Активности на локалните организации на РЦПЛИП - ПОРАКА

Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА по повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост

ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш со свои активности на локално ниво го одбележа 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 30.11.2023 год. во просториите на дневниот центар се реализираа креативни работилници со ученици од СОУ „Коста Сусинов“. Едната за ликовно изразување и творење на цртежи со новогодишна тематика, а другата за декорација на новогодишни сувенири по сопствена креација или декорирање на готови производи со новогодишна тематика. Истиот ден во дневниот центар, локалниот женски кружок од Урбаната заедница 2 со своите членови и корисниците од дневниот центар спроведоа акција за хортикултурно уредување на дворното место. На 1.12.2023  корисниците на дневниот центар беа во посета на новоотворениот креативен центар NEXUS заедно со волонтерите од Црвен крст, каде учествуваа на музичка работилница на која имаа можност да влезат во студио со голем број на камери, микрофони, звучници и да се запознаат со нивната функција. За време на оваа посета се направи и видео снимка од текот на работилницата кое се презентираше пред присутните во дневниот центар за време на одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 3.12.2023 година традиционално во организација на Хуманитарното здружение ВЕРИЦА се одржа настанот Радовишка етно софра, а собраните средства се наменети за корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП –  ПОРАКА во Радовиш, како и за двајца наши сограѓани кои треба да заминат на лекување во Турција. На овој настан учество зедоа и родителите на корисниците на дневниот центар со свои производи. На 4.12.2023 година, во просториите на дневниот центар, се одржа одбележувањето на 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост со присуство на поддржувачи и соработници на активностите на дневниот центар и ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш. Присутните ги поздрави претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш, г-ѓа Виолетка Србакова, која го истакна значењето на инклузивноста на лицата со попреченост во сите сфери на општественото живеење, но и важноста од поддршката на граѓаните, бизнис секторот и општината во тој процес на инклузија. За значењето на 3 декември и сите активности со кои се одбележа тековната година краток осврт даде Татјана Костадинова ангажирана во дневниот центар. Дел од корисниците на дневниот центар, заедно со ученици од СОУ „Коста Сусинов“ изведоа две сцени од претставата „Малата сирена“, како најава за оваа претстава која се подготвува и премиерно ќе биде изведена на почетокот на следната година. Во знак на благодарност до институции и поединци кои во текот на годината ја поддржаа работата на организацијата и дневниот центар, ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш додели Благодарници.

Покрај одбележувањето на 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, оваа година ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар одбележува јубилеј – 45 години од формирањето. Во периодот пред одбележувањето на овие датуми, ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар организираше конкурс за литературни и ликовни творби на кој учествуваа ученици од основните и средното училиште во општината. Централна манифестација која беше под покровителство на градоначалникот Најдовски и со поддршка на Советот на Општина Демир Хисар, се одржа на 24.11.2023 год., во просториите на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, а каде што воведно обраќање имаше претседателот  г-дин Љубе Димчевски кој, меѓу другото, истакна дека оваа година се одбележуваат три значајни настани, и тоа: 60 години од формирањето на РЦПЛИП – ПОРАКА, 45 години од формирањето на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и 31 година од прогласувањето на 3 декември, меѓународен ден на лицата со попреченост од страна на Обединетите нации. Градоначалникот на општина Демир Хисар пак истакна дека ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар е докажан чинител и носител на активностите со цел создавање на општество во кое сите лица со интелектуална попреченост и нивните семејства ќе имаат достоинствен живот.

