Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

strumica

Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА Активности на сервисните служби на РЦПЛИП – ПОРАКА во услови на пандемијата со КОВИД-19

Во текот на 2021 година, во услови на пандемија со КОВИД-19, главен приоритет на РЦПЛИП – ПОРАКА е обезбедување на поддршка на корисниците на дневните центри за лица со интелектуална попреченост и нивните семејства, односно продолжување со реализација на адаптирани програмски активности на дневните центри.

РЦПЛИП – ПОРАКА ги спроведува сите неопходни подготовки за работа со физичко присуство на корисниците во дневните центри за лица со интелектуална попреченост: извршена е дезинфекција на просториите и опремата, набавена е пропишаната заштитна опрема, направен е распоред за работа со корисниците во групи и доследно се следат протоколите за работа во дневни центри за деца/лица со попреченост.

Со оглед на тоа што дел од семејствата на корисниците во дневните центри, а земајќи ја предвид епидемиолошката состојба и ризиците за здравјето на нивните деца, не се согласија да бидат опфатени во директна работа со физичко присуство, дневните центри продолжија со овие корисници да спроведуваат прилагодени индивидуални едукативни активности во домашни услови со употреба на телефонска, интернет и видео комуникација.

Адаптираната програма за психосоцијална поддршка и прилагодени индивидуални едукативни програми е унифицирана и се спроведува во сите дневни центри во мрежата на РЦПЛИП – ПОРАКА. Во рамките на реализирање на индивидуалните едукативни активности, продолжи секојдневната комуникација со корисниците и нивните родители. Притоа, приоритет и во изминатиов период беше да се ангажираат корисниците, односно да им се дадат насоки и задачи за реализација на активности со кои се одржуваат вештините и можностите на одредено ниво. Во рамките на психосоцијалната поддршка приоритетот е насочен кон поддршка, совети, смирување, вразумување, охрабрување за полесно разбирање, прифаќање и справување со состојбата во која се наоѓаме. Притоа се користат начини на комуникација кои одговараат на корисниците и нивните родители/старатели, вклучувајќи телефонски разговори и видео комуникација доколку корисникот/родителот/старателот користи некои од достапните апликации (Вибер, ФБ месинџер, Зум или друга апликација). Особено внимание се посветува на корисниците кои се посамостојни, кои се истовремено во поголем ризик за несоодветно однесување, односно на непочитување на официјалните препораки и ограничувања.

Активности на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип редовно се реализираа и во изминатиот период, во согласност со протоколите за работа за време на пандемија со КОВИД-19. Корисниците активно и успешно се справуваа и со активностите што соодветствуваа на значајните денови и датуми во изминатиот период. По повод бадниковата вечер, корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип подготвија бадниково лепче, при што ги покажаа своите креативни способности и вештини.
Месецот февруари, пак, беше одбележан во знакот на љубовта и виното. Се реализираа работилници на кои корисниците креираа низа декорации и предмети на овие теми. При крајот на февруари започнаа и подготовките за 1-ви март (баба Марта). Месец март, корисниците го пречекаа со радост, меѓусебно си разменија персонализирани мартинки што самите ги изработуваа со волница и монистра. Се реализираа и неколку работилници по повод 8 Март, на кои корисниците креираа и твореа за да изработат подароци за нивните родители.

