Активности на Владата на Република Северна Македонија

Развој на мултисекторска Национална стратегија за правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија

Периодот на спроведување на последната Национална стратегија за лица со попреченост (2010-2018) одамна заврши. Од 2018 година, координацијата на националните политики насочени кон потребите на лицата со попреченост се спроведува во форма на годишни акциски планови (2019, 2021 г.) каде се вклучени неколку клучни ресорни министерства со воведување конкретни мерки во рамки на своите институционални стратегии.

Во отсуство на национална меѓусекторска стратегија, темпото и длабочината на интегрирањето на принципот на „Никој да не биде изоставен“ со фокус на попреченоста во различните сектори се многу ограничени бидејќи ресорните министерства имаат тенденција вклучувањето на лицата со попреченост да го гледаат како примарна обврска на Министерството за труд и социјална политика. Ова беше особено видливо во ограничените буџетски средства распределени во другите ресорни министерства за реализација на активностите планирани со акциските планови. Од друга страна, без стратешки насоки од централно ниво, општините не се во можност да воведат дополнителни услуги приспособени на различните видови попреченост или да се вклучат во трансформативни активности за создавање поинклузивни заедници.

Процесот на подготовка на новата стратегија e инициран и фацилитиран од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија преку Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, во соработка со Министерството за труд и социјална политика како носител на Стратегијата. Канцеларијата на GIZ, како и Агенциите на ОН во нашата земја ќе ја дадат нивната поддршка во целиот процес на изработка на овој значаен стратешки документ.

На новата стратегија ќе ѝ претходи евалуација на претходно спроведените годишни акциски планови (2019, 2021 г.), препораките на Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост, со цел да се разгледаат постигнатите резултати, да се идентификуваат потребите и можностите за унапредување на правата на лицата со попреченост. Во оваа насока, како основа за извештајот за евалуација ќе се земат главните препораки предложени во Ситуационата анализа на правата на лицата со попреченост (2021 г.).

Документот ќе даде насока што е можно повеќе засегнати страни да инкорпорираат мерки што ќе придонесат за исполнување на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија.

Стратегијата ќе содржи акциски план што ќе предвидува краткорочни, среднорочни и долгорочни активности со фокус на мерки посебно наменети за лицата со попреченост, како и интегрирање на попреченоста во различни секторски политики. Активностите во акцискиот план исто така ќе бидат поврзани со соодветните Цели за одржлив развој и под-цели, што ќе им помогне на релевантните министерства да прибираат податоци за следење на спроведувањето на стратегијата. Во овој поглед, од голема полза ќе биде локалното прибирање податоци според принципот „Никој да не биде изоставен“ од Агендата 2030 на локално ниво.

Како дел од процесот на развивање на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост на Република Северна Македонија на 25.5.2022 година во просториите на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија во Скопје се одржа консултативна средба со сите релевантни чинители кои се засегнати со процесот на развојот на документот, односно претставници на Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, членови на НКТ за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Агенциите на Обединетите Нации во земјата, Националните инвалидски организации, претставници на Канцеларијата на Народниот правобранител, граѓанските организации, родителските заедници и лица со попреченост.

Националната стратегија за правата на лицата со попреченост на Република Северна Македонија е дел од Владината програма за 2022 година, а носител е Министерството за труд и социјална политика со техничка поддршка на Германската развојна агенција.

Во консултативните процеси беа земени во предвид мислењата на сите учесници каде што секој го даде својот придонес. Развојот на документот ќе биде согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и комплементарна со Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост.

Позитивната атмосфера  создава услови да се изработи сеопфатна и реална стратегија која ќе биде одржлива, спроведлива и во која ќе бидат вклучени сите,  од централните и  локалните власти,  Националните инвалидски организации, граѓанските организации, лицата со попреченост, организациите на ООН. Преку дискусија заеднички е договорена  временска рамка за извршување на идните активности.

Присутните соговорници постигнаа консензус дека развојот на Националната стратегија е од голема важност за лицата со попреченост, унапредување на нивните права и вклучување во  општество на еднаква основа со другите.

Во продолжение следи Концептот за изработка на мултисекторската национална стратегија за правата на лицата со попреченост на Република Северна Македонија:

