Дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш од оформувањето пред десетина години па се до денес опстојува во дотраена монтажна барака, која во изминатите неколку години во повеќе наврати претрпуваше санации и адаптации со цел да се обезбеди соодветен простор во кој непречено ќе може да се реализираат програмските содржини. Но, и покрај тоа, дотраеноста на просторот сеуште претставува главен проблем кој го отежнува функционирањето на дневниот центар. Поради тоа, се јави потреба од поголем и поадекватен простор за работа. Членовите на РЦПЛИП – ПОРАКА и ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш постојано ја нагласуваа оваа потреба на средбите со локалните власти во Радовиш, но и при секој јавен настан. Благодарение на успешно воспоставената соработка со локалните власти, како и со Градоначалникот на Општина Радовиш, г-дин Роберт Велков, беше изнајдено решение за надминување на оваа потреба.
Имено, во текот на 2010 година, на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш беа доделени простории – објект од цврста градба, кој со соодветна адаптација, реновирање и опремување, ќе прерасне во соодветен дневен центар. Просториите се наоѓаат во непосредна близина на постоечкиот дневен центар и се со површина од над 300 м2.
Во текот на Програмата “Градот и попреченоста” која РЦПЛИП – ПОРАКА ја спроведуваше во партнерство со Општина Радовиш и која во март 2011 година резултираше со усвојување на официјален Локален акционен план за унапредување на положбата на лицата со попреченост, беше утврдена потребата од итна акција за санирање, адаптација и опремување на просторот за дневен центар.
За таа цел, Општина Радовиш веќе додели 1.000.000 денари на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш, а во тек е широка акција за вклучување на други донатори и бизнисмени за да се соберат останатите потребни средства.
Ги повикуваме сите добронамерни граѓани, претпријатија, институции и организации да се вклучат во акцијата за обезбедување на потребните средства за реконструкција на просториите и да помогнат во создавањето на соодветно и достоинствено место за лицата со интелектуална попреченост во Општина Радовиш.
За повеќе информации, контактирајте со РЦПЛИП – ПОРАКА на 02/3296-961 или ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш на 032/635-826.