ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица реализираше низа активности по повод одбележувањето на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Тргнувајќи од идејата за промоцијата на почитување на правата на лицата со попреченост на сите нивоа во образовниот систем, вклучувајќи ги децата од најрана возраст, членови на организацијата ги презентираа боенките изработени во изминатиот период, а во рамки на проектот „Моја – твоја – наша боја!”. Презентациите беа направени во четирите општински основни училишта во Струмица пред учениците од прво одделение, преку креативни работилници. Членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, со поддршка на стручниот тим и наставниците во училиштата, беа ментори на учениците и им помагаа од точка до точка да ги креираат цртежите, а потоа и да ги обојат. Учеа и за животните, овошјето, зимата и летото, кои како теми се обработени во боенките. Под мотото „МОЈА – ТВОЈА – НАША БОЈА!”, ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица на 3.12.2019 во Дом на АРМ – Струмица, ја организираше главната манифестација по повод одбележување на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На манифестацијата беа претставени боенките и рачните изработки со новогодишни мотиви, кои членовите ги изработуваа во текот на втората половина од годината. Присутните гости на манифестацијата, за симболична сума, ги купуваа боенките, ракотворбите и украсите, а парите собрани од продажбата на креациите ќе бидат искористени за опремување на социјалниот клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица со потребните материјали за натамошна работа. На манифестацијата, ученици од општинските основни училишта се претставија со рецитали/мини драми за еднаквоста на децата, во кои вклучени беа и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, односно и лица со интелектуална попреченост, со што се пренесе порака за еднаквост, заедништво и потребата од поголема инклузија во сите пори на општеството. Програмата заврши со цитирање на некои од правата предвидени во Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, право на образование, право на работа, здравство, социјална заштита и сл., кои како пароли ги кажаа нашите членови, а учениците, рака за рака со нив, дадоа краток осврт на тие права и потребата од нивно почитување од сите. Се даде и краток осврт за значењето на 3 декември и правата на лицата со попреченост, како и за главната цел на реализација на програмските активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и значењето на социјализацијата и инклузијата на лицата со попреченост во општеството. На настанот присуствуваа членови на Советот на општина Струмица, директори, дефектолози, психолози, социјални работници и логопеди во сите основни и средни училишта од општина Струмица, ученици, нивни родители, пријатели, соработници, поддржувачи, претставници на младински организации, невладини организации и други организации и институции.
ЦПЛИП – ПОРАКА Виница во текот на месец ноември организираше работилници за рачни изработки на новогодишни честитки и украси заедно со посебната паралелка од ООУ „Кочо Рацин” од с. Блатец. Работилниците се одржуваа во социјалниот клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница. На 2.12.2019 година, претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница остварија средба со директорот на центарот за социјална работа, Борјанка Стоименова на која посочивме дека е неопходно да направиме истражување и анкети со семејствата на лицата со интелектуална попреченост потенцијални корисници на социјалниот клуб од руралните средини. На 4 декември, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, како и одбележување на половина година од отворањето на социјалниот клуб, се организираше продажна изложба на изработки од претходно реализираните работилници во просториите на организацијата. На овој настан присуствуваа претставници на РЦПЛИП – ПОРАКА, претставници на локалната самоуправа, центар за социјална работа, корисниците на Дневен Центар Виница, претставници на бизнис секторот, претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип, сограѓани и претставници на институциите од општината. Во насока на достојно искажување благодарност за поддршката од институциите и бизнис секторот беа врачени и плакети и благодарници за сите кои помогнаа да се стартува со опремување и функционирање на овој клуб. На 12.12.2019 година ЦПЛИП – ПОРАКА Виница оствари работна средба со Градоначалникот на Општина Виница, Ивица Димитров, на која беа изнесени потребите на организацијата и сервисната служба и беа презентирани плановите и програмата на организацијата за 2020 година. На 12.12.2019 година се одржа работилница со членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица, посебната паралелка и членовите на социјалниот клуб во просториите на ЦПЛИП ПОРАКА Виница.
ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш со свои активности на локално ниво го одбележа 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост. Активностите ги следеа насоките и овогодинешната тема „Промовирање на учеството на лицата со попреченост и нивното лидерство: преземање акции поврзани со 2030 Агендата за развој”. На локално ниво, ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш се обиде да ја зајакне општествената слика за лицата со попреченост ставајќи акцент на способностите и можностите на лицата со попреченост, а не на нивната попреченост. На 2.12.2019 година корисниците на дневниот центар беа на инклузивен час по музичко образование во ООУ „Крсте Петков Мисирков”. Заедно со учениците, преку песна ги покажаа своите способности и можности за музичко изразување и дека преку музика и песни сите се еднакви во споделување на среќа и позитивна енергија. Исто така, корисниците на дневниот центар се запознаа со најразновидни музички инструменти што учениците ги користат за вежби во музичкото образование. На 3.12.2019, во просториите на дневниот центар, ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш го одбележа меѓународниот ден на лицата со попреченост. Поканети беа градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, градоначалникот на општина Конче, Благој Илиев, претставници на Советот на општина Радовиш, на фирми од приватниот сектор, претставници на јавните институции: центар за социјална работа, агенција за вработување, завод за пензиско и инвалидско осигурување, здравствен дом, детски градинки, основни и средното училиште, како и претставници на невладини организации, родители на лица со попреченост, и локалните медиуми. Настанот започна со музички нумери на хорот при ООУ „Крсте Петков Мисирков”, а потоа следеше обраќањето на претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш, Виолетка Србакова. Краток осврт за значењето на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, правата, потребите и можностите на лицата со попреченост, нивна интеграција во општествениот живот даде Татјана Костадинова, ангажирана во дневниот центар – ПОРАКА Радовиш. Во знак на благодарност за финансико-материјална поддршка на функционирањето на дневниот центар, ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш додели благодарници до институции и поединци. ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш организираше и постави изложба на ракотворби од корисниците на дневниот центар, кои за симболични суми се продаваа. Собраните средства наменски ќе се искористат за купување на работни материјали потребни за реализација на работно-окупационите активности во дневниот центар – ПОРАКА Радовиш. На 6.12.2019 корисниците на дневниот центар ја посетија печатницата СОНИ каде се запознаа со начинот на печатење на разни канцелариски материјали, изработка на визит картички, роденденски покани, а исто така, за нив ќе им испечатат новогодишни календари и шолји со нивните слики. На 8.12.2019, во организација на Вешта жена „Верица” се организираше „Радовишка Етно софра”, по повод 3 декември, со богата музичка програма, а беше од хуманитарен карактер. Се лицитираше на солени и благи приготвени од членовите на ОЖ „Верица” од Радовиш и Струмица, а собраните средства беа наменети за корисниците на дневниот центар – ПОРАКА Радовиш, за лекување на едно дете и едно социјално загрозено семејство до с.Подареш.
ЦПЛИП – ПОРАКА Битола, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 Декември, реализираше неколку настани, согласно предвидената програма. Гостувањето на отсекот за Превенција на полицијата при СВР Битола, на покана од ЦПЛИП – ПОРАКА Битола и работилница, односно предавање за „Сообраќајна култура-движење во сообраќај и сообраќајни правила” се одржа на 27.11.2019 година во просториите на социјалниот клуб – ПОРАКА Битола. На инклузивната работилница присуствуваа и учениците од 5 одделение при ООУ „Тодор Ангелески” од Битола. Корисниците заедно со учениците и полицијата соработуваа и учествуваа во работилницата, поставувајќи прашања, со што покажаа голем интерес, дисциплина и познавање на мал дел од сообраќајната култура. На 29.11.2019 година се одржа заедничката инклузивна работилница на корисниците од социјалниот клуб – ПОРАКА Битола со ученици од ООУ „Тодор Ангелевски” од Битола, при што се изработија флаери и пораки кои беа поделени за време на настанот „Нацртај љубов”, а по завршувањето на истиот флаерите се делеа и низ Широк Сокак. На 3.12.2019 година се реализираше главниот настан „Нацртај љубов” кој се одржа во „Арт Галерија Магаза” – плоштад Магнолија од 13 – 16 часот. Учесници и поддржувачи на самиот настан и инклузивната работилница беа ООУ „Тодор Ангелевски”, ООУ „Климент Охридски” и ЗРДОС „Кочо Рацин” од Битола. Пренесувајќи порака за недискриминација, другарство, соживот, љубов, почитување на различностите, а притоа со покажување на можностите на лицата со интелектуална попреченост ЦПЛИП – ПОРАКА Битола го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Беше поставена изложба на ликовни творби, изработени ракотворби од лицата со интелектуална попреченост членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола, со акцент на познатите тетоважи од Васко Војновски. Со цел подобро вклучување во сите сегменти од општественото живеење, но и како еден од начините за надминување на предрасудите и стереотипите во заедницата, споделувајќи ги ракотворби, ЦПЛИП – ПОРАКА Битола покажа дел од можностите, талентите и потенцијалите на лицата со интелектуална попреченост пред многубројните гости и посетители на изложбата и работилницата. На музичкиот перформанс настапија корисниците на социјалниот клуб – ПОРАКА Битола, а потоа заеднички настапија и со учениците од ООУ „Тодор Ангелевски. Настап имаа и членовите од „Анастасија центар”, училиште за сценски уметности и музички настапи. По завршувањето на инклузивната работилница на сите оние кои во текот на 2019 година го поддржуваа Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Битола, им беа врачени благодарници, а пишуваните пораки и дел од ликовните творби беа разделени низ Широк Сокак. ЦПЛИП – ПОРАКА Битола во соработка со Црвен Крст – Битола и Завод за трансфузиологија – Битола по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост на 6.12.2019 година ја организираа третата по ред традиционална крводарителска акција, во просториите на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола. На акцијата како крводарители присуствуваа дел од вработените на Општина Битола, СВР Битола, како и волонтери од ЦПЛИП – ПОРАКА Битола.
ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци за одбележување на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, реализираше посета на локалниот медиум КТВ Кавадарци, при што лицата со интелектуална попреченост имаа можност директно да се запознаат со функционирањето на една телевизиска куќа и начините на презентирање на вестите пред јавноста. На 5.12.2019 се одржа трибина со ученици од повисоките одделенија од ООУ „Тоде Хаџитефов” на која говореа Марија Шандарова, дефектолог во училиштето и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци. На трибината се говореше за теми од областа на попреченоста и човековите права. На 6.12.2019 во просториите на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци се реализираше работилница со лицата со интелектуална попреченост на која се изработуваа различни предмети од глина.
ЦПЛИП – ПОРАКА Делчево се приклучи во кампањата „Денови на хуманоста – дарувај со љубов” која општина Делчево ја организира по втор пат по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Во рамките на оваа кампања беа организирани низа активности. На 2.12.2019 година, во кино салата во Делчево, се реализираше музичкиот концерт „Музиката од светот”, во изведба на Дејан Горгиевски и Елена Трајкова, каде гости беа и членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Делчево. На 3.12.2019 година во просториите на дневниот центар беше отворена сензорна соба, а во вечерните часови, во кино салата се прикажа филмот Врба на Милчо Манчевски.
ЦПИЛП – ПОРАКА Демир Хисар во соработка со СОУ „Крсте П. Мисирков” од Демир Хисар, а под покровителство на градоначалникот на општината Марјанче Стојановски, на 02.12.2019 година свечено одбележаа два датуми, 41 година од формирањето и делувањето на 26.11.1978 година и одбележувањето на 3 декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост. За 41 годишно делување зборуваше Љубе Димчевски, претседател на организацијата кој се осврна на активностите што ги реализираше ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар во годината што измина. Во своето обраќање градоначалникот Марјанче Стојановски пред присутните ги искажа своите заложби за подобрување на условите на интеграција во општеството на лицата со интелектуална попреченост. Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост беше распишан конкурс на тема „Надежта живот значи”. Пристигнатите творби и цртежи беа разгледани од посебни комисии кои ги прогласија наградените. На учениците им беа врачени дипломи за освоено место и пригодни награди во книги и школски прибор обезбедени од ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и познати демирхисарски писатели и поети. Благодарници за учество на конкурсот за ликовни и литературни творби им беа доделени на наставници и професори кои работеа со наградените ученици. За успешна работа и поддршка на активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар во 2019 година беа врачени благодарници на поединци и институции, како од јавниот, така и од приватниот сектор. На 3 декември ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар ги отвори вратите на социјалниот клуб кој беше посетен од претставници на локалната самоуправа, установи, организации, институции, здруженија на граѓани кои беа засегнати со работата на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и значењето 3-ти декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост.
ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје следејќи ги препораките од Обединетите Нации кои за овогодишното одбележување на 3 декември, Меѓународниот ден на лица со попреченост, ја препорача темата „Промовирање на учество лицата со попреченост и нивно лидерство: преземање акции поврзани со 2030 Агендата за развој” реализираше низа активности. На 29.11.2019 година членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје зедоа учество на настанот „Игри без маска”, театар без дискриминација, кој се одвиваше во Македонскиот Народен Театар. На 3.12.2019 година беше проследен концертот на народни песна и ора организиран од Здружението на лица со телесен инвалидитет и КУД „Билјана” при НССРМ, во Домот на АРМ. На 4.12.2019 година се спроведе заедничка работилница со активистите на граѓанското здружение за морални и духовни вредности „Изгрев” и корисниците на услугите на дневните центри на ПОРАКА Скопје. Тема на истата беше „Исти права за сите лица”. Во периодот од 2.12 – 7.12.2019 година беа реализирани неколку спортски содржини во кои учествуваа корисниците на дневните центри на ПОРАКА во Скопје и тоа: спортување во спортската сала при ООУ „Љубен Лапе”, заедно со учениците од истото училиште; спортување во СУГС „Здравко Цветковски”, активност која беше овозможена од Одделението за спорт на Град Скопје, и рекреативно пливање во базенот при ВИП Арена, активност овозможена и поддржана од Ротари клуб Скопје и ПК „Вардар 8”. Во текот на месец декември 2019 година се интензивираа подготовките за прикажувањето на краткиот театарско музички перформанс „Конекции” подготвен и режиран од страна на актери од Театар Пи, а изведуван од страна на корисниците на услугите на дневните центри – ПОРАКА Скопје. Премиерата на театарско музичкиот перформанс беше одиграна на 19.12.2019 година во Домот на културата „Кочо Рацин” во Скопје.
ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица го одбележа 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, со настан којшто се одржа во Домот на културата во Македонска Каменица, а беше организиран во соработка со основците и гимназијалците од училиштата во Македонска Каменица. Целта беше да се испрати порака за еднаквост и инклузија на лицата со интелектуална попреченост во општеството. Присутни беа претставници од сите институции при Општина Македонска Каменица, претставници од приватниот сектор, спортисти и луѓе од различни сфери од општественото живеење. На настанот со свои точки се претставија корисниците на социјалниот клуб – ПОРАКА Македонска Каменица. За време на настанот ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица додели благодарници на луѓето кои ја дадоа својата поддршка за реализирање на програмските активности на организацијата во текот на 2019 година.
ЦПЛИП – ПОРАКА Велес активно се вклучи во одбележувањето на 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 2.12.2019 претседателката на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес беше гостинка во утринската програма на локалното радио „5-фм” и говореше за значењето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, начинот на одбележување , препораките од ООН итн. Во текот на разговорот се спомна и за Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, за значењето на овој стратешки документ и за степенот на имплементацијата до кој е стигната нашата држава. Притоа имаше неколку јавувања во живо со прашања и коментари од слушателите. Истиот ден, се оствари посета на дневниот центар за лица со попреченост во Велес, каде им се подели промотивен материјал изготвен од РЦПЛИП – ПОРАКА, брошурата „Разбивање предрасуди –самостојно живеење” и лесно читлива верзија на „Меѓународниот договор за правата на лицата со попреченост”. На 3.12.2019 во ПОУ „Маца Овчарова”- Велес се одвиваше Традиционална ликовна работилница, во која учествуваа и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес, а по избор на комисијата, беа одбрани 12 цртежи кои се ставени на промотивни календари за 2020 година.
ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп, спроведе неколку активности за да го одбележи Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 28.11.2019, во просториите на дневниот центар, се реализираше работилница за изработка на накит со ученици од СОУ „Ѓорче Петров”. На 2.12.2019 корисниците на дневниот центар беа во посета на СОУ „Ѓорче Петров”. За време на посетата корисниците имаа можност да добијат козметички и фризерски третмани по нивна желба. На 3.12.2019 се организираше официјално отворање на дневниот центар. На настанот присуствуваа Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, претставници од локалната самоуправа, од РЦПЛИП – ПОРАКА, ученици од СОУ „Ѓорче Петров” и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп. Во рамките на овој настан, корисниците на дневниот центар заедно со ученици од СОУ „Ѓорче Петров” пишуваа пораки за значењето на оваа сервисна служба во заедницата. На 19.12.2019 корисниците на дневниот центар заедно со дел од учениците од СОУ „Ѓорче Петров” и учениците од ООУ „Кочо Рацин”, на градскиот плоштад подаруваа рачно изработени честитки и гласило на РЦЛИП – ПОРАКА. Целта беше подигнување на јавната свест кај граѓаните во однос на лицата со интелектуална попреченост, испраќајќи ја пораката дека и тие се дел од ова општество и дека се корисни граѓани и допринесуваат во неговото функционирање.
ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка традиционално секоја година, по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост организира и спроведува конкурс за изработки на ликовни и литературни творби на кои учествуваат учениците од основните училишта на ниво на општините Крива Паланка и Ранковце. На 28.11.2019 година беа избрани најдобрите творби од конкурсот и на наградените ученици им беа доделени дипломи. Истиот ден беа реализирани и посети во домовите на три семејства кои имаат членови со интелектуална попреченост.
ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија, во рамки на одбележувањето на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост реализираше низа активности. На 3.12.2019 ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија со своите членови активно се вклучи во настанот организиран од Заедницата на инвалидски организации во Гевгелија, под мотото: „И НИЕ ПОСТОИМЕ”. Настанот започна со дефиле кое се движење од Центарот за социјална работа – Гевгелија до театарот во Гевгелија. Во рамки на дефилето 7 членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија, заедно со нивните мајки зедоа активно учество, а покрај нив учествуваа и претставници од Центарот за социјална работа, од сите здруженија на лица со попреченост заедно со нивните членови и поддржувачи. Целта беше зголемување на видливоста на лицата со попреченост, проблемите со кои се соочуваат, како и подигнување на јавната свест во насока на еднаквост и прифаќање на овие лица. Дефилето заврши во Народниот театар во Гевгелија каде пред граѓаните се обратија претседателите на сите здруженија. Тие побараа од државата и, пред се од локалната самоуправа подобрување на условите за живеење, вработување на работоспособните членови на овие здруженија без никаква дискриминација. Претседателката на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија се обрати пред присутните гости на настанот, притоа истакнувајќи ги проблемите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Притоа побара од Градоначалникот и Општината да се вложат повеќе напори за институционална поддршка на овие лице и делување на промена на политиките кои ги засегаат овие лица. За време на настанот пред присутните се обрати и градоначалникот на општина Гевгелија, кој истакна дека општината и досега излегувала во пресрет на барањата на лицата со попреченост, и тоа ќе го прави и во иднина, пружајќи им помош и поддршка. Како и создавање напори за отворање нови програми и сервиси кои ќе бидат согласно потребите на лицата со посебни потреби. Одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, членовите на гевгелиските здруженија го завршија со пригодна културно уметничка програма.
ЦПЛИП – ПОРАКА Штип, 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, го одбележа со повеќе активности. Се реализираше посета на Територијалната противпожарна единица во Штип каде членовите се запознаа со улогата, значењето и важноста од постоењето на оваа служба во секојдневното живеење во спасување на животот во пожари, несреќи. На покана од ДСУ „ИСКРА”, членовите на организацијата присуствуваа на приредбата подготвена по повод 3-ти декември и во друштво со учениците поминаа прекрасни моменти. Во оправдано отсуство на градоначалникот, Билјана Казанџиска – претставник од локалната власт, ги посети членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип и ја истакна заложбата и поддршка на Општина Штип за оваа категорија лица за реализирање на нивните потреби. На 3.12.2019 год. во 18 часот во Дом на млади – Штип се одржа централното одбележување на овој ден. Програмата беше збогатена со музички и сценски настап од членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип заедно со членови на градскиот хор од Штип, на школата за фолклор при Академијата ЕУРО АРТ, балетска група Street Dance Urban Crew, песни и рецитали од членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип. На настанот се прогласија и се доделија наградите за освоено прво, второ и трето место на учениците од основното училиште Славејко Арсов – Штип за најдобра напишана поезија и проза на тема „Мојот пријател инвалид”. На 23.12.2019 беше отворен дневниот центар за лица со интелектуална попреченост над 18 годишна возраст. На отворањето присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, Градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски, директорот на ООУ „Гоце Делчев” Штип, Трајче Димов, претседателот на РЦПЛИП – ПОРАКА, Чедомир Трајковски, претставници на извршната канцеларија на РЦПЛИП – ПОРАКА, претставници на општина Штип, претставници на јавните претпријатија, институции и установи, претставници на бизнис секторот од општина Штип, невладини организации, родители, граѓани и безброј останати поддржувачи. ЦПЛИП – ПОРАКА Штип додели признанија и благодарници на лицата кои придонесоа за отворањето на дневниот центар.