ЦПЛИП – ПОРАКА Штип реализираше голем број активности кои ја следеа овогодинешната тема на ОН за одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 22.11.2023 година во просториите на СОУ „Димитар Мирасчиев“ се одржа инклузивна работилница на тема „Заедно до готов производ“ со учениците од ова училиште. На работилницата сите заедно изработуваа производи од текстил. Во соработка со ОО на Црвен крст во Штип на 24.11.2023 година се спроведе обука по прва помош за корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип. Тие имаа можност да се запознаат со активностите на Црвениот крст и имаа прилагодена презентација за основите на првата помош. Членовите на „Биди фит и активен“ заедно со корисниците на дневниот центар беа дел од работилницата на тема „Животни вештини“. Во текот на работилницата, учесниците имаа можност да усвојат знаења, вештини и да слушнат насоки за здраво живеење. На 28.11.2023 година корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип имаа можност да ја посетат болницата Д-р Органџиски во Штип. Тука корисниците имаа можност да слушнат за важноста од грижа за сопственото здравје, да добијат корисни совети за унапредување на личното здравје, но и да направат бесплатни лабораториски анализи. На 29.11.2023 година корисниците на дневниот центар беа во посета на кафе барот Версај, каде ги пречека и ги послужи нивниот другар, исто така корисник во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип. Тој целиот ден беше ангажиран во кафулето како келнер и бармен, кој покрај тоа што ги послужуваше гостите имаше можност и да поразговара со секој од нив. На покана од Градоначалникот на општина Штип, претставник на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип учествуваше на работна средба  на која со неколку институции и здруженија кои работат со лица со попреченост се разговараше за идни активности кои на овие лица ќе им овозможат подобро интегрирање и функционирање во секој аспект од животот. Исто така, им беа доделени и вредносни ваучери на присутните здруженија и институции. На 3.12.2023 година се одржа работна средба во Заедницата на инвалидски организации во Штип. На средбата присуствуваа и советник од секторот за еднакви можности и шефот на кабинетот на Градоначалникот на општина Штип, а се разговараше за проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост во секојдневното живеење. На 4.12.2023 година се одржа работилница во соработка со учениците и инклузивниот тим од ООУ „Гоце Делчев“ на тема „Заедно твориме, за подобра инклузија се бориме“ на која изработуваа разни ракотворби. На 6.12.2023 во просториите на ОО Црвен Крст – Штип се реализираше креативна работилница на која се изработуваа новогодишни честитки.

 За годишното одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп организираше низа активности кои беа спроведувани во неколку денови и се реализираа на различни места. На 30.11.2023 се спроведе посета на Меморијалниот музеј „11 Октомври” и Меморијалниот музеј „Кузман Јосифоски – Питу”. Посетата беше со цел корисниците да се запознаат со минатото и значајните историски моменти во градењето на македонската држава и градот Прилеп. Корисниците на дневниот центар имаа можност да ги посетат биохемиската лабораторија „Максим“ и стоматолошката ординација „Д -р Калцоски, каде слушнаа совети за унапредување и грижата за сопственото здравје, но и да направат биохемиска анализа и стоматолошки прегледи. На 4.12.2023 година, заедно со членките на Унија на жени на ОК ВМРО-ДПМНЕ, во просториите на дневниот центар се реализираше слаткарска работилница, но се играа и друштвени игри од натпреварувачки карактер. Преку различни сценски перформанси корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп зедоа учество во инклузивен настан под името „Инклузивна уметност”. Настанот се одржа на 6.12.2023 година во просторот на ресторанот „Алтан” и во истиот беа вклучени и корисници на дневниот центар „Ѕуница”, корисници на дневниот центар за лица со церебрална парализа, ученици СОУ „Мирче Ацев” – Прилеп и волонтери од Црвен крст. На 7.12.2023 година во соработка со здружението „Преродба”, во просториите на дневниот центар, се реализираше заедничка работилница со употреба на глина. На работилницата се изработуваше традиционален кујнски прибор. На 11.12.2023 година во соработка со СОУ „Ѓорче Петров“ се реализираше инклузивен настан – сликање на платно и редизајнирање на носена облека во автентична. Сликите и облеката ќе бидат изложени во ликовната галерија во Домот на културата „Марко Цепенков“ во почетокот на наредната година. Со цел запознавање со начинот на работа во фабрика и запознавање со целиот производствен процес, на 13.12.2023 година се реализираше посета на фабриката за производство на автомобилски делови „Акомпласт“ и „WIK“ , фабрика за производство на електрични апарати во домаќинството.

