Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА

Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА по повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост

По повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Виница одржа работна средба со локалните власти на која се разговараше за проблемите и потребите на лицата со интелектуална попреченост во општината, како и за активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница и социјалниот клуб. На 3 декември ЦПЛИП – ПОРАКА Виница, во Домот на културата, организираше настан во соработка со дневниот центар за лица со попреченост на кој присуствуваа претставници на локалната самоуправа, општинската библиотека, музејот на Општина Виница, младинската организација  на Црвениот крст во Виница и претставници на основните и средното училиште. Целта на настанот беше да презентираат можностите на лицата со попреченост и нивниот придонес во секојдневното живеење, а со тоа да се поттикне нивната инклузија во општеството. Во текот на ноември и декември се реализираа креативни работилници во социјалниот клуб заедно со ученици од ООУ „Гоце Делчев“ и активисти на младинската организација на Црвениот крст во Виница. На работилниците се работеше на изработки со различни мотиви кои беа наменети за новогодишниот базар.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Радовиш за одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост ја следеше темата предложена од Обединетите нации „Зајакнување на лидерството на лицата со попреченост за инклузивна и одржлива иднина“. Со цел да се вклучат лицата со интелектуална попреченост во сите сфери на социјалниот и културниот живот активностите по повод одбележување на овој ден беа насочени кон ова поле на локално ниво. ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш во соработка со основните училишта распиша отворен повик за учество на ликовен конкурс со мотиви кои се поврзани со инклузијата на лицата со попреченост. Цртежите кои пристигнаа се рангираа од прво до трето место заедно со наставниците по ликовно образование. Корисниците на дневниот центар имаа можност да ја посетат винарницата Кукутанов и да се запознаат со целиот процес на производство на познатите вина Шардоне, уникатно Розе вино и Мерлот од грозје на радовишкото поднебје. Ги видоа и големите дрвени бочви каде се чува виното, местото каде се флашира и се пакува за дистрибуција во нашата земја и пошироко. На корисниците им беше подарен маџун или гроздов сируп кој е познат по неговата примена за подобрување на имунитетот.  Во соработка со ученици од СОУ „Коста Сусинов“ се реализираа работилници за изведба на традиционални детски игри. На работилниците корисниците заедно со учениците имаа можност да научат три традиционални игри кои ги играле нивните родители во детството, а веќе се подзаборавени. На 3-ти декември во просториите на дневниот центар се одржа средба со поддржувачи и соработници на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш. За време на настанот се презентираа активностите кои се реализираа во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш во изминатата година, како и реализираните соработки со низа чинители на локално ниво. Во продолжение на настанот се прогласија и најуспешните дела од распишаниот ликовен конкурс за ученици од основните училишта, а корисниците на дневниот центар имаа можност да ги изведат традиционалните детски игри заедно со ученици од СОУ „Коста Сусинов“. Во знак на благодарност, ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш додели благодарници на организации и поединци кои изминатата година дадоа поддршка за функционирањето на дневниот центар и реализацијата на голем број активности. FLEXCREDIT од Радовиш, донираше Орбитрек фитнес справа за подобрување на физичката кондиција на корисниците на дневниот центар.

