Day Centres of the Republic Centre – PORAKA in Skopje
Како и до сега, активностите во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје се насочени кон стекнување и унапредување на знаење и вештини за самостојно живеење на корисниците. Паралелно со спроведување на индивидуалната програма за работа за секој корисник која во август месец беше унапредена по направените ревизии на скалата за проценка на можностите на лицата со умерена и тешка интелектуална попреченост, во дневните центри се реализираа и низа други активности.
Најмалку еднаш во неделата едукаторите и корисниците реализираа активности во општествената градина „Зелена Арка“- „Бостание“. Во овој период активностите беа насочени кон одржување на засадените култури, плевење на коров, подврзување, полевање и берење на достасаните производи. Како и повеќепати досега се покажа дека оваа активност има повеќекратен ефект врез подигнувањето на самодовербата и чувството на вредност кај корисниците.
Преку процесот на рециклирање кој корисниците го реализираат во континуитет повеќе од две години, активно учествуваат во зачувување на природата, но и воопшто во подигнување на еколошката свест како кај себеси, така и во поширокото опкружување. На блиските „вендинг“ машини корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, рециклираат пластични шишиња најмалку еднаш до двапати во неделата постојано зголемувајќи го контото со нови зелени поени.
Во текот на јуни (11 и 19 јуни) се реализираа и две завршни работилници во Факултетот за ликовни уметности. На истите се изврши кршење, измивање и доработка на мозаици кои што оваа година беа носечка активност во повеќегодишната соработка со оваа образовна институција.
Во овој период за одбележување е и соработката со актерот Филип Трајковиќ. Истиот игра една од главните улоги во новиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Збогум Копакабано“. Филип го глуми ликот на Виктор, братот на хероината кој е лице со интелектуална попреченост. Со цел подобро да се подготви за својата улога актерот Филип Трајковиќ, непосредно пред почетокот на снимањето на филмот во период од неколку недели повеќепати го посетуваше дневниот центар во населбата Аеродром и се дружеше со присутните корисници. Тој со своите нови пријатели во повеќе наврати реализираше практични активности во кујна споделувајќи ги своите кулинарски вештини. Се реализираа и активности кои му овозможија реална претстава за можностите и потенцијалите на корисниците и начинот на кој тие управуваат со своите емоции. Врските од ова ново изградено пријателство одеа дотаму што актерот го прослави раѓањето на својот син со своите нови пријатели од дневниот центар и ги запозна со истиот при последната посета во дневниот центар.
Кон крајот на месец август и почетокот на септември, во утринските часови кога временските услови го дозволуваа истото, корисниците од дневните центри практикуваа спортско рекреативни активности на блиските спортски игралишта во населбата Капиштец и во населбата Аеродром. Присуството во отворена социјална средина и практикување на различни спортови, вежби за раздвижување како и игри карактеристични за нашето детство се покажаа како одлични за физичката кондиција, но и за унапредување на групната кохезија и градење на тимски дух кај корисниците.
Day Centre of the Republic Centre – PORAKA in Radovis
Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш редовно се реализираат согласно предвидените програмски активности. Покрај овие секојдневни активности се реализираа и низа активности со соработниците на дневниот центар.
Волонтерите на ОО на Црвен крст во Радовиш – Клуб на млади реализираа две работилници со корисниците на дневниот центар. На едната од нив, преку разни интерактивни игри корисниците на дневниот центар и волонтерите се запознаваа меѓу себе, споделуваа по некоја карактерна особина која е нивен личен печат, ги споделуваа омилените нешта што сакаат да ги прават, а исто така, во парови и во група учеа како да соработуваат и да градат заеднички тим за успешна соработка. Втората работилницата беше наменета за поттикнување на уметничкото изразување на корисниците. Тие заедно со волонтерите создаваа цртежи на различни теми.
Во изминатиот период се одбележаа и родендените на двајца корисници во присуство на раководниот тим на рудникот Бучим кои корисниците ги израдуваа со роденденска торта и подароци покажувајќи ја нивната посветеност како општествено одговорна фирма да бидат присутни и на најубавиот ден на корисниците на нивниот роденден.
