Центарот за планирање и евалуација на социјални сервисни служби при Универзитетот во Сиген, Германија, и Европската асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попречеснот – ЕАСПД беа домаќини на конференцијата „Планирање на инклузивни заедници: предизвици и стратегии на локалната имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост” што се одржа на 27 и 28 март 2014 година.
Конференцијата понуди можности за дискусија околу сложените прашања за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост со адекватно планирање и вклучување на исклучително компетентни експерти кои ги претставуваат различните социјални сектори и европски земји. Ваквиот дискурс е самиот по себе предизвик. Свесни сме дека ситуацијата во различните земји во голема мера е различна поради различните политички патишта и различната материјална состојба. Но, убедени сме дека фокусот на општината дозволува да се идентификуваат општите и заеднички проблеми и да се развиваат, разменуваат, дури и да се пренесуваат ефективни стратегии од еден до друг регион. Поради тоа, конференцијата имаше за цел да овозможи научна и професионална размена, но и да овозможи опции и простор за национално и европско вмрежување на учесниците во однос на нивните напори за имплементација на Конвенцијата на ОН во своите општини. Особено во јужните и источните европски земји економската криза и политиките за штедливост доведоа до големи намалувања во трошоците за сервисните служби за лица со попреченост, понекогаш во димензии кои ги кршат нивните основни човекови права. Честопати, тоа резултирало со големи потешкотии за организациите кои ги нудат сервисните служби.
Со цел да се придонесе за процесот на ширење на локалните процеси за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, конференцијата се фокусираше на различни концепти и практики кои се на располагање во различни полиња на социјалното живеење. Се разговараше за развојот на ефективни патишта до инклузивни заедници засновани на политичка одговорност, активно граѓанство и учество на сите чинители. Особено внимание се даде на улогата на обезбедувачите на сервисни служби во градењето на инклузивна средина за сите и на предизвиците со кои тие се соочуваат при овој процес. Конференцијата понуди можности за различните чинители да споделат искуства, како и да ги презентираат иновативните инструменти за локално планирање, како и широк опсег на примери на инклузивни практики во рурални и во урбани региони. Деловите од конференцијата како на пример, „пазар на можности” и „отворени форуми” во голема мера придонесоа во овозможувањето на споделување сопствени искуства за регионално, национални и европско вмрежување.
Во рамките на конференцијата, ЕАСПД одржа редовни состаноци на своите постојани комитети, на Управниот одбор и на Генералното собрание. Исто така, беше одржан првиот основачки состанок на работната група на ЕАСПД за рана интервенција, за чиј претседавач беше именувана д-р Василка Димоска, програмски менаџер на РЦПЛИП – ПОРАКА. Ова е особено значајно за РЦПЛИП – ПОРАКА, имајќи во предвид дека една од основните програмски задачи на РЦПЛИП – ПОРАКА за 2014 година е оформување на сервисна служба за рана интервенција во Македонија. Исто така, тоа дава можност за продлабочување на соработката на РЦПЛИП – ПОРАКА со партнерските организации од Европа, со цел адаптирање и пренесување на добрите модели на рана интервенција во Македонија.