Стратегија за деинституционализација на социјалните сервисни служби во Република Македонија (2007-2014)
Во последните неколку години во Република Македонија започна да се реализира процесот на деинституционализација. Тој подразбира од една страна излегување на корисниците од социјалните установи и развој на вонинституционалните форми како помош на семејствата да нивните деца останат во заедницата, од друга страна. Сепак за програмирано и планирано реализирање на оваа реформа на национално ниво се наметна потребата од изготвување на Стратегија за деинституционализација во Република Македонија (2007 – 2014 година).
Целите, акциите и мерките дадени во Стратегијата за деинституционализација се во согласност со Програмата за работа на Владата на Република Македонија за 2006-2010, Милениумските развојни цели, Целите за Европско партнерство, Законот за локална самоуправа, Законот за социјална заштита како и другите законски и подзаконски акти. Со насоките дадени во стратегијата се утврдуваат новите улоги на Министерството за труд и социјална политика и неговите институции од една страна и се дефинираат новите надлежности и одговорности кои единиците на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор ќе ги преземат како менаџери, обезбедувачи или корисници на социјалните сервисни служби од друга страна.
Целта на овој документ е да воспостави правни и стручни критериуми, динамика и носители на реформските иницијативи и програми кои во наредните 7 години треба да придонесат за што поцелосна правна и социјална заштита на таргетираните групи и за реализирање на реформата на социјалната заштита на децата и семејствата на целата територија на Република Македонија.
Реформите во системот на социјалните сервисни служби бараат повторна проценка на улогите и одговорностите на централните и локалните структури и согласно ова стратегијата е насочена кон креирање на нови сервисни служби во местото на живеење и вклучување на граѓанскиот сектор и другите носители на акции во заедницата, за постигнување на стандарди за подобар квалитет.
Стратегијата го промовира и го зајакнува партнерството помеѓу државата, локалните власти, граѓанскиот и приватниот сектор во обезбедувањето на сервисни служби за социјална грижа, а нејзината цел е да се презентира ситуацијата на социјалните потреби, да се промовира социјалната добросостојба и да се олесни интеграцијата на одредени групи на корисници согласно следните цели:
- Подигање на квалитетот на грижата за граѓаните изложени на социјален ризик;
- Создавање на мрежа на разновидни социјални сервисни служби на локално ниво, според потребите на корисниците;
- Промовирање на принципот на учество на корисниците и/или нивните семејства во креирањето на политиката, во планирањето, користењето и евалуацијата на услугите на социјалните сервисни служби;
- Постепен трансфер од институционални сервисни служби во сервисни служби во местото на живеење;
- Децентрализација на социјалните сервисни служби и трансфер на одговорностите и надлежностите на единиците на локалната самоуправа во нивното раководење и финансирање преку локалните приходи кои ќе се обезбедуваат преку процесот на фискалната децентрализација;
- Воведување на плурализам на обезбедувачи на социјалните сервисни служби, обезбедување на одржливост и континуитет на услугите.
Во Стратегијата за деинституционализација посебно е обрнато внимание на актуелната состојба за децата и возрасните лица кои имаат потреба од помош. Со стекнатото искуство во текот на годините и спроведените истражувања за различноста на социјалните сервисни служби и нивната локација во државата, идентификувани се главните групи кои имаат потреба од помош. Во овие групи на лица спаѓаат деца без родители и родителска грижа, деца со воспитно-социјални проблеми, деца жртви на трговија со деца, деца жртви на насилство, деца и возрасни со попреченост. Во овој дел од стратегијата даден е преглед на актуелната состојба на овие групи, проблемите со кои тие се соочуваат, и се даваат препораки и активности за надминување на неповолната ситуација.
При развивањето на оваа стратегија земен е во предвид и процесот на децентрализација и неговата поврзаност со деинституционализацијата на социјалните сервисни служби во Република Македонија. Па оттаму, одлуките поврзани со планирањето и обезбедувањето на сервисните служби за граѓаните треба да се носат на локално ниво каде што настануваат потребите и каде што живеат корисниците. Поради тоа, одговорностите, буџетите и сервисните служби примарно се одговорност на локалните власти и на единиците на локална самоуправа. Почитувањето на принципот на децентрализација е најдобриот водич во обезбедувањето на социјалните сервисни служби и најдобра можност за корисниците на овие сервисни служби, при што децентрализацијата како принцип бара ново распоредување на задачите и одговорностите помеѓу централните и локалните власти.