Во рамки на одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје реализираше низа активности. Дел од нив беа спроведени во соработка во основните и средните училишта. На 28-ми ноември во просториите на дневниот центар на РЦПЛИП -ПОРАКА во Скопје – Аеродром се одржа активности со ученици од деветто одделение од ООУ „Љубен Лапе“. Преку работилниците за изработка на ароматични свеќи, моделирање со глина, изработка на новогодишни декорации и преку практичните активности во кујна, учениците имаа можност поблиску да се запознаат со можностите и потенцијалните на своите домаќини. На 3-ти декември се одржа работилница со ученици од ООУ „Киро Глигоров“ во просториите на дневниот центар во населба Капиштец. Во периодот од 4-ти до 11-ти декември беше претставена изложба на фотографии направени од Розалинда Трајкоска. Изложбата беше поставена во галеријата „Драгутин Аврамовски – Гуте“ на Факултетот за ликовни уметности, УКИМ во Скопје во објектот Сули ан. Преку фотографиите беше прикажано градинарењето на корисниците на двата дневни центри во Зелената Арка – Бостание. Авторката со фотографиите на уметничко-документарен начин ја преточи во една приказна идејата и визијата на овој општествено одговорен и инклузивен проект насловен „Од градина до трпеза“. Во рамките на постојаната програма на Град Скопје – Одделение за спорт и млади, корисниците на двата дневни центри како и нивните родители активно учествуваат во спортски активности кои се организираат во СГГУГС „Здравко Цветковски“. Спортските активности се одржаа и на 3-ти и на 6-ти декември, но овој пат и со ученици од училиштето. На 6-ти декември се реализираше работилница во просториите на центарот за релаксација и радување Relax Kids во Капиштец, на која учествуваа корисниците од двата дневни центри. На 10-ти декември во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров се одржа мултимедијален перформанс на корисниците на услугите на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје заедно со ученици со типичен и атипичен развој од училиштата на територијата на Општина Ѓорче Петров, Перформансот е подготвен од страна на Центарот за изведувачки уметности и едукација Театар Пи, а негови компоненти беа поезија и видео мапинг, театарска претстава и музички концерт. На 13-ти декември се спроведе работилница со студенти од Факултетот за ликовна уметност – отсек ликовна педагогија. Истата претставува продолжение на веќе започнатата програма за заедничка изработка на мозаик помеѓу корисниците од двата дневни центри и студентите од овој факултет. Работилниците се реализираат во просториите на Факултетот на локацијата Сули ан во Скопје.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Гевгелија по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост заедно со останатите здруженија на инвалидски организации организираа акција за пошумување. Но, поради лошите временски услови се решија на неколку предвидени места во центарот на Гевгелија да посадат цвеќиња. На 5-ти декември во просториите на социјалниот клуб се одржа јавна дебата за унапредување на правата на лицата со интелектуална попреченост. На дебатата учествуваа претставници на локалните институции, родители на лица со интелектуална попреченост и пратеничката во Собранието на РСМ, Ангелина Петкова која воедно е и член на Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.  На средбата се потенцираа најгорливите проблеми со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните родители во секојдневното живеење.

Во согласност со темата на овогодинешното одбележување на 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Штип и дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип реализираа низа активности како можност за вклучување во заедницата и зајакнување на способноста и личниот потенцијал на лицата со интелектуална попреченост. Во соработка со Центарот за социјална работа, корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип, учениците од ДСУ за образование и рехабилитација „Искра“ – Штип, дневен центар за лица со интелектуална или телесна попреченост – Штип, Центарот за поддршка на учењето, ООУ „Ванчо Прке“, посебните одделенија при ООУ „Ванчо Прке“, Центар за аутизам и СОУ „Димитар Мирасчиев“ одржаа работилница на 21-ноември во СОУ „Димитар Мирасчиев“ насловена како „Заедно до иста цел“. Учесниците на  работилницата изработуваа брошови кои е планирано да се делат помеѓу граѓаните на општина Штип на 3 декември со цел подигнување на јавната свест. Корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип заедно со учениците при ДСУ за образование и рехабилитација „Искра“ на 26-ти ноември имаа фитнес тренинг и спортско рекреативни игри во фитнес центарот B.fit со поддршка од фитнес тренери. Тренерите ги прилагодија вежбите и игрите согласно можностите на учесниците во овие активности. Секој од нив имаше можност да биде во улога на тренер и да презентира вежба која ја практикува во дневниот центар, училиштето или во домот. За време на спортско рекреативните игри, учесниците го истакнаа својот натпреварувачки дух. На крајот од оваа активност, тренерите ги поканија учесниците бесплатно да се вклучат во попладневните групни тренинзи согласно предвидените термини. На 