На 8-ми мај 2007 година, во НВО Инфоцентарот во Скопје, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА одржа конференција за печат и промоција на Националната кампања “Преку различноста до еднаквост во општеството”. По тој повод, го пренесуваме излагањето на д-р Василка Димоска, Програм менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА
Во 2002 година, Европската Унија усвои две директиви за спречување на дискриминација, а во 2005 година со усвојување на законот за анти-дискриминација, Европската комисија предложи назначување на 2007 како Европска Година на еднакви можности за сите.
Целта на оваа иницијатива е да обезбеди дополнителен моментум за спроведување на кампањи за анти-дискриминација и промоција на еднакви можности за сите, истовремено пренесувајќи ја пораката за добробит од различноста во демократските општества во Европа.
Повикување на еднакви можности, усвојување закони кои ќе гарантираат права не е доволно за обезбедување и практикување на еднакви можности во секојдневниот живот за сите граѓани во општеството. Потенцирана е потребата од поттикнување и развивање на јавната свест, промена во однесувањето и менталитетот. Истовремено, потребно е да се преземат мерки кои ќе допрат до комплексните модели на нееднаквост на одредени групи и општества во Европа, преку откривање на коренот на тие проблеми и воочување на промените во општеството.
Преземените акции во рамките на оваа година треба да бидат поткрепени со јасна политичка детерминација, и комплетна поддршка насочени кон потенцирана стратегија за борба против дискриминација во Европа, како што Европската Комисија објаснува во документот “Рамковна стратегија за не-дискриминација и еднакви можности за сите” (објавен во јуни 2005).
Платформата на 2007 Европската Година на еднакви можности за сите има три клучни цели:
1. Граѓаните во Европа да бидат свесни за своите права, права на не-дискриминација и еднаков третман
2. Промовирање на еднакви можности за сите – рамноправен третман во општеството преку пристап до едукација, вработување, здравствена заштита и достоинствен живот во заедницата
3. Промовирање на добробит од прифаќање на различностите во демократското општество
Преземените активности за време на 2007 Европската Година на еднакви можности за сите ќе се фокусираат особено на вулнерабилните групи кои секојдневно се соочуват со дискриминација поради нивната расна или етничка припадност, религија или верување, попреченост, возраст, пол, или сексуална ориентација, односно се што претставува подлога за дискриминација. Особено внимание треба да се обрне на мултипната дискриминација која се однесува на индивидуи кои страдаат од нееднаков/дискриминирачки третман поради повеќе причини.
Во согласност со сите меѓународни обврзувачки документи, принципи и стандарди, лицата со интелектуална попреченост имааат еднакви човекови права и право на рамноправен третман како и сите други граѓани во општеството. Согледувајќи ја актуелната состојба во оваа област во нашата земја, а особено поради постоечките предрасуди и негативен однос кон лицата со интелектуална попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА во рамките на “Европската година на еднакви можности за сите” започна национална кампања под мотото “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството”.
Кампањата е со позитивен стил насочена кон пошироката јавност, лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства, но со особен фокус кон институциите кои ја креираат политиката и ги спроведуваат законите на национално и на локално ниво. Промотивниот материјал на кампањата вклучува постер, леток и документарен филм. Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА со своите 20 локални организации континуирано во текот на 2007 година ќе ги спроведува активностите на кампањата на локално и републичко ниво.
Основата на креативната стратегија на кампањата “ПРЕКУ РАЗЛИЧНОСТА ДО ЕДНАКВОСТ ВО ОПШТЕСТВОТО” е концептот на Европската Комисија за промотивен настап преку 4 принципи: ПРАВА, ПРЕТСТАВУВАЊЕ, ПРИЗНАВАЊЕ и ПОЧИТ:
– ПРАВА: остварување на основните човекови права (социјална сигурност, образование, здравствена заштита и рехабилитација, вработување и сл.) и слободи на лица со интелектуална попреченост, врз основа на принципи за еднаков третман, без предрасуди, нивно прифаќање во заедницата без дискриминација.
– ПРЕТСТАВУВАЊЕ: позитивни акции за надминување на нееднаквоста и елиминирање на дискриминацијата. Активно вклучување во сите сегменти на општеството, и развивање на чувство на припадност што ќе придонесе за значаен напредок во хуманиот, социјалниот и економскиот развој на општеството.
– ПРИЗНАВАЊЕ: Промовирање на позитивна слика за лицата со интелектуална попреченост претставувајќи ги нивните можности и потенцијали. Да се истакне и вреднува постоењето и потенцијалните придонеси од лицата со интелектуална попреченост за севкупната добросостојба и разноличност на демократското општество.
– ПОЧИТ: Промовирање на кохезивно општество, преку надминување на постоечките предрасуди и стереотипи кон лица со интелектуална попреченост, промовирање на добри односи и меѓусебна почит.
Комуникациски цели и посакувани резултати
Целта на кампањата е преку промовирање и прифаќањето на различноста да се подигне јавната свест во однос на потребите и потенцијалите на лицата со интелектуална попреченост, нивните човекови права и основни слободи, живот без дискриминација.
Што очекуваме од примарната целна група (широката јавност):
Разбивање на предрасудите и стереотипите кон лицата со интелектуална попреченост и нивно прифаќање како рамноправни членови на заедницата
Што очекуваме од секундарната целна група (донесувачи на одлуки) :
– Ратификување на Конвенцијата на ОН за права на лица со попреченост
– Сериозна акција за измена и дополнување на постоечките закони и нивна хармонизација со европската легислатива
– Донесување на Национална стратегија за креирање на социјални сервисни служби. Прифаќање на НВО секторот како еднаков партнер при развивање на мрежа на сервисни служби за лица со интелектуална попреченост во локалната заедница (воспоставување на регулаторни механизми: мапирање на потреби, акредитација/лиценцирање, склучување на договори за финансирање, мониторинг и евалуација)
Кампањата е поддржана од Министерството за труд и социјална политика, но ја користам оваа можност да ги повикам медиумите за соработка и поддршка, со што ќе дадат придонес за успешни промени и прифаќање на лицата со интелектуална попреченост како рамноправни граѓани во нашето општество.