„Зелена Арка – Бостание“ е првата урбана градина во Скопје, сместена во паркот во Ново Лисиче и е водена од идејата за претворање на јавните површини во урбани градини. Овој проект е реализиран со финансиска поддршка на Град Скопје, а во соработка со Општина Аеродром, ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, Градежниот институт и повеќе општествено одговорни компании. Во своето неколкугодишно постоење таа претставува убава можност за поттикнување на нераскинливата симбиоза помеѓу човекот и природата.
По претходно поднесено барање за доделување на парцела со обработливо земјиште од септември 2023 година на семејството на „бостаничари“ се приклучија и дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Првата сезона се запознававме со правилата и условите за работа во оваа градина. Се работеше на подготовка на земјиштето преку плевење на коров и прекопување на земјата. Првите обиди за сеидба беа скромни преку засадување на есенски култури. Оваа година, со пристигнувањето на пролетта и убавото време се интензивираа и активностите на двете доделени парцели. Овој пат корисниците имаа можност процесот на производство и одгледување на раноградинарски култури да го практикуваат од првиот чекор. Со своите вредни раце и огоромен елан за работа успешно го поминаа процесот на подготовка на земјата за садење. Повторно беше ослободена од досадниот коров, неколкупати беше прекопана, порамнета и наѓубрена…. Во дневните центри се посеаја првите семиња за расад од домат, леденка, пиперки, тиквички, краставици… На самите парцели се посеа боранија, лук, морков. Секој корисник согласно своите можности се обиде да се вклучи во овие активности кои несомнено се омилени кај сите поради можноста за работа во природа. Сепак за кратко се издефинира една група од неуморни градинари за кои нескромно е да се каже, го понесоа на своите плеќи поголемиот дел од товарот на овој процес. Преку активно ангажирање, размена на семенски материја, расад и корисни совети се вклучија и дел од родителите на корисниците од двата дневни центри. Благодарност упатуваме и до останатите градинари од „Бостание“ за безрезервната поддршка низ целиот процес.
Интерес за активностите на корисниците во општествената градина покажа и г-ѓа Линда Трајковска, професор по фотографија и професионален фотограф. Заеднички се роди идејата да се фотографираат сите активности кои корисниците ги реализираат во градината и од истите да се направи изложба со наслов кој сам по себе кажува се, „Од градина до трпеза“. Од месец март, упорноста и вложениот труд на корисниците најдобро се доловени низ објективот на г-ѓа Трајковска.
Првата берба од одгледувани култури донесе неизмерна радост кај корисниците, но и поттик да се продолжи и понатаму со интензивно градинарење. Во дневните центри во рамките на практичните активности тие самостојно ги подготвија првите оброци од производите на сопствениот труд и обработката на земјата.
Придобивките од овие активности се очигледно повеќекратни и долготрајни. Во целост се рушат стереотипите во однос на самостојноста на лицата со попреченост. Работата во градината има и терапевтско влијание, а несомнено преку комуникација со другите градинари се подоборува и нивната социјализација и инклузија во заедницата.