28-ми ноември ученици и професори од насоката физиотерапевти при СОУ „Јане Сандански“ беа во посета на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип. Учениците, со поддршка од професорите, извршија процена на моторните способности за рамнотежа, координација, мускулна сила и флексибилноста кај корисниците. Во текот на посетата се спроведоа и различни физиотерапевтски техники преку вежби за истегнување и јакнење на мускулите, вежби за баланс и координација и релаксирачки вежби, при што беа дадени и препораки за вежби кои можат да се изведуваат со поддршка на едукаторите и семејството. На 2-ри декември се реализираше работилница со потенцијални негуватели на лица со попреченост, обука која се проведува од Агенцијата за вработување на РСМ. Потенцијалните негуватели имаа директна интеракција со корисниците на дневниот центар, и преку разговор ги дефинираа потребите и правата на лицата, а подоцна заеднички изработија и флаери на кои ги напишаа правата на лицата со попреченост. На 3-ти декември, корисниците на дневниот центар, заедно со учениците при ООУ „Ванчо Прке“ и СОУ „Димитар Мирасчиев“ делеа брошови и флаери помеѓу граѓаните на општина Штип во централното градско подрачје со цел подигнување на јавната свест за потребите и правата на лицата со попреченост. На 3-ти декември, Центарот за социјална работа и Општина Штип организираа спортско рекреативен настан, на кој покрај другите, учество зедоа и корисниците на дневниот центар. Спортскиот настан се одржа во салата „Јордан Мијалков“, а учесниците на спортските активности беа поддржани од професори по физичко образование. На 5-ти декември, прим. д-р Мери Шорова, трансфузиолог, го посети дневниот центар и заедно со корисниците разговараа за здравата исхрана и начинот на кој здравата исхрана влијае врз целокупната здравствена состојба на луѓето. Исто така, се разговараше и за важноста од одржувањето на личната хигиена и нејзиното влијание врз подобрувањето на квалитетот на живот.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Прилеп реализираше низа активности по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост. Првата од нив беше реализирана на 29-ти ноември. Корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп имаа едукативна посета на „Музеј на икони“ во Прилеп. За време на посетата корисниците имаа можност да ги разгледаат иконите и фреските кои се наоѓале во црквите и манастирите во Прилеп и прилепско, а кои датираат уште од пред неколку века. Исто така, имаа можност да слушнат различни митови, легенди и житија за светците насликани на иконите. На  2-ри декември корисниците на дневниот центар го посетија народниот театар ,,Војдан Чернодрински”. Тие имаа можност да видат и да почувствуваат како е да е биде на другата страна од сцената т.е. за прв пат да не бидат во улога на публика туку да стапнат на театарската сцена. Ги посетија просториите за подготовка на актерите, просториите каде што се чуваат сценографијата и костимите како и работилницата која ги изработува реквизитите. Самото стапнување на сцена предизвика разни позитивни емоции кај корисниците, а целиот процес беше придружен и поддржан од тимот на вработени во театарот. Корисниците имаа можност да запознаат некои од актерите и да поразговараат со нив. На 3-ти декември, корисниците на дневниот центар присуствуваа на настан организиран од општина Прилеп и Општинското инклузивно тело – Прилеп. Корисниците имаа чест да го отворат настанот со Химната на нашата држава која беше проследена со стоечки овации од страна на публиката. Васе Матевска, корисник на дневниот центар, ја изрецитира нејзината лично напишана творба со наслов „3ти Декември“, а Христијан Стојкоски, исто така корисник на дневниот центар, на гитара ги пратеше и двете изведби.  На настанот присуствуваше и Градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој истакна дека и во иднина тој и општина Прилеп ќе ја поддржуваат работата на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп, како важна социјална сервисна служба за лица со интелектуална попреченост во општината. Корисниците на дневниот центар како и секоја година традиционално ја посетија стоматолошката ординација „Dental House Kalcoski“ и го направија својот рутински систематски преглед. Исто така, имаа можност да слушнат за важноста од денталната хигиена, а добија и подарок, четка и паста за заби. Во посета на дневниот центар беа претставници на „Интеракт клуб“ и „Ротари клуб“ кои донираа магнетна табла, ламинатор за пластифицирање и материјали за работа. На 5-ти декември корисниците на дневниот центар го посетија фризерскиот салон во СОУ „Ѓорче Петров“ кој е под менторство на професорката Стојне Христоска. За време на посетата корисниците имаа можност да се запознаат со најразлични фризерски техники, но и по желба секому да се направи нова фризура. На иницијатива на „Интеракт клуб“ Прилеп за корисниците на сите дневни центри кои функционираат во Прилеп се организираше инклузивен настан, на кој присуствуваа и ученици од СОУ „Мирче Ацев“. На настанот, покрај другите, и корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп имаа можност да ги покажат своите уметнички способности. На 10-ти декември, во просториите на дневниот центар, се реализираше работилница со претставници на Здружението за социјална и хуманитарна акција „Преродба“. Работилницата беше наменета за стекнување практични вештини, т.