Од 1963-та и ја пренесуваме на јавноста пораката од лицата со интелектуална попреченост!

EASPD

Заеднички активности на РЦПЛИП – ПОРАКА и ЕАСПДРегионален форум: Кон живеење во заедницата во Западен Балкан и земјите од Источното партнерство – Предизвици и можности

Регионите мора заеднички да делуваат за да ги промовираат сервисните служби во местото на живеење за лицата со попреченост

Системите на социјална заштита во земјите кои не се членки на ЕУ се соочуваат со огромни потреби за реформи, се уште се базираат на медицинскиот пристап кој не ги признава во целост потребите за поддршка на ранливите поединци и не дозволува целосно уживање на човековите права како што се дадени во Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.

Последователно, многу неопходни сервисни служби не се вклучени во редовните текови и се достапни само од граѓанските организации кои го исполнуваат овој вакуум простор со функционирање под неодржливи финансиски услови. Истовремено, непредвидливоста на владите честопати води кон промени во приоритетите, па оттаму ја попречува одржливоста, долгорочните визии и планирања.

За таа цел, на 17-ти септември 2020 година, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА и Европската асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост (ЕАСПД) беа домаќини на првиот регионален форум за обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост. Со учество на над 90 учесници онлајн, форумот ги опфати клучните предизвици и трендови на обезбедувањето сервисни служби во земјите кои не се ЕУ членки од Западен Балкан и регионите на Источното партнерство. Говорниците се осврнаа на тоа како ЕУ може да работи со овие региони за да се зајакне нивната соработка, за да се промовира обезбедувањето на одржливи сервисни служби за поддршка во местото на живеење за лицата со попреченост.

Во првиот дел од вебинарот претставниците од организациите членки на ЕАСПД од Албанија, Ерменија, Грузија, Молдавија, Северна Македонија, Турција, Србија и Косово, кои работат во областа на обезбедување социјални сервисни служби за поддршка на лица со попреченост во текот на целиот животен циклус ги презентираа актуелните состојби во нивните земји поврзани со секторот. Оваа сесија ја водеше Др. Василка Димоска, Генерален секретар на РЦПЛИП – ПОРАКА. Презентација за состојбите во нашата земја имаше м-р Владо Крстовски, Програмски менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА.

Во вториот дел од вебинарот на присутните им се придружи претставник на Генералниот Директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување (DG NEAR). Вебинарот ги потенцираше заедничките трендови кои се присутни низ овие региони и пружи можност да се научи за можностите за финансирање од Европската унија кои се на располагање за сервисните служби за поддршка. ЕАСПД ја поздрави подготвеноста на DG NEAR за истражување на понатамошната соработка со социјалните сервисни служби во регионот и развојот на механизми за поддршка за градење на капацитетите во секторот, помагајќи им да отворат што повеќе од овие можности.

За време на вебинарот, ЕАСПД го промовираше својот најнов извештај „Сервисните служби за поддршка на лицата со попреченост во земјите кои не се членки на ЕУ: Потреби и трендови“, кој ја покажува состојбата на секторот за сервисни служби за поддршка во Албанија, Ерменија, Молдавија, Северна Македонија и Турција. Во извештајот, исто така, се предлагаат одреден број клучни препораки на национално и на ниво на Европската унија, за да се промовира обезбедувањето на сервисни служби за поддршка и грижа за лица со попреченост засновани на човековите права, и да се придонесе за целосна имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во овие региони.

Развојот и обезбедувањето на социјални сервисни служби за поддршка и грижа во местото на живеење и ориентирани кон лицето е приоритет во многу од овие земји. Иако е постигнат суштински напредок, поголемите нивоа на институционализација на деца и возрасни лица со попреченост и натаму останува клучен предизвик. Пристапот до сервисни служби во руралните средини, исто така, беше идентификувано како клучно прашање, затоа што родителите честопати мора да патуваат во урбаните центри за да ја добијат поддршката што им е потребна.

Понатаму, извештајот повикува на развој и имплементација на сеопфатни и кохерентни законски рамки, кои може да го олеснат обезбедувањето на сервисни служби со висок квалитет во различни фази на животот на лицето. Овие рамки мора да се поддржани од одржливи можности за финансирање, за да се осигура континуитетот на неопходната поддршка на оние на кои им е потребна.

Разгледувајќи како Европската унија може да работи со овие региони, да се промовираат вредностите на ЕУ, да се подобри социјалната кохезија и да се поттикне одржлив развој, извештајот овозможува одреден број препораки. Тие вклучуваат:

  • Осигурување дека идните фондови од Европскиот инструмент за соседство (ЕНИ) и Инструментот за пред-пристапна помош (ИПА) се користат за да се промовира деинституционализацијата и социјалната инклузија на лицата со попреченост.
  • Искористување на политичкиот дијалог за да се промовира имплементацијата на Европскиот столб на социјални права и Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во националните активности.
  • Признавање на граѓанските организации како клучни партнери во овозможувањето успешна реформа во согласност со вредностите, политиките и интересите на ЕУ, и зајакнување на капацитетот на овие организации за да можат да го максимизираат својот потенцијал.

Во завршницата на Форумот, Luk Zelderloo, Генералниот секретар на ЕАСПД повторно ја нагласи важноста од соработка, како во регионот, така и во рамките на ЕУ, истакнувајќи дека: „овој настан покажа дека многу од предизвиците со кои се соочуваат сервисните служби за поддршка од регионот се истите предизвици со кои се соочуваме низ цела Европа. Ова заедништво е катализатор за поголема промена.“ Како заклучок тој ја повтори заложбата на ЕАСПД да продолжи да работи со своите членки, заедно со сите други актери, за да се осигура обезбедувањето на социјални сервисни служби за поддршка и грижа за лицата со попреченост во местото на живеење во земјите кои не се членки на Европската унија.