Во 2003 година, Европската унија ја промовираше Европската година за лицата со попреченост под мотото “НИШТО ЗА НАС, БЕЗ НАС”. Еден од резултатите постигнати во Европската година е изготвениот Акционен план за попреченост на Европската комисија, кој се фокусира на имплементација на еднакви права и можности за лицата со попреченост во Европа.
Во септември 2006 година во Санкт Петербург (Русија), Советот на Европа промовираше Акционен план за попреченост (2006 – 2015).
Неколку месеци подоцна, на 13-ти декември 2006 година, во седиштето на Обединети нации во Њујорк беше прифатена Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост.
Овие три документи ја прикажуваат потребата за промена на парадигмата во општеството и промената во пристапот на граѓаните, властите и политичарите кон лицата со попреченост. Тоа е промена која води од сегрегација кон инклузија, промена чиј фокус е ставен врз признавањето на можностите и способностите, а не врз попреченоста на луѓето. Последиците се исклучително важни, а предизвиците се огромни.
РЦПЛИП – ПОРАКА, како членка на Европската Инклузија, на Интернационалната Инклузија и на ЕАСПД – Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост, беше вклучена во донесувањето на овие важни акти, кои водат кон еднакви можности и целосно учество на лицата со попреченост во општеството како рамноправни граѓани. РЦПЛИП – ПОРАКА ги пренесува овие иницијативи во Република Македонија и придонесува за актуелизирање на потребата од итно и ефективно прифаќање и имплементација на овие меѓународни документи.
Следејќи ги принципите на 2007 – Европска година на еднакви можности за сите, во рамките на националната кампања за промоција на еднаквост за лицата со интелектуална попреченост “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството”, РЦПЛИП – ПОРАКА во 2007 година продолжи да делува за подобрување на законската рамка со која се уредуваат правата на лицата со интелектуална попреченост, со особен фокус на социјалната заштита и социјална сигурност. Предлогот за донесување на закон за социјална заштита и социјална сигурност (за кој информиравме во претходниот број на гласилото) влезе во собраниска процедура, меѓутоа текстот на предлог – законот воопшто не донесува значајни промени кои би обезбедиле социјална сигурност и подобра иднина за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.
Поради тоа, РЦПЛИП – ПОРАКА продолжува со активно лобирање кај пратеничките групи во Собранието на Република Македонија за изменување и дополнување на текстот на предлог – законот и вклучување на предлозите на РЦПЛИП – ПОРАКА за воведување на нови права и зголемување/проширување на постоечките права за лицата со интелектуална попреченост.