Активности на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

Активностите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп во изминатиот период редовно се реализираат согласно протоколите за работа на дневни центри. Покрај редовно предвидените програмски активности, во рамките на дневниот центар се вклучуваат и нови работно-окупациони активности со корисниците. Се реализираа неколку работилници за изработка на рамки за слики од дрво, притоа опфаќајќи го целиот процес на обработка како сечење со пила, стружење, боење, лакирање на дрвото. Со целото свое внимание и посветеност корисниците беа вклучени во активностите, а задоволството од вложениот труд и крајните производи беше големо.
За време на топлите денови, голем дел од времето се поминува на отворено во дворот на општината. Комуникацијата со оние корисници кои не го посетуваат дневниот центар, согласно моменталната состојба и понатаму се реализира онлајн, давајќи психолошка поддршка на корисниците и родители. Корисниците со радост го чекаат времето за повик, да се видат со нивните другари од центарот и да поразговараат за она што им се случува и како го поминуваат денот. Во изминатиов период, согласно предвидените протоколи, еднаш неделно во дневниот центар доаѓа зумба тренер. Позитивната атмосфера, насмеаните лица на корисниците се особено изразени. Секоја среда со нетрпение го очекуваат нејзиното доаѓање. Во рамките на програмските активности, особено во делот предвиден за спортски активности, самите корисници често изразуваат желба да играат зумба. Има корисници кои изразија желба да се запишат на часови за зумба, пронаоѓајќи се и вклопувајќи се брзо и лесно во учење на чекорите.
По повод 8 Март, во дневниот центар се реали-зираше работилница за изработка на украси кои потоа се подарија на родителите. Се користеше волница, конци, пластични шишиња за изработка на истите, а се направија и цветови од салфетки и честитки изработени од шпатули.

Активности на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш продолжија непрекинато и редовно да се реализираат согласно предвидените програмски активности. Во услови на пандемија со КОВИД-19, дневниот центар работи со почитување на сите мерки и протоколи за заштита и превенција на ширењето на корона вирусот.  Корисниците имаа можност да ги изразат своите креативни способности во неколкуте работилници што се реализираа, а по повод празниците што се одбележуваа во овој изминат период.
На 10.2.2021 година, во посета на дневниот центар беше заменик-генералниот директор на рудникот Бучим, Николајчо Николов, заедно со неговата сопруга. Повод за посетата беше традиционалното прославување на неговиот роденден со заедно корисниците на дневниот центар. Овој пат, прославата беше по однапред утврден протокол следејќи ги мерките за заштита од КОВИД-19. Секој од корисниците доби подарок, односно 1000 денари, кои ќе ги искористат лично за себе, а како знак за благодарност, пак, корисниците му подарија рачно изработена уметничка слика и слики со мозаици од камчиња.

Активности на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица, во услови на пандемија со КОВИД-19 продолжи со реализирање на активностите планирани со Годишната програма, придржувајќи се кон Протоколот и препораките за работа со лицата со попреченост- носење маски, држење растојание, дезинфицирање и одржување на хигиена на просториите.

Под тие услови се одржа и традиционалното кршење на бадниковото лепче со паричка. Се реализираа едукативни и креативни работилници во кои корисниците изработуваа рачни изработки, сувенири и подароци со кои ги одбележавме празниците Св.Валентин и Св. Трифун, како и Меѓународниот ден на жената 8 Март. Иако и оваа година не се одржа Струмичкиот карневал, сепак корисниците преку креативни работилници изработуваа карневалски маски кои си ги декорираа по сопствен избор.

По повод 21 март, Светскиот ден на Даунов Синдром, во соработка со стручната служба и учениците од ООУ „Видое Подгорец“ се реализираше едукативно – креативна работилница, а воедно се испрати и порака за поддршка на овие лица: „Детелина со четири листа за вера, надеж, љубов и добро здравје”.

Во тек е завршната фаза од реализирањето на проектот „Транспарентна ПОРАКА” чија цел е преку соодветните алатки и инфографици да се информира јавноста за програмските и креативните активности и работилници на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. Корисниците завршија со рачната подготовка на инфографиците преку кои во лесно читлива и разбирлива форма се пренесоа пораките за оддржување на личната хигиена и грижата за здравјето во услови на сегашнава пандемија и заштита од Корона вирусот, за хигиената во домот, како и надвор од него, и грижата за животната средина во која живееме и работиме. Инфографиците и побликуваната брошура се веќе готови и отпечатени, а воедно веќе фунционира и новата официјална веб страна: www.porakastrumica.mk на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. Веб страната е достапна за сите лица со попреченост каде ќе можат на лесен и едноставен начин да се читаат веб содржините, правата на лицата со попреченост од областа на социјалната заштита, како и сите новости, настани и активности на локално ниво.

pp1pp2st1st2st3strumicaрадовиш