Активности на локалните организации на РЦПЛИП - ПОРАКА

Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА по повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост

ЦПЛИП – ПОРАКА Штип го одбележа 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост со повеќе активности, а во рамки на темата дадена од Обединетите нации: „Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост”. На 23.11.2018 година во ООУ „Гоце Делчев” се одржаа спортски игри во кои активно учество зедоа членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип и ученици од ова училиште. Воедно оваа манифестација беше искористена за да му се врачи Благодарница на директорот на училиштето за успешната соработка и поддршка дадена во реализацијата на дел од активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип. На 30.11.2018 година во 18:00 часот во Уметничката галерија „Безистен” Штип беше отворена изложба на ракотворби и цртежи на членовите на ЦПЛИП -ПОРАКА Штип. На овој културно – уметнички настан, збогатен со содржини од хорско пеење, инструментална изведба, модерен балет и фолклор, учество зедоа членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип заедно со ЗГ Градскиот хор од Штип. Исто така, членовите на ЦПЛИП -ПОРАКА Штип заедно со школата за фолклор при Академијата ЕУРОАРТ се претставија со репертоар од игри и песни. Потоа следеше настап на балетската група Гет фит, а во дел од настапот се приклучија и членови од ЦПЛИП – ПОРАКА Штип. На настанот присуствуваа претставници од општина Штип, Претседателот на Советот на општина Штип, претставници на бизнис секторот, претставници од училиштата во општината, ученици од ДСУ „Искра”, како и многубројни граѓани, поддржувачи на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип. Воедно, во текот на настанот се доделија Благодарници на сите оние институции и организации кои во текот на изминатата година дале придонес за инклузивен, рамноправен и еднаков третман на лицата со интелектуална попреченост. На 3.12.2018 година, во просториите на ЗИО – Штип се одржа средба со градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, и претставници на локалната самоуправа. На средбата се укажа на потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост во секојдневното живеење, како и предлози со решенија за нивно надминување. На 4.12.2018 година членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип присуствуваа на мултимедијалниот концерт „Види ме” кој се одржа во Македонската филхармонија во Скопје, а во изведба на ученици со оштетен вид од ДУРМОВ „Димитар Влахов” со поддршка од ученици од МБУЦ „Илија Николовски – ЛУЈ”. Сите настани беа медиумски покриени од ТВ Стар, ТВ Ирис и Канал плус.
Во рамките на одбележувањето на 3ти Декември, ЦПЛИП – ПОРАКА Битола во својата програма реализираше неколку активности во соработка со Педагошкиот факултет од Битола, Црвен крст – Битола, и одделот за Трансфузиологија – Битола. На 28.11.2018 година во просториите на Социјалниот клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола беше одржано предавање за основните елементи на доброволното дарување крв, а со цел поттикнување на младата популација како идни крводарители пред присутните членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола и пред поканети млади гости од др. Дијана Димитрова – регионален центар Битола. На 3.12.2018 година во организација на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола и Педагошкиот факултет Битола (Проф.Др Марија Ристевска, и Проф.Др. Билјана Граматковски) од 10:00 до 11:30 часот беше одржан настан со мото ,,Под ова небо исти сме 2” во амфитеатарот на факултетот. За време на настанот со посебен елан и гордост успеавме да ги покажеме талентите, вештините и ракотворбите на лицата со интелектуална попреченост, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола. Следеше разговор за дискриминацијата, предизвиците и проблемите со кои лицата со интелектуална попреченост и нивните родители се соочуваат во секојдневниот живот. После завршувањето со дискусијата која се разви меѓу присутните, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола настапија со изведба на музички точки во придружба на хармоника. Во продолжение на настанот, во читалната на факултетот се одржа изложба на цртежи – тетоважи од нашиот Васко Војновски, цртежи од Никола Ристевски, како и творби од корисниците во Социјалниот клуб, односно она што се работеше во текот годината. Во рамките на одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост, а во соработка со Црвен крст – Битола, во просториите на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола беше организирана втората по ред Крводарителска акција при што беа донирани 13 крвни единици, со присутност на 25 крводарители, а во дарувањето учествуваа и волонтери на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола.
ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп, 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, го одбележа во просториите на социјалниот клуб. Одбележувањето започна во 13 часот, а присутни беа директорот на Центарот за социјална работа, директори и претставници од основните и средните училишта, родители на лица со попреченост и корисниците на социјалниот клуб. Настанот го водеше Филип Иваноски, ученик во Средното медицинско училиште и кој што е активно вклучен во реализирање на активностите во клубот. На настанот говореа претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп, потоа волонтерот во социјалниот клуб, Александра Димеска, која ги прикажа активностите кои што ги реализираат корисниците во социјалниот клуб и укажа на потребите за да овој социјален клуб премине во дневен центар. На видео-бим беа прикажани активности реализирани во социјалниот клуб. Следуваше презентација за Статусот на лицата со попреченост во општеството презентирани од ученикот Филип Иваноски. Дајте ни крилја – дело на Ивона Дамеска лице со церебрална парализа беше презентирано од страна на корисници од социјалниот клуб Васе Матевска, Сара Героска и Марија Јосифоска. На крајот Давид Алјакоски брат на лице со интелектуална попреченост изведе своја точка на синтисајзер така што направи одлична забава на која што уживаа сите присутни. На крајот се доделуваа благодарници за сите оние кои ја даваат целосната поддршка и помош во реализирање на сите активности во клубот. Во одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост се вклучија и локалните медиуми, кои ги пренесоа пораките на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп и неговите членови во јавноста.
ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија, овогодинешното одбележување на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележа со организирање на јавна трибина на тема: „Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост. Трибината се одржа во просториите на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија, а присутни беа градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, други претставници од локалната самоуправа, соработници од институциите на локално ниво, членови на организацијата и други заинтересирани граѓани. Дискусијата започна со начините за инклузивен, рамноправен и одржлив развој во заедницата. Се потенцираше потребата од урбан развој на општина Гевгелија, безбедни и пристапни улици и тротоари, одбележување на паркинг простор за моторни возила на повеќе места во градот. Трибината продолжи со разговор за тековниот процес на деинституционализација во нашата држава, за правото на самостојно живеење и вклученост во заедницата со можности за избор на сервисни служби за поддршка во заедницата и во домашни услови. Преку дискусијата на локалните власти повторно им се укажа од потребата од постоење различни облици на сервисни служби за поддршка во местото на живеење. Се потенцираше обезбедувањето на еднаков пристап до инклузивното образование и до можностите за вработување на лицата со интелектуална попреченост. На крајот од трибината, присутните имаа можност да ја разгледаат поставената изложба од ракотворбите на лицата со интелектуална попреченост, членови на социјалниот клуб во ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија.
ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, во соработка со СОУ „Крсте Петков Мисирков”, а под покровителство на градоначалникот Марјанче Стојановски и со поддршка од Советот на Општина Демир Хисар, на 27.11.2018 год., во просториите на СОУ „Крсте Петков Мисирков”, Демир Хисар свечено го одбележаа 40 годишниот јубилеј од своето делување, а воедно го одбележаа и меѓународниот ден на лицата со попреченост. За 40 годишното делување на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар зборуваше г-дин Љубе Димчевски, претседател на организацијата. Центарот е формиран на 26-ти ноември 1978 година, а од 2003 година опстојува под името Центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Демир Хисар. ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар учествуваше во сите активности кои ги спроведуваше РЦПЛИП – ПОРАКА, меѓу кои поголем број кампањи самоиницијативно на локално ниво преку организирање на конференции, трибини, работилници, манифестации, конкурси за литературни и ликовни творби.
Соработката со локалната самоуправа е задоволителна преку дадената поддршка. Исто така, се нагласи дека соработката во изминатиот период беше на високо ниво и со општинските училишта, со Фондот за здравство, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, ЈЗУ Здравствен дом и Психијатриската болница, Јавни претпријатија, приватниот бизнис сектор како и поголем број Здруженија на граѓани од општината.
Најзначајно е тоа што ЦПЛИП – ПОРАКА, Демир Хисар обезбеди простории за работа и отвори социјален клуб за лицата со тешка и умерена попреченост”, – истакна Димчевски. На одбележувањето беа присутни градоначалникот Стојановски, директори на Јавни установи, локални институции, родители, ученици и здруженија на граѓани. Присутните ги поздрави г-дин Марјанче Стојановски, градоначалник на Општина Демир Хисар, кој рече дека особена чест и задоволство е да се биде дел од овој голем јубилеј – 40 години успешна и активна опстојба на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар.
