По неколку годишни советувања, консултации, дијалози и преговори со голем број на чинители од областа на образованието, донесен е нов Закон за основно образование во нашата земја.
Во август оваа година, со излегување во Службениот Весник на РСМ бр.161 од 5.8.2019 година, на сила стапи новиот Закон за основно образование. Едно од основните начела на Законот се најдобриот интерес и целосен развој на ученикот, како и еднаквост, достапност, пристапност и инклузивност за сите ученици. Со законот се предвидува заштита од дискриминација и промоција на еднаквоста по разни основи, вклучително и попреченост (член 5(1)).
Инклузивното образование е застапено, меѓу другото, во членот 11 од овој Закон. Во овој член се вели дека основното образование е институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој поддржува инклузија на сите деца во редовното основно образование. Инклузивното образование е процес кој ги зема предвид различните индивидуални потреби за развој на учениците, давајќи еднакви можности за остварување на основните човекови права за развој и квалитетно образование. Понатаму во овој член исто така се вели дека инфраструктурата, индивидуализираната поддршка, наставниот план и програма во основното образование, се разумно прилагодени според индивидуалните потреби на ученикот. Разумно прилагодување од ставот претставува изменување и приспособување на условите за воспитание и образование во одреден случај, што не предизвикува несразмерно или непотребно оптоварување на училиштето, а е со цел обезбедување на уживањето или остварувањето на сите човекови права и слободи на учениците со попреченост на еднаква основа со другите. Пристапност до инфраструктурата и услугите подразбира преземање мерки кои осигуруваат дека учениците со попреченост имаат пристап, на еднаква основа со другите, до физичкото опкружување, транспортот, информациите и комуникацијата, вклучувајќи информатички и комуникациски технологии и системи во основното училиште.
Во законот се предвидени и училишен инклузивен тим, кој се грижи за инклузивните политики и практики на ниво на целото училиште и инклузивен тим за ученик кој што работи по индивидуален образовен план. Училишниот инклузивен тим е со мандат од три учебни години и е составен од седум члена и тоа: педагогот, односно психологот, односно социјален работник во училиштето, двајца наставници од редот на вработените на училиштето (еден наставник од одделенска настава и еден наставник од предметна настава), двајца родители односно старатели, специјален едукатор и рехабилитатор и директорот на училиштето. Училишниот инклузивен тим ги осмислува и спроведува активностите на ниво на целото училиште и води грижа тие да бидат усогласени и применувани во воспитно-образовната работа. Инклузивниот тим за ученикот е за период до завршување на основното образование на ученикот и е составен од: наставниците на ученикот, родителот односно старателот, педагогот, односно психологот, односно социјален работник во училиштето, специјалниот едукатор и рехабилитатор. Инклузивниот тим за ученикот во фокусот на својата работа ги имаат конкретните ученици и изготвување и реализирање на нивните индивидуални образовни планови.Инклузивниот тим за ученикот подготвува ИОП и модифицирана наставна програма за ученикот со попреченост согласно со неговите индивидуални потенцијали и потреби, во рок од 30 дена од денот на започнување на настава на ученикот во училиштето и ги спроведува мерките за поддршка во учењето согласно со препораките од стручните тела за проценка на дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на деца и младинци (во натамошниот текст: стручни тела за проценка) во рамки на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединети Нации за правата на лицата со попреченост, при Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Владата). При изработката на ИОП и модифицирана наставна програма, инклузивниот тим за ученикот соработува со останатите наставници и стручни соработници вклучени во образовниот процес на ученикот.
Во овој закон предвидена е поддршка за учениците со попреченост, и за таа цел основното училиште обезбедува: образовен асистент, личен асистент, соодветна стручна поддршка од центар за поддршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија по препорака на стручното тело за проценка и во согласност со индивидуалниот образовен план или модифицираната програма.
Наставниот план и наставните програми за учениците со попреченост, исто така се уредени со Законот. Наставата за учениците со попреченост во основните училишта се реализира според Индивидуален образовен план на наставните програми или модифицирана наставна програма. Индивидуален образовен план вклучува адаптации во резултатите од учењето на наставната програма, воведување специфични активности и методи што овозможуваат постигнување на резултатите од учењето.
Модифицираната наставна програма, наменета за учениците со комплексни потреби, се подготвува за секој воспитно-образовен период на основното образование и со неа се определуваат резултатите од учење базирани на компетенциите со кои треба да стекнат и развијат самостојност, личен развој и социјални односи. За одделни категории на ученици со попреченост се развиваат програми за стекнување специфични вештини, како: мобилност и ориентација во простор, изучување на Брајова азбука, развој на говорот, употреба на асистивна технологија за комуникација и друго.
Целиот текст за Законот за основно образование може да го најдете на веб страната на Министерството за образование и наука.