Министерството за труд и социјална политика ги поставува правилата поврзани со обезбедувањето на сервисните служби и развојот на системот за контрола и евалуација на сервисните служби на начин на кој што секој поединец може да даде свое мислење за тоа до кое ниво овие политики се имплементирани и дали овие фондови се искористени на ефикасен начин.
Во иднина треба да се следат две насоки поврзани со завршување на процесот на децентрализација на социјалните сервисни служби и делегирање на одговорностите и финансиите на единиците на локална самоуправа. Првата насока се однесува на деинституционализација на установите за социјална заштита, нивна трансформација и обезбедување на мали сместувачки капацитети на локално ниво. Додека пак втората насока се однесува на развој на мрежата на постојните и воспоставување на нови социјални сервисни служби во локалната заедница.
Во оваа стратегија, покрај улогата на единиците на локална самоуправа се говори и за улогата која ја имаат, и во иднина ќе ја имаат граѓанските организации. Улогата на граѓанскиот сектор составен од НВОи и приватните правни субјекти и понатаму ќе се зголемува како еден од главните обезбедувачи на социјални сервисни служби во локалната заедница и ќе биде бранител на правата и интересите на групите кои имаат потреба од помош, ќе биде предлагач на препораки за подобрување на легислативата за социјалните сервисни служби, ќе спроведува превентивни интервенции и интервенции за подигнување на јавната свест преку едуцирање и информирање на јавноста за негативните ситуации и нивните последици врз поединецот, семејството и локалната заедница.
Осигурувањето на учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки е уште една одговорност на граѓанското општество која се реализира преку менаџирање на социјални дебати, пренос на потреби, приоритети, идеи и мислења на заедницата, во конкретно формулирани препораки кои имаат влијание врз животот на одредена категорија на лица вметнати во процесите на донесување одлуки.
Во оваа стратегија даден е посебен осврт на финансирањето на социјалните сервисни служби, нивната одржливост и континуитет. Се до сега, социјалните сервисни служби и другите форми на поддршка за лицата кои што имаат потреба од помош, беа ограничени од фондовите на централниот буџет. Државата во целост ги финансираше програмите за социјални исплати и материјална помош, а државниот буџет ги финансираше и државните социјални сервисни служби, додека другите форми на сервисни служби во заедницата беа финансирани од страна на НВОи преку нивните сопствени буџети или со средства обезбедени од различни донатори.
Препораките што произлегуваат од оваа стратегија се дека Министерството за труд и социјална политика мора да ги планира фондовите за пакетот на финансиска помош на почетокот од годината за секоја општина, во согласност со поднесените барања од страна на единиците на локалната самоуправа и меѓуопштинските центри за социјална работа и да изготви евалуација на национално ниво.
Сите заштеди или помалку потрошени средства од фондот за финансиска помош направени поради добриот менаџмент и ефикасност од страна на единиците на локалната самоуправа и меѓуопштинските центри за социјална работа да останат во локалните единици. Овие фондови ќе служат за одржување на програмите од работата во заедницата или социјалните сервисни служби во текот на годината.
Трансферот на релевантни фондови на почетокот од секоја година ќе ги придружува и трансферот на резиденцијалните институции во локалните власти. Единиците на локална самоуправа ќе ги преземат сите одговорности за финансирање на нови социјални сервисни служби кои што треба да се оформат.
Финансирањето на социјалните сервисни служби се состои од фондови распределени од државниот централен буџет; фондови планирани од локалните даноци и наплати; приходи од имоти и други активности на општините; придонеси од корисниците на социјалните сервисни служби; донации; спонзорства и други начини на финансирање од страна на организации, физички или правни лица и други поединци.
Во стратегијата се говори и за проценката на потребите и планирањето во локалната заедница. Социјалните сервисни служби мора да се обезбедени во согласност со потребите на корисникот и тие да се фокусираат на самите лица кои имаат потреба од помош, а особено за лицето и семејството во кое тоа лице живее.