„Треба да бидеме и да се однесуваме подеднакво одговорни кога е во прашање интеграцијата во општеството на лицата со попреченост и да создаваме нови можности и тие да го дадат својот придонес во општеството до оној степен до кој можат. Нашата поддршка е скромен придонес во активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, но е чесен придонес и показател колку ние како општина сме посветени на решавањето на проблемите и специфичните потреби на лицата со интелектуална попреченост. Општина Демир Хисар ќе продолжи да обезбедува поддршка во рамките на своите можности, поддршка во човечки ресурси и друг вид организационо – техничка помош на активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар. Ви го честитам четиридеценискиот јубилеј и претстојниот Меѓународен ден на лицата со попреченост, 3 декември и Ви посакувам добро здравје, лична среќа и радост во вашите семејства”, – истакна градоначалникот Стојановски.
На свечената церемонија пред присутните се обрати и директорот на Центарот за социјална работа – Демир Хисар, Димче Митревски кој истакна и посебно ја акцентираше соработката со Центарот при откривање на лицата со интелектуална попреченост преку посебни стручни комисии. За успешната долгогодишна соработка помеѓу СОУ „Крсте Петков Мисирков” и ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, накратко говореше директорката на училиштето Лозановска која потенцираше дека и во иднина ќе продолжи соработката согласно потпишаниот Меморандум. Како израз на признание за успешна соработка во спроведувањето на програмските активности на подрачјето од Општина Демир Хисар, доделени беа и плакети на РЦПЛИП – ПОРАКА и Општина Демир Хисар. На долгогодишните членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и за нивна долгогодишна активност доделени се признанија на Јован Трајковски и Љубе Димчевски. За долготрајната соработка и поддршка на активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар во унапредувањето на човековите и другите права на лицата со интелектуална попреченост, доделени беа благодарници на сите активни чинители во општината кои дале свој придонес во унапредување на правата на лицата со интелектуална попреченост на локално ниво. Во рамките на одбележувањето на овој јубилеј беше распишан конкурс за ликовни и литературни творби на тема: „Подигни ја надежта”. Пристигнатите творби и цртежи беа разгледани од посебни комисии каде што беа прогласени наградените. На крајот присутните ја разгледаа изложбата направена од ликовните творби пристигнати на конкурсот.
ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица оваа година го одбележа 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост со повеќе активности на 3.12.2018 г. (понеделник), а планирани се активности за одржување и деновите после тој датум, односно целиот месец декември, до крајот на годината. Првата активност на 3-ти Декември беше посета на ПОУ „Св. Климент Охридски” – Ново Село, во кое учат од прво до деветто одделение деца со интелектуална попреченост. Во рамки на оваа посета, стручните тимови на ЦПЛИП-ПОРАКА Струмица и училиштето разговараа за новите предизвици со кои се соочуваат децата, учениците и лицата со интелектуална попреченост, кои се новините во работата во училиштето, кои се програмските активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, се усвоија заклучоци за идни соработки на организацијата и училиштето и сл. Членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица во изминатиот период собираа облека која ја сортираа во посебни пакети за донација и истите ги донираа во училиштето за децата кои имаат потреба од облека, а се сместени во интернатот на училиштето. Исто така, се донираше и зимница, односно секој член донираше по 2 – 3 тегли зимница за кујната на училиштето. Беше предвидено учениците да имаат генерална проба, односно да ја одиграат претставата која ја подготвуваат по повод патронот на училиштето, а членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица истата да ја проследат. Но, бидејќи оваа претстава се изведе како дел од вечерната програма по повод 3-ти Декември, ова беше заменето со меѓусебна дружба на членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица со учениците и наставниот кадар. Главната активност за одбележување на 3-ти Декември беше вечерен настан со изложба на креации произлезени од серијата креативни работилници кои ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица ги реализираше во текот на 2018 година. Овие работилници беа дел од програмските активности кои беа финансирани во еден дел од Општина Струмица преку В2 Програмата за социјална заштита – Трансфер до НВО за 2018 година, а во друг дел од РЦПЛИП – ПОРАКА. Програмските активности беа со наслов: „Преку креативност поблиску до социјална инклузија”. Дел од изработените креации кои беа изложени на настанот беа со новогодишно-божиќни мотиви, изработки од глина, стакло и други материјали. Настанот се одржа во Дом на АРМ Струмица, во големата сала, со почеток од 18:00 до 19:30 часот. Пред официјалното отворање на изложбата и продажбата на креациите, најпрвин се даде краток осврт/говор за значењето на 3 Декември и правата на лицата со попреченост, како и за главната цел