Позадина

  • Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е усвоена во 2006 година, а ратификувана од страна на Република Северна Македонија во 2011 година.
  • Пристапот на Конвенцијата заснован на човекови права и основниот принцип „Никој да не биде изоставен“ од Агендата 2030 се водечките принципи на Стратегијата.
  • Децата и возрасните со попреченост (и индиректно нивните семејствата) се идентификувани како најранлива група.
  • Изразени потреби за развој на сервиси и услуги во областите на образование и социјала, а постоечките услуги не се еднакво достапни за децата и лицата со различен тип на попреченост, како и не усогласеност со меѓународните стандарди.
  • Мапирањата покажаа дека услугите што се достапни на локално ниво не допираат до сите лица на кои им е потребна услугата.
  • Услугите треба дополнително да се развиваат за да ги задоволат нивните потреби според видот на попреченоста, возраста и полот.
  • Потребно е да се посвети повеќе на социјалните услуги директно насочени да работат со семејствата за да се спречи разделувањето и да се поддржи повторното обединување онаму каде што разделбата била неизбежна.
  • Вклучувањето на министерствата како и вклучувањето на организации на лица со попреченост, родителски организации, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Здружението на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Канцеларијата на Народниот правобранител и другите релевантни чинители ќе биде од клучно значење за успех на процесот.
  • Стратегијата ќе содржи акциски план кој ќе предвидува краткорочни, среднорочни и долгорочни активности со фокус на конкретни мерки за попреченост, како и вклучување на попреченоста во различни секторски политики.
  • Активностите во акцискиот план исто така ќе бидат поврзани со соодветни Цели на одржлив развој и под-цели кои ќе им помогнат на релевантните министерства да собираат податоци за следење на имплементацијата на стратегијата.

Принципи

  • Пристап со двојна патека (Twin track approach) со подеднакво значење и на мерките специфични за попреченоста и на вклучувањето на попреченоста во сите полиња на политиките.
  • Партиципативен пристап со земање предвид на ставовите и мислењата на организациите на лицата со попреченост.
  • Пристап од долу – нагоре во дефинирањето на новата стратегија со земање предвид на потребите идентификувани на локално ниво врз основа на известувањето за социјалното мапирање и со вклучување на ЗЕЛС.
  • Координиран пристап преку соработка со сите развојни агенции за да се усогласат нивните програми со планираните активности во стратегијата.
  • Меѓусекторски пристап со вклучување на претставници од приватниот сектор и граѓански организации кои работат на полето на човековите права и попреченоста.
  • Зајакнување на пристапот заснован на човековите права со усогласување на сите активности со принципите на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и принципот „Никој да не биде изоставен“ од Агенда 2030 и Целите за одржлив развој.

Дизајн на процесот

Подготвителни чекори:

Координација и соработка со развојните агенции, организациите на лица со попреченост и Канцеларијата на Народниот правобранител

Координација за улогите и придонесите од другите сектори

Евалуација и анализа на постоечката состојба

Фаза I – Воведна (Kick-off) дводневна работилница за сензибилизација на различните засегнати страни за принципите на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и моделот за човекови права

Ден I – Сензибилизација на принципите на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост

Ден II – Идентификување на влезни точки во секторските политики низ предлог тематските области и придонес од засегнатите страни

Фаза II – Тематски области, работни групи, национални и локални работилници

I.    Пристапност (транспорт, домување, јавни простори, комуникации)

II.   Медиуми и транспарентност (свесност за правата за специфични услуги за поддршка, пристап до култура и уметност)

III.  Служби специфични за попреченост (социјална заштита, образование, здравство)

IV.  Вработливост

V.   Пристап до правда, владеење на правото и демократско учество

VI.  Локален развој и инклузивни заедници

VII. Следење и имплементација

Фаза III – Работилница за валидација

Улоги и придонеси од идентификуваните партнери

Врз основа на Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за 2022 година, Министерството за труд и социјална политика е носител на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост, согласно што ќе ја води подготовката на документот низ транспарентен, инклузивен и партиципативен процес со сите релевантни национални чинители и меѓународни партнери. Откако ќе биде финализирана, Министерството за труд и социјална политика ќе ја достави предлог Националната стратегија за разгледување и усвојување од страна на Владата.

  • Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, како иницијатор на процесот на изработка на стратегијата, ќе ги стави на располагање својата стручна и техничка експертиза и ќе даде поддршка за ангажирање и координација на релевантните министерства, организациите на лицата со попреченост, академската заедница и други актери во текот на целиот процес.
  • Организациите на лицата со попреченост и родителските организации ќе дадат придонес од перспектива на различни типови на попреченост, како и други граѓански организации кои работат на полето на човековите права.
  • Канцеларијата на Народниот правобранител ќе придонесе во име на механизмот за следење на спроведувањето на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и ќе споделува експертски придонес од перспектива на човекови права и антидискриминација.
  • Здружението на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ќе придонесе со знаење за потребите на општините во вклучувањето на попреченоста на локално ниво, како и застапување за предусловите што треба да се исполнат за да општините можат да дејствуваат како партнер за координирање на процесот на локална имплементација.
  • Приватниот сектор ќе биде претставен преку трите најголеми стопански комори.
  • Други социјални претпријатија познати како модел за работна интеграција.
  • Развојните организации и другите проекти на ГИЗ (конкретно СЕДРА и Спорт за развој) ќе придонесат преку споделување на нивната експертиза во работните групи, како и усогласување на нивните тековни и идни проектни активности со потребите за спроведување на претстојната стратегија.
Scroll to Top
Skip to content