Во средината на јули корисниците на дневниот центар реализираа едукативна прошетка до Берово за која општина Радовиш го обезбеди транспортот. Тие го посетија женскиот манастир „Св. Архангел Михаил“ кој е стар два века и имаа можност да се запознаат со историјата на овој манастир. Потоа го посетија и машкиот манастир „Свети Пресвета Богородица“ кој е изграден 2002 година. Корисниците се запознаа и со сувенирите кои се изработуваат во овој манастир, а им беше подарен и беровски локум кој е уникатен по неговиот вкус, а исто така се изработува во манастирот. Голема благодарност до семејството Јованови, радовишани на привремена работа во Швајцарија, што беа спонзори на оваа прошетка и што придонесоа за радоста на корисниците и нивните родители.
На крајот од август традиционално се спроведе работилница за сукање на јуфки во дневниот центар во реализација на мајките на корисниците. Корисниците помагаа во целиот процес, а особено во простирањето на корите. Имаа можност уште еднаш да се запознаат со процесот на изработка од месење, сукање, простирање и сушење на корите до финален производ.
Day Centre of the Republic Centre – PORAKA in Shtip
Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип во изминатиов период редовно и непречено се реализираа според планираните програмски активности. Секојдневно во работата со корисниците се практикуваа разновидни активности со цел да се унапредат и усвојат различни можности и способности. Покрај овие, се реализираа и неколку активности со различни соработници на дневниот центар.
Во средината на јули, во посета на дневниот центар беа претставници на финансиското друштво „М Кеш“. Тие иницираа практична работилница за поубаво и попријатно опкружување и оплеменување на надворешниот простор на дневниот центар. Корисниците, ангажираните лица во дневниот центар и вработените во „М Кеш“ ги бојадисуваа клупите и жардињерите во дворот на дневниот центар. Дадоа скромен придонес со донирање на саксии за цвеќиња, чаршафи за маси во кујната. За сите корисници поделија маици изработени за потребите на настанот со натпис „ОД СРЦЕ ЗА СРЦЕ“. Заедничката акција беше одлична можност за дружење, размена на идеи и позитивни емоции со мото „Со мали чекори и големи срца, заедно да создадеме убаво место за сите нас“
На почетокот на септември заедно со членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип се спроведе спортско рекреативен настан. Учесниците на настанот играа спортски игри со топка кои беа од натпреварувачки карактер. Сите имаа можност да ја изразат својата натпреварувачка енергија, тимски дух и радост од играта. По спортските активности, учесниците на настанот се одморија во кафе – барот кој се наоѓа во состав на игралиштето. Сите самостојно си порачаа и си платија пијалак со цел поттикнување на самостојноста и социјалните вештини.
Дел од корисниците заедно со своите родители, старатели присуствуваа на настан „Македонијо, во срце те носиме“ кој беше одржан на плоштадот во Штип. Корисниците уживаа во незаборавен концерт со познати звучни имиња од македонската естрада, кои со своите хитови ја раздвижија и публиката.
Day Centre of the Republic Centre – PORAKA in Prilep
Изминатиот период активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп непречено се реализираа согласно предвидената програма за работа. Редовно се реализираа активностите за развивање на когнитивните, социјалните и практичните вештини кај корисниците.
Покрај овие, се реализираа и низа активности со соработниците на дневниот центар. Месец јуни ја обележа ревијата „Trash Fashion” која секоја година ја организира СОУ „Ѓорче Петров” како завршен проект на текстилната струка. На истата, корисниците беа почесни гости и уживаа во меѓусебно дружење.
Градината и дворот со кој располага дневниот центар, во текот на целата година се одржува, чисти и наводнува, а токму периодот со топло време беше клучен за растење на цвеќињата кои корисниците ги садат и одгледуваат. Со помош на наставничката Вера Поповска еднаш неделно се садеа нови видови на цвеќиња, а корисниците внимателно се грижеа и за претходно насадените цвеќиња.