на реализација на програмските активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и значењето на социјализацијата и инклузијата на лицата со попреченост во општеството, најмногу преку доближување до нивните врсници без пречки во развојот преку заедничко дејствување и работа. Потоа, ученици од ООУ „Видое Подгорец” и ООУ „Никола Вапцаров” – Струмица, се претставија со рецитали/мини драми за еднаквоста на децата, во кои вклучени беа и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, односно и лица со интелектуална попреченост, со што се пренесе порака за еднаквост, заедништво и потребата од поголема инклузија во сите пори на општеството. Исто така, на настанот се изведе и претставата на ПОУ „Св. Климент Охридски” – Ново Село. По завршување на настапите, гостите ги разгледуваа креациите и ракотворбите и ги купуваа. На овој настан беа присутни Градоначалникот на општина Струмица, г-н Коста Јаневски, членови на Советот на општина Струмица, Советникот на Претседателот на Владата на Република Македонија за лица со попреченост, г-н Спасе Додевски, директори, дефектолози, психолози, социјални работници и логопеди од основни и средни училишта од општина Струмица, родители, претставници на младински организации, невладини организации и други организации и институции. Покрај овие два настана, истиот ден беше одржана и средба со Градоначалникот на општина Струмица, г-н Коста Јаневски, на која присуствуваше претставник на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, како и претставници на други организации од областа на социјалната заштита и кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост. На средбата се дискутираше за новите предизвици и проблеми со кои се сочуваат лицата со попреченост во локалната заедница, отпочнувањето на користењето на локален превоз за лицата со попреченост опфатени во училиштата и Дневниот центар за деца со посебни потреби, започнувањето со имплементацијата на новиот локален Акциски план за социјална заштита кој опфаќа проекти за подобрување на условите за живеење во локалната заедница за различни категории на лица со попречености, за потребата од справување на архитектонските бариери во градот, проширување на стручниот кадар во детската градинка за подобрување на работата со децата со попречености, за новиот Закон за социјална заштита и слични прашања и проблеми. Исто така, беше разговарано и за решавањето на прашањето со просторот каде се одвиваат активностите на Социјалниот Клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, односно непостоењето на официјален договор за отстапување и користење на просторот од страна на Општината во корист на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, што остана како отворено прашање за разгледување на опциите и можностите и негово решавање, за што ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица дополнително ќе се обрати до надлежните служби во Општината заради заедничко решавање.
ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш со свои активности на локално ниво пригодно го одбележа 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Програмата за одбележување на овој ден ги следеше насоките и годинешната тема предложена од Обединетите нации “Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост”. Се реализираа низа активности, од кои првата беше посета на ООУ „Коста Рацин” во с.Подареш. Корисниците на дневниот центар на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш заедно со учениците од ова училиште присуствуваа на час по музичко образование и на час по ликовно образование при што се запознаа и се обидоа да свират со најразновидни музички инструменти. На часот по ликовно образование заеднички нацртаа пораки, покажувајќи дека секој треба да ја почитува различноста во можностите и потребите. На 29.11.2018 година, корисниците на дневниот центар – ПОРАКА Радовиш и нивни родители беа во посета на Градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов. На средбата се разговараше за активностите кои се реализираат во оваа сервисна служба, но и за проблемите и потребите на овие лица во општината и начините за нивно надминување. На 3 Декември, во просториите на дневниот центар – ПОРАКА Радовиш, се одбележа меѓународниот ден на лицата со попреченост. Присутни беа голем број гости од локалната самоуправа, бизнис секторот, јавните институции на локално ниво, основните и средното училиште, невладини организации и родители на лица со интелектуална попреченост. За време на настанот се говореше за правата, потребите и можностите на лицата со попреченост, нивната инклузија во општественото живеење. ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш, во рамките на настанот, како знак на благодарност додели благодарници на јавни институции, компании и поединци кои во изминатата година дадоа поддршка во функционирањето на сервисната служба и во унапредувањето на правата на лицата со интелектуална попреченост. Воедно, во просториите на дневниот центар беше поставена изложба на рачни изработки од корисниците, која беше од продажен карактер. Собраните средства ќе бидат наменски искористени за набавка на материјали потребни за реализација на работно-окупационите активности во дневниот центар.
ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка, оваа година на 30.11.2018 година организираше настан во спортската сала на ООУ „Јоаким Крчовски” на кој присуствуваа градоначалникот на општина Крива Паланка и претставници на локалната самоуправа, директорот на Центарот за социјална работа заедно со дел од вработените, ученици и професори од основите и средните училишта во општината, лица со попреченост и нивните родители како и останати заинтересирани граѓани. Во салата беа изложени ликовните творби кои учествуваа на конкурсот спроведен од ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка во основите училишта во општините Крива Паланка и Ранковце на тема „Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост”. Во текот на овој настан се проследија програмите и настапите подготвени од училиштата и Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост во Крива Паланка. На крајот се прочитаа наградените литературни творби, а претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка ги додели признанијата на наградените ученици. Исто така, ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка реализираше посета на семејства кои имаат лице со попреченост и им беше донирана облека. На 3.12.2018 година пред просториите на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост, а во присуство на корисниците и други гости беа прикажани возилото и опремата на противпожарната едница од Крива Паланка кои се користат во интервенции.
ЦПЛИП – Македонска Каменица, оваа година по повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост организираше модна ревија на која членовите на организацијата беа манекени и манекенки. Модната ревија се одржа во Домот на културата во Македонска Каменица, а за време на ревијата членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица имаа и програма со песни и музика.
Настанот го помогнаа ученици и професори од СОУ „Миле Јаневски – Џингар” и КИЦ Романса – Македонска Каменица. Исто така членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица остварија средба со градоначалничката на општината, Соња Стаменкова, на која директно разговараа за проблемите и потребите на овие лица на локално ниво.
ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје реализираше низа активности по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 26.11.2018 година се спроведе работилница со студенти од Институтот за дефектологија при Филозофскиот Факултет и корисниците на услугите на дневните центри на ПОРАКА Скопје. На 27.11.2018 година се реализираше работилница со активистите на граѓанското здружение за морални и духовни вредности „Изгрев” и корисниците на услугите на дневните центри на ПОРАКА Скопје. На 29.11.2018 година, во Македонскиот народен театар корисниците на дневните центри на ПОРАКА Скопје го проследија петтото јубилејно издание на манифестацијата „Игри без граници – Театар без дискриминација”. На 3.12.2018 година, претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје учествуваа на настан организиран од страна на Црвениот крст на Град Скопје по повод одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 5.12.2018 година ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје учествуваше на НВО Саем на Град Скопје во просториите на Народната Универзитетска Библиотека „Св.Климент Охридски”. На 8.12.2018 година со почеток во 20:00 часот во мултимедијалниот центар „Мала Станица” беше прикажан актерскиот перформанс „ОКСИГЕН”, подготвен и режиран од страна на актери од „Театар Пи”. Главни актери во оваа претстава беа десетина корисници на дневните центри на ПОРАКА Скопје.
ЦПЛИП – ПОРАКА Виница овогодинешното одбележување на 3 декември го реализираше во соработка со Музејот „Теракота”, а со поддршка од локалната самоуправа. За таа цел на 28.11.2018 година, а под мотото „Попреченоста во фокусот”, беше организирана манифестација на која се презентираа активностите преземени во текот на годината во рамки на проект во кој заеднички учествуваа Музејот „Теракота”, ЦПЛИП – ПОРАКА Виница и дневниот центар за лица со попреченост во Виница. Беше поставена изложба „Стара архитектура” со триесетина фотографии направени од лица со интелектуална попреченост, како и рачни изработки на овие лица. Изложбата беше од продажен карактер, а собраните средства наменети за дневниот центар за лица со попреченост во Виница. На завршницата од настанот настапија ученици од ООУ „Гоце Делчев” со забавна музичка програма, како и танцувачката група Данцерс Унитед МК. На 3.12.2018 година претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница остварија средба со градоначалникот на општината, Ивица Димитров, на која се разговараше за потребите на лицата со интелектуална попреченост на локално ниво.
ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар реализираше манифестација на која присуствуваа граѓани, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар, претставници на локалните институции и бизнис секторот. На настанот присуствуваа и гости од Фондацијата Изгради ја иднината од Тирана, Република Албанија. За време на настанот се презенти-раа активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар во изминатата година, како и идните активности кои се планира да се реализираат. Претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар говореше за проблемите на лицата со попреченост во општината, но се фокусираше и на правата и интересите на лицата со интелектуална попреченост, како и на придобивките кои ќе произлезат од процесот на инклузија на овие лица со секој аспект на социјалниот, економскиот, културниот и политичкиот живот во нивните заедници. Пред крајот на самиот настан, учениците од ООУ „Саид Најдени” се претставија со уметничка програма.