ЦПЛИП – ПОРАКА Битола согласно темата и програмата за одбележувањето на 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост ја реализираше театарската инклузивна претстава според драмата „Бегалка“, дело од Васил Иљоски, која беше поставена на отворена сцена во НУ Народен Театар Битола на 4.12.2023 година. Во реализацијата на истата, како актери аматери учествуваа 8 членови од ЦПЛИП – ПОРАКА Битола, од кои 4 имаа главни улоги, а останатите беа вклучени во споредни улоги и учествуваа со свој придонес во рамките на нивните можности. Одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост беше и можност за заеднички и инклузивен настан од повеќе чинители – институции, односно беа вклучени ученици и наставници од основни и средни училишта од Битола, а свој придонес дадоа и Народниот Театар во Битола, Асоцијација за Фолклор Плетенка – Битола, АФ Гоце Делчев- Битола.

ЦПЛИП – ПОРАКА Велес и оваа година активностите за одбележување на 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост ги креираше и реализираше во согласност со препораките и насоките од Обединетите нации за 2023 година. Започнувајќи од месец ноември 2023 година ЦПЛИП – ПОРАКА Велес и Балетското студио „Анабела“ од Велес потпишаа Меморандум за соработка, со кој се обезбедуваат можности за членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес да членуваат и присуствуваат на часови во балетското студио „Анабела“-Велес. Целта на овие часови беше да се создаде група која ќе се претстави со инклузивна точка на натпревар по танцување во категорија параденс. На 30.11.2023 година во дневниот центар за лица со попреченост се одржа креативна ликовна работилница. Темата на работилницата беше „Во пресрет на новогодишните празници“, а се работеше на керамички чинии со специјализирани маркери за керамика. Делата кои беа изработени, предвидено е да бидат изложени на новогодишниот базар, во организација на Општина Велес, кој ќе се случува последната недела од месец декември.

ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка со неколку активности го одбележа меѓународниот ден на лицата со попреченост. Во месец ноември беше реализиран конкурс за уметнички и литературни творби на темата: „Обединети во активностите за спасување и постигнување на целите  за одржлив развој за, со и од лицата со попреченост“, а на кој учествуваа основните училишта во Крива Паланка и Ранковце. На 1.12.2023 година во просториите на дневниот центар за лица со попреченост во Крива Паланка се одржа настан на кој се говореше за значењето на меѓународниот ден на лицата со попреченост, како и за активностите кои ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка ги реализираше во измината година. На настанот се доделија и наградите за најдобрите три уметнички и литературни творби.

ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица  оваа година го одбележа 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост со неколку активности. Првата од нив беше креативната гастрономска работилница, која се реализираше со СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица. На оваа работилница членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и ученици од угостителско-туристичката струка подготвуваа десерти. Втората акција беше организирана заедно со ООУ „Видео Подгорец“ – Струмица, преку фарбање на огради, клупи и стативи на надворешното игралиште на училиштето. Исто така, заедничка активност беше организирана и со претставници на пензионерскиот клуб од Струмица. Како дел од активностите, се реализираше и посета на кабинетот на Градоначалникот на Општина Струмица, г-н Костадин Костадинов. На посетата се разговараше за програмските активности и стратешките цели на организацијата, како и за текот на реализација на проектот „Пријателски места на лицата со попреченост“. Заради поголема промоција на идејата за трансформација и креирање на т.н. пријателски места на попреченоста во заедницата, беа организирани директни средби со претставници на компании, на кои се презентираа идејата, онлајн платформата и водичот за креирање на пристапни места. Воедно, во знак на поддршка и благодарност за долгогодишната соработка, рачно изработени рамки и благодарници беа подарени на оние чинители во општината кои изминатата година ја подржуваа работата на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. Следните плани-рани активности кои се дел од одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост се учеството со рачни изработки на базарите кои ќе се организираат по повод Новогодишните и Божиќните празници.

По повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица  организираше културно – забавен настан во просториите на Домот на културата во Општина Македонска Каменица. Настанот се спроведе во соработка со КУД  „Вера  Јоциќ“, СОУ „Миле Јаневски – Џингар“,  ООУ „Св. Кирил и Методиј“ именуван „Во мојот свет“, а членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица имаа можност да ги покажат своите уметнички таленти.

ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје реализираше низа активности за одбележување на 3 декември. На 30.11.2023 година се реализираше заедничка работилница со студенти од Факултетот за ликовна уметност на која корисниците на услугите од дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, населба Капиштец го насликаа предниот фасаден ѕид на дневниот центар. На 1.12.2023 година во рамките на постојаната програма на Град Скопје – Одделение за спорт и млади корисниците на услугите од дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, како и нивните родители, активно учествуваа во спортски активности кои се организираа во СГГУ „Здравко Цветковски“. На 2.12.2023 корисниците на услугите на дневните центри проследија филмска проекција во кино „Милениум“, при што беше дистрибуиран и информативен материјал. Информативен материјал се подели и во општинските згради на Општина Аеродром, Општина Ѓорче Петров и во ООУ „Ѓорѓија Пулески“ и ООУ „Љубен Лапе“ во Општина Аеродром. На 7.12.2023 се реализираше работилница со д-р Славица Ѓурчевска – Горјанска, стоматолог во ПЗУ ВИТА ДЕНТ – Скопје, со цел подигнување на свеста за орална хигиена и демонстрација на правилна техника на миење на заби. Во текот на декември корисниците на услугите на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје заедно со ученици со типичен и атипичен развој од училиштата на територијата на Општина Ѓорче Петров, а водени од Театар Пи ја подготвуваа театарската претстава –  лавиринт театар „Далеку од нас“ што се изведе на 14.12.2023 година. На 15.12.2023 година се реализираше заедничка кулинарска работилница со учениците од СУГС „Лазар Танев“. Оваа работилница, истовремено, беше одлична можност за презентирање на активностите во дневните центри пред учениците во училиштето. 

ЦПЛИП – ПОРАКА Виница  по повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост реализираше неколку активности. Корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница имаа креативно-едукативна работилница со корисниците на дневниот центар за лица со попреченост во Виница на која изработуваа најразлични декорации со новогодишна тематика. На 29.11.2023 година во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница се отвори изложба на изработки и цртежи во најразлични техники. Оваа изложба беше прва од ваков вид на која учество зедоа и корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница, а се претставија и членови на Здружението на телесните инвалиди Мобилност Виница и корисниците на дневниот центар за лица со попреченост во Виница. Во тек се и работилниците за изработка на новогодишни декорации кои ќе бидат изложени на предновогодишен базар во текот на месец декември. Во исто време во тек е и собирна акција на облека, обувки и постелнини кои ќе бидат донирани на корисниците на Специјалниот завод – Демир Капија.

 ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци реализираше неколку активности со цел одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост во согласност со темата дадена од ОН. Дел од членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци остварија средба со Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, на која говореа за проблемите и потребите на лицата со интелектуална попреченост кои произлегуваат од нивното секојдневие. Исто така, се разговараше и за отворање на нови социјални сервисни служби на локално ниво. Во соработка со Центарот за социјална работа се реализираше средба на која присутните се запознаа со новините во законската легислатива од областа на социјалната политика, и се презентираа и новите антикризни мерки кои ги засегаат лицата со попреченост. Средба се реализираше и со претставници на подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување на која се говореше за новините во областа на здравството и здравственото осигурување. Во просториите на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци се реализираше и креативна работилница на која лицата со интелектуална попреченост имаа можности да ги искажат своите уметнички способности. Во соработка со спортската сала „Партизан“ се реализираа спортско-рекреативни активности, на кои лицата со интелектуална попреченост имаа можност да ги покажат и своите вештини во спортот.

 ЦПЛИП – ПОРАКА Делчево, по повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост реализираше неколку активности, вклучувајќи ликовна работилница организирана од општина Делчево, заеднички музички и спортски активности во кои учествуваа лица со попреченост и ученици од основните училишта во Делчево, како и заедничко дружење во дневниот центар во Делчево.

Scroll to Top
Skip to content