За празникот Иванден во посета на дневниот центар беа членови на културното друштво „Преродба“. Претставниците на организацијата донесоа традиционални лепчиња „кравајчиња“ и ги запознаа корисниците со начинот на подготовка на овие лепчиња. Празникот Преображение корисниците го обележаа со посета на храмот Св. Преображение каде што запалија свеќи за здравје и се разговараше за важноста на овој верски празник.
Social Club of the Republic Centre – PORAKA in Strumica
Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица непречено ги реализираше предвидените програмски активности во изминатиот период. Се реализираа низа когнитивно-едукативни работилници на кои се говореше на најразлични теми од секојдневието. Се разработуваа теми за соодветно учество во сообраќајот, односно користење на превозни средства, минување на улица и раскрсници каде има поставени семафори. Се реализираа и неколку работилници на кои корисниците учеа за парите, поточно препознавање на различните банкноти и монети. Потоа, се спроведе и работилница за правење на списоци за пазарење на продукти со цени на чинење на истите.
Практичните активности, исто така, редовно се реализираа. Корисниците самите се грижат за хигиената во просториите на социјалниот клуб, а и активно учествуваа во подготовка на освежителни напитоци и салати.
Не беа изоставени нити креативните работилници на кои корисниците твореа на најразлични теми кои нив ги интересираат. Исто така, имаа можност да ги покажат и своите шивачки потенцијали, односно со употреба на игла и конец тие шиеја директно на платно.
Во средината на јуни корисниците на социјалниот клуб и дел од родителите реализираа посета на фармата на баба Марија во село Раборци. Таму тие имаа можност да се запознаат со разните зеленчуци кои таа ги одгледува во својот пластеник. Воедно, тие имаа и можност да се запознаат со основните методи на садење зеленчук, но и да се обидат да посадат дел од зеленчуците на баба Марија.
Исто така, се реализираа и две заеднички дружби на корисниците во социјалниот клуб и нивните родители. Првата беше посета на Дојранското Езеро, а втората беше посетата на етно ресторанот Кај Виктор во село Босилово, каде корисниците имаа можност да се капат во летниот базен и да се релаксираат во дворот.
Social Club of the Republic Centre – PORAKA in Vinica
Изминатиот период активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница непречено се реализираа. Акцентот на дел од нив беше ставен на летниот период и топлото време. Така, дел од активностите беа разговори за опасностите од дехидратација и изгореници од сонцето, како и споделување на совети и искуства за избегнување на овие опасности. Се разговараше за грижата за сопственото здравје и здравјето на другите преку здрава исхрана, пешачење и одржување на хигиена, но и како да се побара медицинска помош доколку е потребна.
Се реализираа и неколку практични работилници на кои се садеа цвеќиња во социјалниот клуб, а се говореше и се учеше за нивното понатамошно полевање и одгледување. Дел од практичните активности се и одржувањето на хигиената во просторот на социјалниот клуб, активност која корисниците редовно ја спроведуваат.
Креативните работилници исто така редовно се реализираа во овој период. Корисниците твореа на теми со летни мотиви и изработуваа цртежи на животно со помош на сопствените отпечатоци од дланката. Не изостанаа нити дружбата и меѓусебната комуникација преку користење на едукативни и друштвени игри кои придонесуваат за создавање на посилни врски меѓу корисниците.
Social Club of the Republic Centre – PORAKA in Bitola
Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола и во изминатиот период продолжува со редовните активности за унапредување на вештините за самостојно живеење на корисниците. Покрај редовните активности се реализираа и неколку рекреативни активности во градскиот парк во Битола. Корисниците на социјалниот клуб имаа можност да присуствуваат на театарската претстава Ричард III, што за дел од нив претставуваше ново и позитивно искуство, а сите заедно покажаа голем интерес за понатамошно реализирање на вакви активности. Воспоставената соработка со Прагма Продукција токму тоа и го овозможува, односно секогаш излегува во пресрет на корисниците на социјалниот клуб и им овозможи бесплатни влезници за неколку музички концерти во текот на летото.
