ПРАВАТА ДА СТАНАТ РЕАЛНОСТ – 100 ДЕНА ЗА РАТИФИКАЦИЈА

РЦПЛИП – ПОРАКА бара предизборни заложби од политичките партии

Идентификувајќи ја тешката состојба на лицата со попреченост и нивните семејства, Генералното собрание на Обединетите нации на 13 декември 2006 година ја усвои Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и нејзиниот Опционен протокол. На 30 март 2007 година, беше отворен процесот за потпишување и истиот ден оваа Конвенција ја потпишаа 82 земји членки на ОН, меѓу кои и нашата држава.

Оттогаш поминаа четири години, а Република Македонија се уште не покажала иницијативи во однос на ратификација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Всушност, нашата држава е меѓу последните земји во регионот кои не ја ратификувале Конвенцијата. Притоа, важно е да се забележи дека Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е ратификувана и има сила на закон во сите 27 земји-членки на Европската унија.

За таа цел Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, во соработка со Националниот демократски институт за меѓународни односи (НДИ), започна иницијатива со која директно се обраќа до сите политички субјекти во нашата држава. Преку оваа иницијатива, РЦПЛИП – ПОРАКА апелира до политичките партии да ја искажат нивната поддршка за ратификација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост во првите сто дена од конституирањето на новата извршна власт.

Почетокот на кампањата беше означен со прес конференција која се одржа на 27.04.2011 година во просториите на Домот на хуманитарни организации “Даре Џамбаз”. На прес конференцијата беа промовирани слоганот и мотото на кампањата: “Правата да станат реалност – 100 дена за ратификација”, како и активностите кои РЦПЛИП – ПОРАКА ќе ги преземе за конечно и во Република Македонија да биде ратификувана Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Беше презентирана и Картичката за заложба која РЦПЛИП – ПОРАКА претходно ја испрати до политичките партии. Со потпишувањето на оваа Картичка за заложба политичките партии ветуваат дека ќе ја поддршат ратификацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во првите 100 дена од новиот собраниски мандат.

Кампањата ќе заврши пред официјалниот старт на изборната кампања, на 13.05.2011 година. Крајот, повторно ќе биде означен со прес конференција на која РЦПЛИП – ПОРАКА ќе ја информира јавноста кои партии ја потпишаа иницијативата. Всушност, ќе се соопштат резултатите од иницијативата до сите лица со попреченост, како и на нивните семејства, пред тие да се упатат на гласање на 5 јуни.

Зошто ратификацијата на Конвенцијата е важна за нас? Конвенцијата го потенцира менувањето на парадигмата во односот, пристапот и прифаќањето на лицата со попреченост, од објект на милосрдие, медицински третман и социјална заштита кон нивно прифаќање како рамноправни граѓани со права, потреби и можности да придонесуваат во општеството. Со ратификација на Конвенцијата, државата ја потврдува социјално развојната определеност во креирањето на политиката и градење на демократско општество со еднакви права и можности за своите граѓани. Мора да се напомене дека со Конвенцијата не се воведуваат или креираат нови права. Конвенцијата всушност го појаснува начинот и механизмот на спроведување на веќе постоечките права земајќи ја предвид спецификата на попреченоста.

Scroll to Top
Skip to content