Во периодот од 15-ти до 19-ти мај 2008г. во Марибор, Словенија, се одржа Меѓународен фестивал на домски химни организиран од страна на Домот Антона Скале од Марибор. Фестивалот беше за лица со посебни потреби, кои се претставија со химна од нивниот центар (дом, завод). На фестивалот учествуваа по еден тим од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, и по два тима од Хрватска и Словенија.
Македонија, исто така беше претставена од два тима: едниот на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Струга, а другиот од Центарот за образование и рехабилитицаија на глуви и наглуви лица “Партение Зографски”- Скопје.
ЦПЛИП – ПОРАКА Струга на фестивалот се претстави со песната “За овој свет” од Тоше Проески. Учесниците се претставија со печатен и видео материјал. Беше претставен и градот и земјата од кои доаѓаат, и дел од културата на нивната земја.
Домаќинот Дом Антона Скале организираше прошетка низ Марибор и посета на некои знаменитости на градот. Беше организиран и излет на Похорје со жичарница. За некои од учесниците тоа беше прво возење со жичарница, а воедно и незаборавно искуство. Овој настан беше прилика за незаборавно дружење за лицата со попреченост, а воедно и размена на искуства помеѓу стручните тимови, со надеж за понатамошна соработка. За истакнување е и патувањето со авион, кое е ново искуство за членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струга.
Сместувањето и храната беа обезбедени од страна на организаторот, а ЦПЛИП – ПОРАКА Струга спроведе акција за собирање на средства со кои се покрија дел од патните трошоци. Црвен крст на Општина Струга, преку хуманитарната кампања “За посреќно детство” собра 10.000 денари. Туристичката агенција “Шќипона реисен” од Струга, преку која беа набавени авионските карти даде попуст за истите, а и бесплатно обезбеди превоз од Струга до аеродромот во Скопје и назад. Други спонзори беа агенцијата “Трим и Љум” со 6.130 денари, Факултетот за општествени науки (ФОН) со 13.000 денари и Општина Струга со 50.000 денари.