Практичните активности во изминатиот период најчесто беа поврзани со подготовки на едноставни освежувачки пијалаци и оброци, кои се консумираат во летниот период. Се реализираа и низа креативни работилници на кои корисниците преку шаблони или цртежи, внимателно сечеа и лепеа парчиња на цртежите за да направат најразлични мозаици.
На 27-ми јуни во посета на Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола беше градоначалникот на општина Битола, д-р. Тони Коњановски. За време на посетата тој се запозна со активностите кои се реализираат во оваа социјална сервисна служба, се запозна со корисниците и покажа интерес за нивните можности и потенцијали. Градоначалникот изјави дека ќе биде активен поддржувач на лицата со интелектуална попреченост и ќе се залага за нивна целосна инклузија во училиштата, во спортот, културата.
Social Club of the Republic Centre – PORAKA in Kavadarci
Програмата за работа редовно се реализира во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци. Во изминатиот период се реализираа практични активности за одржување на хигиената во просторот на социјалниот клуб, но и средување на дворот и одржување на засадените растенија. Исто така, се спроведоа низа когнитивно-едукативни активности и креативни работилници на кои корисниците твореа на различни теми. Се организираа и рекреативни активности и посети на спортски натпревари кои корисниците со големо задоволство ги следат. Кон крајот на јуни, корисниците на социјалниот клуб беа на еднодневна рекреативна прошетка во Дојран. Редовно се реализираа и спортско рекреативните активности во спортската сала на средното земјоделско шумарско училиште „Ѓорче Петров“.
Дел од корисниците на социјалниот клуб имаа можност да учествуваат на меѓународен турнир во фудбал кој се одржа во Ќустендил, Република Бугарија во периодот од 6-ти до 8-ми јуни 2025 година. На овој турнир корисниците на социјалниот клуб го освоија првото место.
Во периодот од 30-ти јуни до 5-ти јули, дел од корисниците на социјалниот клуб учествуваа и на фудбалски камп кој се одржа во Дојран.
Social Club of the Republic Centre – PORAKA in Gevgelija
Изминатиов период во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија се реализираа повеќе когнитивно-едукативни и практични активности. И во месец јуни се продолжи со изработка на декоративни свеќници во различни бои и дезени и истите ќе се презентираат и продаваат по симболични цени на различни манифестации и настани. Исто така, се практикуваат заеднички друштвени игри како што се играње пикадо, куглање во импровизирани услови, редење сложувалки самостојно или со помош, играње карти и сл.
Во месец јуни корисниците на социјалниот клуб одбележаа една година од почетокот на активностите „Отпадот не е ѓубре“ на кои се учеше за отпадот, селектирањето и негова повторна употреба. По тој повод сите собрани капачиња во текот на цела година се депонираа во специјално изработен контејнер во форма на срце во центарот на Гевгелија. На покана од Здружението на лица со дијабетес од Гевгелија дел од родителите и членовите беа присутни на превентивно едукативна работилница насловена „Обезност, претходник на дијабетес“. Кон крајот на јуни дел од членовите и нивните родители учествуваа на третото инклузивно планинарење во природа на Кожуф во организација на Фондацијата Ице Бегов и планинарското друштво Кожуф од Гевгелија. На настанот покрај членови на планинарски друштва учествуваа и членови на здруженија на лица со попреченост од повеќе градови. Инклузивното планинарење започна од Планинарскиот дом „Томе Шутов Кротки“ каде што е изграден првиот пристапен тоалет за лица со попреченост во планинарски објект во Македонија.
Во текот на јули корисниците на социјалниот клуб учествуваа на керамичка работилници во Пионерскиот дом, во рамки на манифестацијата „Гевгелија – град на културата 2025“. Дел од активностите во овој период беа посветени и на разговори за справување со топлото време, а исто така на две работилници се подготвуваа здрави цедени сокови од различни овошја и вода, нагласувајќи ја важноста од внесување повеќе течности во текот на летните месеци.