е. се подготвуваа солени кифли. Корисниците беа вклучени во целиот процес, а на крај се разбра, сите заедно пробаа од она што го подготвиле. На 11-ти декември се реализираше едукативна работилница „Јас сум јас можам“ во соработка со ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ на која се изработуваа новогодишни честитки од најразлични материјали. На 13-ти декември корисниците на дневниот центар ја посетија биохемиската лабораторија „Максим“. Тие имаа можност да направат проверка на својата крвна слика, но и да видат најразлични видови на лабораториски апарати, и да го проследат процесот на изработка на резултатите.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Демир Хисар одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост го започна во октомври со распишување на конкурс за ликовни и литературни творби за учениците во основното училиште. На 31-ви октомври се одржа работилница на тема: „Остварување на правата“ од областа на здравствената заштита и осигурување, вработувањето и социјалната заштита. На работилницата учествуваа претставници од институциите на локално ниво кои ги презентираа нивните активности и новините во законската регулатива, а останатите присутни имаа можност да поставуваат прашања и да разговараат за нивните потреби и потешкотии на кои наидуваат при остварувањето на овие права. На 3-ти декември, во Клубот на пензионери, се одржа трибина на која присуствуваа Градоначалникот на општина Демир Хисар, претставници на локалната самоуправа и локалните институции, основните и средното училиште, здруженија на граѓани. На трибината се разговараше за правата, потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во секојдневното живеење. Градоначалникот ја потврди својата и поддршката на општината, но вети и поголем ангажман и напори во креирањето на сеопфатни мерки и активности за инклузија на лицата со попреченост во сите сфери на живеењето. На крајот од трибината се прогласија и најдобрите литературни и ликовни творби, и се доделија благодарници на соработниците на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Велес, следејќи ја темата на Обединетите нации „Зајакнување на лидерството на лицата со попреченост за инклузивна и одржлива иднина“, по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост, организираше панел дискусија, насловена: „Инклузивно општество – што постигнавме и кои се следните предизвици“, која се одржа на 4-ти декември во Европска куќа – Велес. Целта на панел дискусијата беше чинителите од разни области кои делуваат во областа на попреченоста да ги споделат искуствата од инклузијата на лицата со попреченост на ниво на општина Велес, дали истата е во сооднос со начелата од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и Националната стратегија за правата на лицата со попреченост на Р.С.Македонија и кои се следните предизвици кои треба да се надминат во креирањето на успешно инклузивно општество за сите. На панел дискусијата учествуваа претставници од локалната самоуправа, стручни соработници, наставници и ученици од основните и средните училишта, претставници од невладиниот сектор, родители и членови на семејства на лица со попреченост. Панелистите говореа за сето она што досега е постигнато, но и за системските промени кои е неопходно да се случат во иднина, а се однесуваат на законски регулативи, нормативи за работа на стручните лица во градинките и основните училишта, воведување на промени во законот за средно образование со цел обезбедување образовни асистенти. Она што како заклучок излезе и по дискусиите на присутните, е дека во изминатиот период нашата држава има направено многу позитивни промени за лицата со попреченост како системски одговор кон нивните потреби, но уште многу треба да се направи во насока на унапредување на нивниот квалитет на живот, нивната положба во општеството и нивните права кои треба да ги уживаат на еднаква основа со другите, во заедница и општество во кое не постојат бариери, туку поддршка, разбирање, недискриминација, еднаквост и вклученост.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Битола по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост реализираше активности во социјалниот клуб, како и надвор од него, со вклучување на лица со интелектуална попреченост и чинители од општина Битола. Согласно темата на 3 декември, ЦПЛИП – ПОРАКА Битола организираше инклузивен рецитал „Мостови на другарство – за општество без предрасуди“ кој се одржа на 5-ти декември во НУ Завод и музеј – Битола, во соработка со ученици од основните и средните училишта во општина Битола. На рециталот се рецитираа песни од македонски поети. Осум корисници од социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола самостојно ги рецитираа „Тутуноберачите“, „Ленка“, Печал“, „Го барам својот глас“. Заедно со ученици од СОУ „Јосип Броз Тито“, ООУ “Коле Канински“ и ООУ „Тодор Ангелески“ ги рецитираа „Везилка“, „Т’га ја југ“, „Денови“, „Сите сме еднакви“. Лицата со интелектуална попреченост на настанот покажаа дека сакаат и можат активно да бидат вклучени во културниот живот во заедницата. Рециталот беше музички придружуван од ученици од Државното музичко училиште – Битола. Исто така, за време на настанот дел од учениците од ООУ „Ѓорги Сугаре“ и ОУРЦ „Кочо Рацин“ – Битола твореа ликовни творби на темата „Мостови на другарство – за општество без предрасуди“.