Проценката на потребите ги зема во предвид факторите кои ги попречуваат поединците да водат активен живот во заедницата и истата започнува со анализа на социјалната ситуација на поединецот и се стреми кон поддршка на самостојноста и автономијата на поединецот, почитувајќи го индивидуалниот избор за начинот на живеење.
Потребите за сервисни служби се идентификуваат во процесот на проценка, со цел корисникот да стекне самостојност и поголема автономија. Исто така, се идентификуваат и видовите на сервисни служби кои може да се обезбедат директно за поединците или за нивните семејства, со цел да им се помогне и олесни рехабилитацијата на поединците.
Понатаму во Стратегијата се говори за гарантирање на квалитетот на социјалните сервисни служби. Односно, сите социјални сервисни служби кои што се на располагање од страна на различни државни или приватни обезбедувачи, мора да гарантираат одредено ниво на квалитет во согласност со стандардите. Квалитетот на социјалните сервисни служби ја сочинува суштината на секој систем на социјална заштита. Министерството за труд и социјална политика е гарант дека квалитетот се базира на неколку стандарди кои претставуваат збир од принципи кои ги гарантираат дефинираните показатели за квалитетот на сервисните служби, кој пак зависи од три главни елементи: дефиниција на стандардите;мониторинг на постигнува-њата на збирот на стандарди за квалитет; и евалуација и подобрување на квалитетот на социјалните сервисни служби.
Стандардите јасно и на транспарентен и мерлив начин ги дефинираат критериумите кои што треба да ги исполнат обезбедувачите на сервисните служби. Тие се содржани во јавен документ кој им помага на обезбедувачите на сервисни служби да ги исполнат обврските. Стандардите служат како основа за мониторинг на квалитетот на сервисните служби, а по изготвувањето и запознавањето со стандардите од страна на обезбедувачите, тие се тестираат и оценуваат во практиката. За да се оцени постигнувањето на стандардите, врз основа на одобрени стандарди, треба да се креира систем за мониторинг, кој ќе функционира преку регулаторни механизми како што се лиценцирање и инспекција.
Сите НВОи и приватни обезбедувачи кои ќе обезбедуваат социјални сервисни служби, треба да добијат лиценци во согласност со постоечка легислатива. Министерството за труд и социјална политика треба да издава лиценца само во случаи кога е потврдено дека обезбедувачот на сервисната служба го исполнува минимумот од стандардите кои се бараат според легислативата за обезбедување на вакви сервисни служби. Главните цели на процесот на лиценцирање се заштита на корисникот од неквалитетно обезбедување на сервисна служба, примената на нацрт стандардите како и подобрување на нивото на квалитет на сервисните служби. Лиценцирањето треба да се потпира на критериуми за проценка на капацитетите на институцијата, на средината, персоналот, сервисните служби и начинот на кој тие се обезбедуваат.
Лиценцирање со приоритет на јавни или приватните субјекти, кои ќе обезбедуваат сервисни служби во областа на социјалната заштита како на пример:
- Центри за институционална грижа за деца без родители и родителска грижа, деца со воспитно социјални проблеми, лица со попреченост, стари лица, лица зависници од алкохол и дрога, жртви на трговија со луѓе и насилство во семејството.
- Дневни центри за деца со посебни потреби, возрасни лица со попреченост и стари лица.
- Советодавни центри за планирање на семејството, сервисни служби во домашни услови за лица со попреченост, стари лица кои живеат сами или лица со хронични болести.
- Рехабилитациони центри за лица со попреченост, обука за социјални работници, реинтеграција на злоупотребувани жени и жени – жртви на трговија со луѓе.
По добивањето на лиценците, НВОи и другите приватни обезбедувачи на социјални сервисни служби ќе склучат договор со единиците на локалната самоуправа во согласност со легислативата и правилата дефинирани од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Инспекцијата, пак како регулаторен механизам, го контролира постигнувањето на стандардите, истите ја евалуираат обезбедената сервисна служба преку споредба со постоечките стандарди, како систем за предупредување во случај применетите политики да ги немаат постигнато очекуваните резултати. Треба да се напомене дека на инспекцијата не треба да се гледа како на казнен и “страшен” процес, туку како корисен, конструктивен и транспарентен процес кој промовира развој.
Да напоменеме дека ова е работна верзија на предлог стратегија за деинституционализација на социјалните сервисни служби која во иднина може да претрпи одредени промени.