Активности на ЕАСПД и РЦПЛИП - ПОРАКА

Прв Форум на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост во Македонија

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, во соработка со ЕАСПД – Европската асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост, го организираше првиот Форум на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост во Македонија. Форумот претставува прв чекор во креирање на неформална национална мрежа на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост, која ќе има за цел да ги координира активностите за целосна имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во полето на пружање сервисни служби за лицата со попреченост во местото на живеење.

Форумот се одржа на 10 ноември 2017 година во хотел Карпош, Скопје. Учесници беа претставници од државни институции, невладини организации кои пружаат сервисни служби за лица со попреченост, како и претставници на УНИЦЕФ и УНДП. Настанот го отвори претседа-телот на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, Чедомир Трајковски. Воведното излагање го даде Др. Василка Димоска, Програмски менаџер на РЦПЛИП – ПОРАКА, која истакна дека оваа средба е важен прв чекор во креирање на неформална национална мрежа на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост, која ќе има за цел да ги координира активностите за целосна имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во полето на пружање сервисни служби за лицата со попреченост во местото на живеење.

Следеше презентација на Џејм Кроу, претседател на ЕАСПД, кој се осврна на значењето на сервисните служби во местото на живеење за лицата со попреченост од перспектива на ЕАСПД како асоцијација. Потоа следеа презентации за актуелните развитоци во пружањето на социјални сервисни служби во Македонија и предизвиците со кои се соочуваат во работата. Презентациите беа подготвени од претставниците на Завод за социјални дејности, а видувањата од страна на граѓанските организации ги дадоа претставници од РЦПЛИП – ПОРАКА, „Отворете ги прозорците” и Солем.

Претставник од Здружението на дефектолози на Македонија ги презентираше проектните активности кои тие како здружение ги спроведуваа во Специјалниот Завод – Демир Капија, со поддршка на УНИЦЕФ, УНДП, односно претставник од оваа ОН агенција, ги презентираше активностите во рамки на проектот Работно ориентирана рехабилитација, од кој дел од активностите директно се реализираа со штитениците во Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско” во Струмица.

Во својата втора презентација, Џејмс Кроу говореше за начелото на ко-продукција во обезбедувањето на социјални сервисни служби. Ко-продукцијата, инклузивно работно партнерство меѓу експертите од искуство (корисниците), организациите за поддршка и властите, претставува алатка или пристап кој помага да се унапреди развојот на сервисни служби за поддршка кои ќе ги задоволуваат индивидуалните потреби и преференци на корисниците, а во исто време ќе им даде контрола и избор во нивниот живот. Ко-продукцијата беше воведена како еден од елементите кој треба да биде дел од холистичка рамка на поддршка и, кога добро се спроведува, може позитивно да се осврне на уживањето на правата преку дизајнирање, развој и пружање на сервисни служби кои се водени од корисници.

Настанот заврши со дискусија и заклучоци за потребата од оформување на платформа/мрежа на обезбедувачи на социјални сервисни служби.

Scroll to Top
Skip to content