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Кавадарци реализира различни активности по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост. Претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци имаа средба со претставници на локалната самоуправа на која беа изнесени проблемите на кои наидуваат лицата со интелектуална попреченост во областите од нивното опкружување. Исто така, се разговараше и за потребата од отворање на нови сервисни служби во локалната заедница. Во просториите на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци се реализираше работилница на која, корисниците ги искажаа своите уметнички способности. Во соработка со Црвениот крст во Кавадарци се одржа работилница на која присутните имаа можност да се запознаат со значењето на организацијата на Црвениот крст и активностите кои ги презема во локалната заедница. Исто така, се разговараше и за начините за пружање прва помош на други лица, но и себеси. Се говореше и за службите за брза помош, полицијата, противпожарната служба, начините на кои тие треба да се повикаат и во кои случаи треба да се повикаат. Под покровителство на локалната самоуправа, а во соработка со спортски клубови во Кавадарци се одржа спортски настан во спортската сала „Партизан“. Учесници беа лица со попреченост и кошаркари од Кошаркарскиот клуб „Тиквеш“, кои се натпреваруваа во мал фудбал, гол бал, кошарка. Исто така, се воспоставија контакти со локални институции,  културни центри и граѓански организации при што се разговараше за потребите на лица со интелектуална попреченост и нивно активно учество во заедницата.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Струмица организираше низа активности за одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост. Се реализираа онлајн активности, интеракција со општата јавност преку социјалните медиуми, како и учество на заеднички акции со други граѓански организации и институции. Целта на овие активности беше да се поттикне свеста и разбирањето во заедницата за важноста од вклученоста, еднаквоста и поддршката за лицата со попреченост. Во соработка со СОУУД „Димитар Влахов“ на 26-ти ноември се реализираше креативно-гастрономска работилница. Ученици од туристичко-угостителската струка беа во посета на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица и заедно со корисниците подготвуваа разновидни колачи и овошни коктели. Оваа активност ја поттикна тимската работа, а воедно на средношколците им даде можност да се запознаат со лицата со интелектуална попреченост. На 16-ти декември корисниците на социјалниот клуб го посетија реномираното музичко училиште АВИСТА предводено од Васко Пиличев каде имаа можност за уметнички и културен ангажман, засилувајќи ја идејата дека музиката е универзален јазик кој ги обединува луѓето од сите способности. Во партнерство со невладината организација НОВУС, ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица на 21-ви декември учествуваше на заеднички базар „Новогодишна изложба“ во Домот на културата „Антон Панов“, на кој беа изложени ракотворби создадени од корисниците на социјалниот клуб. Овој настан им овозможи на лицата до интелектуална попреченост да ги истакнат своите уметнички таленти, давајќи им платформа да ја споделат својата работа со пошироката заедница. Настанот беше дел од иницијативата „Girls-led youth community actions“ што ја спроведува Центар за истражување и анализи НОВУС. Во посета на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица беа претставници на Унија на жени на политичките партии на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ. Овие посети го нагласуваат значењето на одржливата соработка за подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост, како и поттикнување на континуирана поддршка и застапување на ниво на локалната самоуправа.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Крива Паланка ги реализираше своите активности за одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост согласно темата „Зајакнување на лидерството на лицата со попреченост за инклузивна и одржлива иднина“. Во текот на ноември се реализираа ликовни и литературни конкурси во основните училишта во општините Крива Паланка и Ранковце. На 2-ри декември во просториите на дневниот центар во Крива Паланка се одржа настан на кој се одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На настанот присуствуваа Градоначалникот на општина Крива Паланка, претставници од основните училишта и соработници на ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка, а се говореше за потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост во секојдневието, како и за  активностите кои ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка во континуитет ги презема за унапредување на нивната состојба. На крајот од настанот се прогласија и наградените ученици од литературно-ликовниот конкурс.

Scroll to Top
Skip to content