ЦПЛИП – ПОРАКА Велес Меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележа во согласност и следејќи ја овогодинешната тема од Обединетите нации – „Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост”. Идејата беше да се прикажат способностите на лицата со интелектуална попреченост и истите успешно да се вклучат во општествената заедница. Поаѓајќи од тоа, тројца млади актери од НУЦК „ЈХК Џинот”- Велес (Талија Настова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаиловски) и режисерот Ненад Витанов, склопија кратка претстава „Волк и мачор” во која активно беа вклучени ученици со интелектуална попреченост од ПОУ „Маца Овчарова”- Велес. Учениците во текот на месец ноември активно се спремаа и редовно одржуваа проби со нивните „колеги” од театарот. Претставата беше прикажана пред Градоначалникот на Општина Велес, претставници од УНИЦЕФ и претставници од други организации и јавни институции од градот и пошироко, пред соучениците од ПОУ „Маца Овчарова” и нивните родители, во склоп на одбележувањето на овој значаен ден, во просториите на ПОУ „Маца Овчарова”. На 29.11.2018 година членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес традиционално учествуваа на Републичка грнчарска ликовна работилница, од инклузивен карактер, која по 22-ри пат се одржува во организација на ПОУ „Маца Овчарова”, под покровителство на Општина Велес, а на која учествуваат ученици од сите посебни основни училишта и паралелки од земјата и ученици од редовните основни училишта од општините Велес, Чашка и Градско.
ЦПЛИП – ПОРАКА Делчево, оваа година 3 декември го одбележуваше во соработка со локалната самоуправа и центарот за социјална работа, поточно дневниот центар за деца со попреченост. Една од активностите беше присуство на театарска претстава „Збунетиот волк и Црвенкапа” што ја изведоа актери од штипскиот театар во кино салата во Делчево. На 3.12.2018 година во Домот на Културата – Делчево се постави ликовна изложба на цртежи од ученици од основните училишта во општината. Изложбата се организираше под мотото Денови на хуманост. На изложбата присуствуваа Градоначалникот на општина Делчево, претставници на локалната самоуправа и другите јавни институции, претставници на бизнис секторот и други заинтересирани граѓани. Во соработка со Црвен крст – Делчево се организираше акција за донирање облека која на 6.12.2018 година се однесе во Специјалниот завод – Демир Капија. За време на посетата претставниците на ЦПЛИП – ПОРАКА Делчево имаа можност да се видат со штитениците од Заводот кои се од нивната општина.
ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци го одбележа 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост имајќи ја предвид овогодинешната тема „Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост” и реализираше неколку активности. На 24.11.2018 година членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци беа во посета на манастирот „Св.Ѓорѓи” во близина на Неготино. На 30.11.2018 година беше организирана посета на противпожарната единица на општина Кавадарци. За време на посетата, членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци се запознаа со опремата која ја користат пожарникарите во нивната работа, а дел од нив беа накратко пуштени за да се види нивната функција. Последната организирана активност беше посета на театарот при Домот на културата во Кавадарци „Иван Мазов – Климе”. Актерите ги прошетаа присутните низ просториите каде се изведуваат театарските претстави и во просторијата каде се чуваат костимите кои се составен дел од театарските претстави. Локалните медиуми ги покрија настаните кои ги организираше ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци.
ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово, по повод 3 Декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, реализираше неколку активности. Претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово остварија средба со Градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, на која разговараа за проблемите и потребите на лицата со интелектуална попреченост во севкупниот општествен живот. Со почеток во 12 часот, во културниот дом „Иљо Антевски – Смок” Тетово, децата со интелектуална попреченост, ученици во посебните паралелки при ООУ „Лирија” и ООУ „Симче Настовски од с.Вратница, како и децата од Дневниот центар во Тетово имаа културно уметничка програма. Во рамки на основните училишта каде има посебни паралелки, учениците со интелектуална попреченост за своите соученици реализираа музички и танцови настапи и имаа поставени и ликовни изложби.

Scroll to Top
Skip to content