Иако изгледа дека одреден број земји реализирале некакви обиди да ги направат редовните образовни системи поинклузивни, недостасува потребното ниво на поддршка за инклузивното образование да биде на располагање за сите деца. Организациите членки на Европската Инклузија беа особено алармирани од страна на скорешните донесени политички одлуки како одговор на економската и финансиската криза. Нашите членки во неколку европски земји, вклучувајќи ги Ирска и Шпанија, известија дека мерките за штедење кои ги презеле владите за справување со економската рецесија ги загрозуваат подобрувањата во инклузивното образование.
Шест години по усвојувањето на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост, попреченоста е ставена како тема на агендата на националните и европските политики, но се уште треба многу работа за да се осигура дека лицата со интелектуална попреченост ги уживаат истите човекови права како и нивните сограѓани.